Светот во кој живее и единствениот што човештвото го познава е воз, кој патува без можност да запре, кон урнат мост. Луѓето во расказот што е носечки во збирката што ја рецензираме, а чие име го носи и споменатиот воз, „Жолта стрела“, си ја прифатиле оваа судбина на живот во „затвор“ на шини, што на крајот извесно ќе заврши со смрт.

Според авторот, Виктор Пелевин, не е тешко да се поверува дека луѓето би се помириле со ваквиот живот, додека сметаат оти поинаков не е можен, и покрај тоа што низ прозорците на возот гледаат и кон поубави хоризонти. Зашто Пелевин, подметнувајќи го (како и секогаш  во своето творештво) будистичкиот светоглед како поттекст, смета дека не е ништо полесно да се поверува оти како луѓе прифаќаме да живееме/страдаме и во овој свет, што го сметаме за реален, кој и самиот, „вклучувајќи нѐ и нас самите, постои само кога ќе доспее во сферите на свеста“.

А и оваа свест нема свое себство, ќе рече Пелевин преку ликот Дракула во друго свое дело („Бетмен Аполо“), зашто „јас настанува само во оној миг што го нарекуваш „токму сега“, но во текот на тоа кратко постоење, тоа „јас“ е уверено дека било и ќе биде секогаш“.

Оттука во „Жолта стрела“, „минатото е локомотивата што по себе ја влече иднината … а за да се симнеш од возот, потребен е билет“ (за да се качиш одлучила кармата без да те праша – па, нели и не постои јас; а за да слезеш треба да платиш). Цената на овој билет, според Пелевин, е да се ослободиш од себе, да го снема „твоето“ јас, зашто возот ќе престане да постои кога ќе го нема оној што е заробен во него проектирајќи го во „сопствената“ свест.

Виктор Олегович Пелевин

Но, премногу заглавивме во будизмот на Пелевин, кој, патем речено, воопшто не пречи да се ужива во делата на врвниот руски писател, дури и ако не ви е многу мила философијата потекната од „Разбудениот“.

Само уште ќе споменеме дека името на возот, „Жолта стрела“, е извлечено од метафората за луѓето како зраци светлина, кои својот пат го почнуваат на површината на Сонцето, прелетуваат преку огромната празнина на Вселената, се пробиваат низ повеќекилометарското небо, за (понекогаш) по сето тоа да згаснат на „одвратните остатоци од вчерашна чорба на чаршав на маса во вагон-ресторан“. Пелевин, продлабочувајќи ја метафората, пишува дека „лесно би можело овие зраци – жолти стрели, да поседуваат свест, надеж за подобро, како и разбирање за неоснованоста на оваа надеж; односно, како и човекот, да ги имаат на располагање сите состојки неопходни за страдање“.

Во „Жолта стрела“ Пелевин не пропуштил да се позанимава и со својата втора омилена тема, феноменологијата на посткомунистичкото општество во Русија, со сите менталитети и општествени појави изродени од нив од Перестројката наваму. Така, на пример, во возот се развива криминал, што протагонистите без еуфемизам го нарекуваат бизнис, со шверцување на тоалетна хартија, лажички за чај, брави за врати … украдени од вагоните, за што таму функционира и берза, со свој курс за цените на металите од кои е направен дел од шверцуваната роба. „Бизнисот“ оди и на Запад, зашто во непрегледната низа од вагони е сместен целиот свет, со погранични платформи меѓу државите; и секако, како се оди кон Запад, сѐ е подобро, како што би рекол Пелевин, „во илузијата за реалниот свет“.

Изданието на збирката „Жолта стрела“ што го рецензираме содржи уште десет раскази, од кои ги издвојуваме „Потеклото на видовите“ (во кој Чарлс Дарвин откако физички се пресметува со орангутан и горила, и ги победува, заклучува дека „еволуциската“ предност над човеколиките мајмуни може да се почувствува само преку борба, „беспоштедна, сурова борба за правото да се дише овој воздух, да се гледа ова море и овие галеби“), „Оружје на одмаздата“ (за тајното оружје што наводно го развивале инженерите на Рајхот пред крајот на Втората светска војна за да го свртат текот на настаните; односно, дека истото, иако не постоело надвор од сферите на пропагандата, имало, во различни свои инкарнации, поголем ефект од какво и да е реално супер-оружје) и „Деветтиот сон на Вера Павловна“ (Вера е хигиеничарка во јавен тоалет во Москва, од која почнува Перестројката, додека никој друг во Русија не сфаќа зошто учествува во настаните што доведоа до конечен пад на комунизмот).

Виктор Пелевин (за незапознатите со неговото творештво) е автор со неисцрпна креативност за смислување неверојатни, неверојатно добри приказни; одличен раскажувач со широко и длабоко знаење; енигматичен поради своето скржаво комуницирање со јавноста. Најпознат е по романите „Генерација П“, „Чапаев и Празнината“, „Животот на инсектите“, „S.N.U.F.F.“ …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here