Со години, особено од почетокот на ерата на паметните телефони, ја слушаме фразата за канцеларијата што можеме секаде да ја носиме со себе. Но, впечаток е дека недоволен број луѓе користат апликации дизајнирани за да им го олеснат професионалниот (и приватниот) живот: експерти се за Facebook, но од друга страна не знаат дека кога ќе им снема меморија поради многу фотографии на смартфонот, можат истите да ги бекапираат во „облак“, на пример со Google Photos, и да ја ослободат меморијата на уредот.

Проблемот кај дел од овие луѓе е предрасудата дека подесувањето и користењето на одредени апликации е комплицирано, а всушност е поедноставно од подесувањата што сите ги прават на Facobook, од видот – кој може, а кој не, да гледа што постираат.

Ние нема, наспроти она што го имплицира насловот на овој текст, да се занимаваме со сите елементи на мобилната канцеларија (претпоставката е дека апликации за работа со текст, за електронска пошта, календари, task-менаџери … користат сите), а ќе препорачаме само неколку апликации што нам ни се исклучително корисни во секојдневната работа.

Evernote

Evernote е (можеби) најкорисната алатка за собирање и организирање на информациите што ги наоѓаме онлајн, кои потоа ни се достапни секаде, преку мобилната верзија на апликацијата.

За да почнете да го користите, отворете сметка на Evernote, и инсталирајте Evernote Web Clipper (на PC) на Google Chrome (истиот го има и за другите пребарувачи).

За да зачувате содржина, притиснете го икончето на Web Clipper-от (ќе го видите во делот за екстензии – горе десно), па од менито што ќе се отвори изберете дали сакате истата да ја „клипнете“ како article, simplified article, full page, bookmark или screenshot, и притиснете save.

Со Evernote Web Clipper можете да зачувувате содржини и од сајтови кои не дозволуваат да се копира она што го објавуваат (воопшто не може да се селектира; не работи десниот клик).

Во мобилната (Android) верзија на Evernote, „клиперот“ автоматски се инсталира. Кога сакате на вашиот смартфон да сочувате содржина што сте ја нашле на Chrome, кликнете на трите точки во горниот десен агол од прозорецот на пребарувачот, и од менито изберете share (до него е и икончето – слончето на Evernote).

Evernote е моќна алатка, и со овој текст намерата не е да се ѝ се направи рецензија, но ако веќе почнете да ја користите, секако ќе ги проучите нејзините можности.

За „клипинг“ можете да користите и OneNote на Microsoft (секако треба да имате Microsoft акаунт и да инсталирате екстензија на пребарувачот).

Office Lens

Office Lens на Microsoft е џепен скенер со многу солидни можности, од кои би ја издвоиле опцијата да скенирате документ испечатен на хартија, чиј текст апликацијата го дигитализира, односно, го претвора во форма погодна за уредување со програми како Word (видете го приложеното видео). При дигитализирањето на текст печатен на македонски, можни се грешки, но во апсолутно поднослив размер (дел се покажани на крајот од видеото).

PhotoScan

Апликацијата е сега дел и од Google Photos, а овозможува дигитализација на фотографии/слики што ги имате во печатена верзија (на хартија). Наместо долго да го барате аголот под кој ќе го избегнете одблесокот на светлината од печатената фотографија, направете совршен дигитален скен со PhotoScan (видете го приложеното видео).

ACR

ACR (Another Call Recorder) е апликација за снимање телефонски разговори, и ќе ви се најде секогаш кога од одреден разговор очекувате информации што не трпат парафразирање, односно, се (на пример) изјави што ви требаат од збор до збор или податоци што содржат важни бројки.

Апликацијата автоматски ги снима дојдовните и појдовните повици, а во платената верзија (Pro, што чини 1,99$) можете снимањето да го активирате рачно, по потреба и во средина на разговорот (кога ќе почне некој за вас интересен дел), како и да зададете снимање само на одредени контакти. Нема потреба да потенцираме дека ACR може да им биде од особена корист на новинари кои често имаат потреба од земање изјави по телефон.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here