Ако сте публика за „цртани“, особено ако често „морате“ да ги гледате со своето дете, па „компромисот“ го барате во такви што ќе бидат интересни и за него и за вас, а истовремено добро анимирани, тогаш новата серија Mickey Mouse од која веќе излегоа четири сезони почнувајќи од 2013 година (потврдена е и петта), ви е едно од најдобрите решенија.

„Вакво нешто Мики не сторил последниве 60 години – да има импакт. Некој навистина направил нешто различно со него, а тоа е Пол Рудиш“, пишува во рецензијата на една од првите епизоди од серијалот (Croissant de Triomphe), на Flip, блогот за анимација.

Споменатиот Пол Рудиш (Paul Rudish) е ликот што, се виде уште со првите епизоди, суверено ја презема одговорноста да ја обнови ѕвездата број 1 на Disney. Рудиш е и извршен продуцент на Mickey Mouse Shorts (почитуван поради Dexter’s Laboratory, Star Wars: Clone Wars, и особено Samurai Jack, на кои со Џенди Тартаковски работеше за Cartoon Network), и предводи тим од извонредни уметници со задача да ја фатат есенцијата на она што лично Волт Дизни го креирал пред (сега веќе) 90 години, но да ја „разредат“ до нешто што ќе ѝ изгледа свежо и на новата генерација (оттука и оксиморонот во насловот на овој текст).

Новиот Мики не се потпира многу на вербален хумор, туку на играње со законите на физиката, типична за таканаречената slapstick комедија. Цртежот е перфектен, исто како и позадините, а посебен предизвик за креативците било сместувањето на приказните во автентичен амбиент за Париз, Токио, Венеција, Сан Франциско, Мумбај …

За целта, како што објаснува Рудиш, биле ангажирани и локалните Disney претставништва, од кои тимот на Mickey Shorts добивал фидбек, на пример, за тoа што не дозволува културата на некоја земја, имајќи предвид како сѐ Мики и пријателите може да се распалават. Биле ангажирани и инструктори за изговор за да им помогнат на актерите кои ги позајмуваат гласовите да зазвучат на соодветен дијалект.

И музиката е на врвното ниво на сѐ останато (како насушна состојка за магијата на серијата), а ја потпишува Кристофер Вилис (Christopher Willis), кој го имал истиот предизвик како и визуелните артисти – пред да почне да компонира требало да открие како денес музички би звучел Мики, а тоа да остане верно на ликот толку препознатлив и одреден, што и најмалата грешка ќе ја фатат и „ненамерниците“ во неговиот свет.

За големината на предизвикот Вилис зборува во интервју за Disney Insider, посочувајќи ја како пример за него најтешката епизода за работа, Mumbai Madness, за која пред да ја напише музиката прво се изгубил во огромното културно наследство на огромната Индија, а кога „се нашол“, пред да почне да компонира, морал да реши и логистички проблем – да најде соодветен инструменталист за бансури, за ситар, за шанај, и на крајот, соодветен вокалист.

Нема да згрешите со ниту една епизода од новата серија кратки цртани Mickey Mouse (достапни и на YouTube), но, еве, особено ќе ви ги препорачаме следниве:  Croissant de Triomphe, New York Weenie (во која Мики го брка хотдогот на Мини низ Централ Парк?!), Gasp!, Bad Ear Day (особена препорака), Ghoul Friend, Sleepwalkin, Eau de Minnie, Down the Hatch, Mumbai Madness, Movie Time, Black and White (особена препорака), No Reservations, Split Decision.

 

 

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here