Ако сте загубени во морето нови серии, и останувате разочарани/рамнодушни по куп наслови што ви изгледале перспективно, очигледно не сакате да гледате „било што“, а барате нешто „конкретно“. Во ваква ситуација препорачуваме да се оддадете на нешто постаро, што не сте го гледале, па и ако веќе сте го гледале, проверено низ повторни гледања на авторите на листата што следи.

Станува збор за серии што квалитетно загазуваат на „другата страна“, со крешенда што лансираат во орбита. Ако сте фан на соодветните, веројатно повеќето, ако не и сите, веќе сте ги одгледале. Но, ако сте одгледале една-две, и јако ве завозиле, па, барате уште, без премислувања поради ризик да останете разочарани, препуштете им се и на останатите од оваа листа.

Читајте слободно – нема спојлери.

Lost

Многумина се откажаа од Lost после првите две-три сезони, зашто главно очекуваа, а не добија одговори на прашањата што дотогаш ги постави серијата; дел (од прашањата) понатаму сосем беа заборавени и се појавуваа нови – се добиваше впечаток дека наместо кон разрешница, се оди кон натамошно комплицирање.

Нам не ни беше важно да стигнеме до „целта“ – да добиеме задоволување за претрпените „болки“ од сериозната заинтригираност, сѐ додека уживавме по патот, а уживавме до крај, до финалето, кое нѐ разочара, но само поради тоа што беше последна епизода.

Иако одредени критичари ќе речат дека последните сезони на серијата се напишани како сценаристите да играле пикадо на мапа со можни развои на приказната, за посветениците и тоа како постојат конците со кои „куклата“ сигурно (без да се изгуби ; ) се движи од почетокот до крајот на Lost.

Twin Peaks

Серијата што засекогаш ја промени телевизијата (на самиот почеток на деведесеттите, кога на публиката која уште беше под влијание на „Династија“, Дејвид Линч и Марк Фрост ѝ приредија шок, и ширум го отворија просторот за, на пример, Дејмон Линдлоф и Џеј Џеј Абрамс да го замислат Lost), е реченица што често се среќава во рецензиите на Twin Peaks.

Ова е уште една серија од која голем дел од заинтригираните гледачи се откажаа, во текот на втората сезона, зашто не добија одговор на прашањето кој ја уби Лора Палмер. Оние како нас продолжија со истата страст да гледаат Twin Peaks, сфаќајќи ја тривијалноста на прашањето кој технички ја уби хероината со двоен живот.

Третата сезона од серијата дојде после 25 години (2017 година), и одврати уште толку „фанови“, изнервирани што Линч отворено се мајтапел со нив. А за нас нема нешто подобро од тоа споменатиот да ни прави „мајтап“, со сета негова креативност и знаење во делот на сликата, звукот, нарацијата …

Les Revenants

Гледајте го исклучиво францускиот оригинал Les Revenants – не американскиот римејк, The Returned. И поставете си високи очекувања, кои тврдиме дека серијата ќе ги надмине. Извонредна атмосфера изведена во мало гратче на француските Алпи; одлична режија, кастинг, глума, музика, … а подгответе се и за квалитетни хорор елементи. Сепак се работи за вратени од мртвите …

Black Mirror

Британскиот ТВ-гениј Чарли Брукер, со името „Црно огледало“ (за кое објасни дека се однесува на екран на телевизор, компјутер, смартфон …, откако ќе го исклучите) кажува дека ерата на виртуелен живот асоцирана со телевизијата и подоцна со интернетот и сите негови (зло)употреби, си ја завршила работата, и сега „реалниот“ живот на луѓето што се огледува во екраните со кои се опкружени кога на нив нема „програма“, е заокружен симулакрум.

Некои ќе речат дека Black Mirror открива „топла вода“, но факт е дека и на пошироката публика ѝ ја доловува феноменологијата на денешното општество преку нејзините крајни консеквенци.

Fringe

Fringe со големи очекувања ја дочекаа фановите на Lost, како нова серија на Џеј Џеј Абрамс и Bad Robot Productions. Оваа научно-фантастична серија со одлична приказна, кај дел од типичните Sci-Fi фанови удри во ѕидот изграден на ставот дека науката во Fringe не била наука. Но, како што самото име изведено од fringe science упатува, овде се работи за алтернативна, па ако сакате и квази наука, а за да уживаме во некоја серија нам не ни е пресудно совршено „да лепи“ на етикетата што ѝ е зададена, во случајов SF.

Hannibal

Ова е приказна за „бекграундот“ на серискиот убиец канибал, докторот Ханибал Лектор, во светот на филмот најпознат по чуеното „Стивнување на јагнињата“ (The Silence of the Lambs), каде одлично го долови Ентони Хопкинс.

Во Hannibal, донесувањето на истоимениот лик му е доверено на Мадс Микелсен, и подобро решение не постои. Одлуката на режијата лицето на Данецот често да го полни екранот, е поради неговата способност да ги долови сите потенкости што треба да ги искомбинираат очите и фацијалните мускули за да го изразат она што се случува во главата на Др. Лектор, кој иако сериски убиец човекојадец, без проблем го одржува своето место во општествениот крем, како угледен, генијален психијатар, посветеник на култот на убавото, на уметноста, во која тој ја претвора и гастрономијата (со својот истенчен и образуван вкус), почнувајќи од начинот на кој ја обезбедува клучната состојка (човечко месо) за своите екстравагантни јадења, а завршувајќи со начинот на кој ги сервира, спарувајќи ги со соодветно вино.

Dexter

Уште една серија по која дел од фановите ги заборавија уживањата низ долгите осум сезони поради „лошото“ финале. Декстер е сирак, кој откако на тригодишна возраст посведочил на бруталното убиство на мајка му, бил посвоен од полицаец. Последниот ја препознал психопатологијата предизвикана од неизбежните трауми на детето, што вклучува убиствени тенденции, и ја канализирал на „конструктивен“ начин. Декстер работи во полициски форензички тим, експерт е за анализа на прскањето на крвта од жртвите во крвни деликти. Во тек на работата извесно задоволување на нагоните добива на самите места на злосторствата што полицијата ги истражува, но вистинското канализирање доаѓа во случаите кога одреден вид на злосторници (педофили, силувачи и сл.) ќе успеат да ја избегнат правдата на државата.

 

 

 

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here