„Секое дете е уметник. Проблемот е како да останеме уметници кога ќе пораснеме“, е познат цитат од Пабло Пикасо. Генијот на модерната уметност во детскиот цртеж што за некои е „чртки-мртки“, препознавал остварување на суштината на уметноста – создавање на нова стварност во која од светот што кани на имитирање одвај може да остане само инспирацијата.

Предноста на децата како уметници е што додека сѐ уште го запознаваат светот околу себе, ја немаат предрасудата на возрасните дека го знаат. Во детската перцепција на физичката стварност нема препознавање на обрасци, туку секогаш ново воодушевување. Оттука нивната способност кога цртаат да го апсолвираат имитирањето, односно убавината на цртежот да ја условуваат со верноста до оригиналот што секогаш останува оригинал.

Детскиот цртеж полека престанува да ја губи ексклузивноста кога детето доволно ќе порасне за да почне да се фрустрира што не може верно да го пренесе она што го гледа. Кога ќе почне да мисли дека се подобри цртежите на татко му или на мајка му, чија рака има поцврст фат за кога цртаат врата да нацртаат правоаголник. А пред тоа вратата била многу повеќе од дводимензионална геометриска фигура. Зашто уметноста, само патем минува низ раката.

Во продолжение неколку цртежи од дете на возраст од три и нешто години, што се обидовме да ги видиме така како што нѐ учи Пикасо.

П.С.

Ако имате ваква уметност, односно уметници дома – врамувајте, и на ѕид!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here