Паметните завршуваат како лузери, помагајќи им на богатите, во случајов не баш интелигентни, да си обезбедат и позиции кои за општо добро треба да му припаѓаат на умот (колку и да звучи наивно, српската поговорка вели: „Ум царује, а снага кладе ваља“, или во превод, „умот царува, а силата турка/тркала балвани“, што во нашиов случај, каде го имаме умот визави парите, би значело дека, на пример, умот треба да ја вози колата што ќе ја купат парите за да стигнат до целта до која ниту умот, ниту парите можат да дојдат сами).

Ова е пораката на најпрофитабилниот тајландски филм на сите времиња, Bad Genius, инспириран од вистински настани поврзани со „пробивање“ на SAT (стандардизираниот тест за прием на колеџ/факултет во САД) со можни меѓународни импликации.

Ќе се обидеме спојлерите да ги сведеме на минимум (иако, филм што нема да сакате да го одгледате откако ќе ви го раскажат сижето, и не вреди да го гледате), но за да го објасниме горе изнесениот заклучок, мораме да кажеме дека во филмот се работи за супер-интелигентна ученичка, која како таква добива стипендија од најпрестижното тајландско средно училиште, но таму, опкружена речиси исклучиво со богати деца, се претвора во „лоша генијалка“ за смислување начини за мамење на испити, за што добро наплаќа.

Притоа, со значење што е парадигматично, ќе споменеме дека времето, парите, стресот, целата логистика за да се изведат сѐ посложените измами кои на крајот стигаат до SAT („генијалката“ патува во Австралија за целта), се во огромен несразмер со трудот и времето што би требало да се потрошат за регуларно подготвување за испит, па дури и во случај на потпросечни ученици.

Bad Genius е филм на режисерот Nattawut Poonpiriya, кој со својата екипа успеал без испукан куршум, без опасност по животот на протагонистите, кои за криминалот што го прават не се дури ни под закана за затвор, да направи напнат трилер.

И да прикаже дека при настанокот на социо-економската раслоеност на општеството, за тоа кој ќе биде богат, а кој не, неретко одлучувала подготвеноста на компромиси со човечкото, вклучително и со достоинството.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here