Ако сте како авторот на овој текст, односно, не престанувате да ја барате „совршената“ колекција икони (icon pack) за вашиот Android смартфон, оправдувајќи се дека неговиот екран (особено почетниот) го погледнувате неброено пати во текот на денот, па затоа треба да ви ги гали очите, тогаш читајте понатаму.

Шегата настрана, и ако не сте ваков зависник (кој досега неколку пати нашол icon pack што 100% му го погодил вкусот, но набрзо се заситил од истиот и продолжил да го бара „гралот“), а само сакате да си го освежите искуството од користењето на телефонот, секако, најмногу ќеиф би ви направила промената на изгледот на иконите ако доследно се надоврзува на потребата од изразување на вашата лична естетска експресија.

Дванаесетте icon packs што во продолжение ги предлагаме, се избор од над стотината што сме ги испробале. Сите слики/скриншотови се направени од почетниот екран на наш смартфон – иконите се „лансирани“ со Nova Launcher.

Tigad Pro

Оваа колекција од 3D икони е произлезена од дизајнерското перо на Indigo Madina. Содржи дури над 13.000 икони, од кои, како што вели дизајнерот, секоја е прецизно изработена, со цел корисникот да може да го почувствува посветениот труд. Со icon pack-от добивате солиден избор на соодветни позадини. Tigad Pro е бисер на кој „зависниците“ од овој вид кастомизација често се враќаат.

MONOO

Црно-бела колекција од над 1.850 икони и петнаесетина позадини. Естетиката нас нѐ потсетува на роботот-милениче на Sony, AIBO (особено маскотата на icon pack-от), односно, ни има некој ретро sci-fi шмек од крајот на претходниот милениум.  Виџетот употребен за часовникот (MONOO Digital Clock Widget) доаѓа посебно (од истиот дивелопер е).

Isometric

Колекција за давање длабочина на почетниот екран. За илустрација распоредивме по три икони на двете коцки од позадината (доаѓа со icon pack-от). Isometric засега вклучува над 700 икони.

Lines Dark

Како и повеќето колекции икони од извонредниот Nate Wren, Lines Dark е дизајнирана со намера да блесне во својата едноставност. Содржи над 3.700 икони, соодветни позадини, а виџетот за часовникот доаѓа со icon pack-от (бара да инсталирате KWGT Kustom Widget Maker).

Funkong

Еден од најкреативните дизајни на икони во Google Play продавницата за апликации – лично би го опишал како „органски“ sci-fi. Естетиката идеално ја следат и вклучените позадини. Можеби му е мана што одредени икони се сменети (во однос на оригиналот) до непрепознатливост, што бара – во случајов во Nova Launcher-от – да ја вклучите опцијата label, односно, под иконата да стои името на апликацијата. Зад icon pack-от стои чуениот во овој свет – Sikebo.

Urmun

„Стрејт“ дизајн од ценетиот Vertumus, развиен до последниот детал. Со над 4.290 икони и голем број позадини.

PipTec Green

Многу квалитетно ретро, омилено меѓу фановите на Fallout (колекцијата икони е именувана по Pip-Boy (Personal Information Processor) од легендарната игра). Дизајнер е погоре споменатиот Nate Wren, a исто како во Lines Dark, виџетот за часовникот (од сликата) доаѓа со icon pack-от (бара да инсталирате KWGT Kustom Widget Maker).

Jono Pro

Уште една колекција икони од Indigo Madina со над 5.300 парчиња, во форма на врамени заоблени квадрати …

Dominion

Затемнета ретро палета на бои, над 3.500 икони, голем број позадини … Дизајн на DrumDestroyer.

Let It Be O

Минималистички дизајн на Sikebo (FUNKONG) со над 3.950 икони.

PixBit

Во последно време често користам колекции икони со 8-битна графика. PixBit на Vukašin Anđelković е најдобрата од нив. Во случајот на приложениот скриншот, позадината не е меѓу вклучените во icon pack-от (кои, патем речено, се одлични), туку е слика од Црвената соба (Red room) од Twin Peaks, обработена со 8Bit Photo Lab. Часовник (KWGT Kustom Widget Maker) е во боите од логото на култната серија на Дејвид Линч.

Outcast

Колекција од над 2.900 икони, дизајнирана, како што вели дивелоперот starkeDEV, со цел да испорача „едноставност, квалитет и убавина“ на вашиот почетен екран.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here