Уживањето тутун е штетна навика, вели официјалната медицина, иако има доктори кои тврдат дека пушењето е дури и корисно, особено кога се консумира чист тутун, без адитиви. Ако сте како авторот на овој текст, ниту првото тврдење ве одвратило од пушење, ниту пак второто ве успокоило во однос на здравствените ризици – пристапот кон проблемот ви е свесно хедонистички и не препознавате кај себе значајни симптоми на никотинска зависност и орална фиксација што ве напаѓа од потсвесното (според Фројд, првата фаза од психосексуалниот развој на човекот се одвива во текот на доењето, кое, во случај да е прекинато на фрустрирачки начин, незадоволеното либидо кое во тој период е концентрирано и се задоволува преку устата, со цицањето, може да се фиксира и понатаму во животот да бара устата постојано да е „ангажирана“, со што, покрај останатото, психоанализата ја објаснува и склоноста кон пушење).

Со години сум уживател на тутун, во форма на цигари, пури (и во двата случаи сум налетувал на добри парчиња), но само лулето ми ги отворило хоризонтите кон она што, според моето искуство, е ултимативно тутунско задоволство.

Пушењето луле подразбира процес на учење, за да се контролираат факторите што влијаат на доживувањето, од видот – какво луле се користи за кој тутун, колку е истиот влажен или сув, што пиеме во тек на „ритуалот“, како ни се одржувани лулињата …

Грижата за инструментот, за лулето, почнува од неговата прва употреба, со таканареченото „упушување“, неопходно за да се создаде тенок карбонизиран слој пепел на внатрешните ѕидови и на дното на лулето (таканаречен cake – ако одлучите да почнете да пушите луле, секако консултирајте упатства за да избегнете грешки што можат да ви го уништат инструментот уште при првата употреба).

На пушачот на луле не му е доволно едно, туку му требаат повеќе лулиња, зашто по пушењето лулето треба да се олади, убаво да се исчисти, и да се „одмори“ барем еден ден. Некому овие „лулашки“ обврски можеби ќе му изгледаат спротивни на мотото дека „пушачот на луле е господар на тутунот, а пушачот на цигари негов роб“, но за поклониците ова е дел од задоволството, од „ритуалот“.

За разлика од пушачите на цигари, „лулашите“ во дневна ротација имаат по неколку различни мешавини (блендови) тутуни, а повеќето од нив поседуваат колекции што ги чуваат на некое темно и суво место, складирани на подолго време, знаејќи дека тутуните во херметички затворени лименки созреваат како вино.

Лично имам седум лулиња, вклучително неколку „кастм мејд“ од познати мајстори како Mastro de Paja, но најдраго ми е лулето што ми го подари „пајп мејкерот“ Домагој Телишман, уште во 2010 година, кога неговите Dotterpipes тукушто почнуваа да се пробиваат на светскиот пазар (на приложената фотографија е односното луле, заедно со придружниот „тампер“ изработен од Dotter).   

Загрепчанецот Домагој, кој по професија е графички дизајнер, почнал да изработува лулиња во 2006 година, за во 2014 да ја напушти работата од струката за да се посвети само на Dotterpipes. Лулињата од овој, веројатно најдобар мајстор за лулиња од регионот, 90% одат во странство – 10% остануваат во Хрватска. Цените им почнуваат од 250 евра, а Домагој ги изработува од фосилен даб, од маслиново дрво, и секако од најчестиот материјал за лулиња, што е вресот (грмушка, односно мало дрво, главно раширено во медитеранскиот регион).

Карактеристика на квалитетните тутунски мешавини за луле е комплексноста; многу од нив го менуваат вкусот од почетокот на пушењето, преку средината, и на крајот.

Ако треба да препорачам некоја лулашка микстура, прв избор, без размислување, би бил Penzance на Esoterica Tobacciana, кој, за голема жал, со години не може да се најде. Станува збор за балканска микстура, произведена по комплексен таен рецепт што вклучува најфина вирџинија, селектиран ориентал и кипарска латакија, рачно блендирани. Penzance е единствена микстура од која поради незаситност сум почувствувал симптоми на никотинско труење.   

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here