Првото за што треба да им се оддаде признание на авторите на мангата Bakuman („оживеана“ и во аниме) е што успеале да направат приказна концентрирана на објаснување на процесот на производство на манга, со сите негови техникалии, без тоа да се одрази на нејзината флуидност. Откако ќе ја прочитате (во некои од ликовите во голема мера се пресликуваат вистинските автори, како и уредници на магазинот Weekly Shōnen Jump, каде што е објавен манга серијалот), дефинитивно со поголема почит ќе гледате на стрипот специфичен за Јапонија.

Bakuman слободно може да се нарече водич за правење манга (или стрип воопшто), а заинтересираните да се занимаваат со деветтата уметност овде можат низ многу уверливо доживување да посведочат на сите фази од процесот – од осмислување на приказна за стрип, до неговото издавање. Се навлегува во детали за „коучингот“ што го добиваат авторите почетници од уредниците на манга магазин; за дискусиите на уредничкиот колегиум за делата кандидати за објавување – за тоа како се одлучува што ќе остане на one-shot, а што ќе продолжи во серијал; за влијанието на анкетите спроведени кај публиката …

Автентичноста на опишаниот процес на производство на манга ја гарантира искуството на авторите на Bakuman – писателот Цугуми Охба (Tsugumi Ohba) и цртачот Такеши Обата (Takeshi Obata), дуото кое претходно го имаше мегахитот Death Note (исто така, топла препорака за читање, или гледање, ако повеќе преферирате аниме). 

За возбудливоста на приказната штедро придонесува и односот меѓу главните ликови, особено меѓу цртачот Моритака Маширо (Moritaka Mashiro), кој на почетокот на серијалот има 14 години, кога ѝ ветува љубов „додека смртта не нѐ раздели“ на својата соученичка Михо Азуки (Miho Azuki). За да избегнеме спојлери, ќе кажеме само дека овој однос е разбирлив само низ призмата на јапонскиот менталитет, кодексот на честа и следењето на идеалите, инспириран од бушидото.

Bakuman е реалистична приказна – нема натприродни елементи, иако има ликови, мајстори („сенсеи“) на манга (мангака е јапонскиот збор за манга автор), кои со својот талент и лична експресија се суперхерои во светот на јапонскиот стрип (на пример, Еиџи Низума (Eiji Niizuma)). И цртежот е прилично реалистичен, со неверојатни детали, што особено доаѓа до израз во ателјеата на мангаките и во редакцијата на издавачот. Мангата излегувала во Weekly Shōnen Jump од 2008 до 2012 година, а нејзините 176 „чаптери“ се собрани во 20 томови, издадени од 2009 до 2012.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here