Оливер Димитров е сведок/учесник на сите важни скопски случувања поврзани со музиката уште од времето на Новиот романтизам. Наша оценка е дека има непогрешлив критериум, и оти нема посоодветен лик за разговор за годините музика низ која тој не поминал само патем, а во овој текст, ако има поклопувања по вкус, може да се најдат и препораки за слушање нешто ново

 

Ако од некого прифаќам препораки за музика без резерва, имајќи ги предвид неговото знаење, талент, искуство, информираност, …, и особено вкусот, тоа е Оливер Димитров. Ова ми е проверено низ долги години – се дружиме од раните деведесетти – и разговорот со него главно беше обид да ги фатам клучните моменти што влијаеле на формирањето на неговиот вкус за музика, кој, како што вели Димитров, „не се гради на ниво на свест – тоа е нешто што го носиш во себе, и откровенија ти се случуваат само во однос на она што ти е блиско во оваа смисла“.

За целта што си ја поставив, разговорот со него ќе го пренесам хронолошки. На почеток побарав да се сети на првите моменти што го натерале да ја примети музиката како нешто повеќе од фон што ни влијае на сентиментот.

„Кога бев дете, татко ми (Славе Димитров) беше многу активен со продукција, и воопшто како музичар, како автор кој ретко кога прави компромис со тоа што го работи. Заспивавме со неговиот клавир – работеше до доцна ноќе. Тој од своите патувања во странство, особено од САД, носеше грамофонски плочи, што во тоа време – крајот на седумдесеттите и осумдесеттите години, беа најдобри на пазарот. Со брат ми по цели денови ги вртевме тие плочи“, вели Оливер Димитров, кој, без да го потценува формалното образование, тврди дека од татко му научил повеќе за музиката, за музичките науки, а инаку го завршил средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ на насоката теорија и педагогија, и на истата катедра дипломирал на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Овде тој се надоврза и дека сензибилитетот за класичната музика му е пренесен од мајка му, „која потекнува од најголемото музичко семејство на Балканот, а, се разбира, и сензибилитетот од изведбата на македонските народни песни, од дедо ми Караѓуле (Благој Петров Караѓуле, н.з.)“.

По оваа прва фаза, се сети на следниот период, кога почнал да развива свој, специфичен интерес за музика, „секако, под влијание на значајниот дел од музичкиот идентитет создаден уште во детството“.

„Тоа беше некаде во последните одделенија од основното образование, во периодот на пубертетот; со родендени, журки, кога почна да се развива движењето Нов романтизам. Ни беше интересен и њу-вејв бендот Kajagoogoo, Thomas Dolby, Duran Duran, потоа Spandau Ballet … исто така и во тоа време југословенските групи, особено групата Beograd со албумот „Remek depo“, но најважните плочи што ги вртевме по забавите ни беа оние од Yazoo, Kraftwerk … Тука некаде ми привршуваше „меинстрим“ фазата, пред да почнам посветено да слушам, да ја наречам така, „поандерграунд“ музика“.

„Tuxedomoon … ерата што би ја нарекол по овој бенд ми траеше пет години, во кои речиси само тоа слушав“

Од дружбата со Влатко „Киборг“ (Владимир Каевски од Kiborg и Mizar), со кого се нашле по вкус за музика (на пример, во однос на германската група Propaganda), произлегла размена на искуства, пред да се запознаат со Срѓан Јанаќиевиќ (сега режисер), „кој ме упати во целосно нов правец, да го наречеме „дарк“, односно на This Mortal Coil, Minimal Compact, Dead Can Dance, Cocteau Twins, Bauhaus, …“.

„Тука се и Tuxedomoon, и ерата што би ја нарекол по овој бенд ми траеше пет години, во кои речиси само тоа слушав“.

Овде со Димитров направивме извесна дигресија – набројуваше имиња од неговата музичка „лектира“ од периодот, но откако заклучивме дека истата е преобемна, ќе кажеме само дека ги спомена и Joy Division, (секако) David Bowie, Nick Cave, Einstürzende Neubauten, … и скокајќи во деведесеттите, Jeff Buckley, Smashing Pumpkins, Blur, …

„Во времето кога се појави „Сто-тројка“, радиото имаше музички уредници кои ја носеа овде најновата музика, и Скопје не само што не беше отсечено од светот во оваа смисла, туку беше најнапредно на просторите на поранешна Југославија“

Пукнатина за нешто покрупно ново (после долгата Tuxedomoon фаза) се отворила во 1991 година, кога пријател од Амстердам му донел двојно CD со компилација од „рејв“ (rave) музика.

„Тоа беше нов звук – отсекогаш сум се „палел“ на нов звук“, вели Димитров, кој се сеќава дека тогаш работел во култниот скопски клуб Van Gogh, па на сопственикот му најавил дека ќе пуштаат нова музика. Но, откако тој чул за што се работи, дозволил „рејвот“ експериментално да прозвучи во локалот само по еден час на вечер, и тоа во „бош“ време.

„Ова техно денеска ми звучи како „треш“, но тогаш беше интересно. Но, после ова, во времето кога се појави „Сто-тројка“ (Канал 103), деведесет и трета-четврта-петта година – радиото имаше музички уредници кои ја носеа овде најновата музика, и Скопје не само што не беше отсечено од светот во оваа смисла, туку беше најнапредно на просторите на поранешна Југославија“.

„Aphex Twin … откако го слушнав некаде во 92-93 година, почна да се собира прашина на сѐ друго што слушав претходно. Откровението ми се случи со „Selected Ambient Works“ „двојката““

И тогаш, наеднаш, како што вели Димитров, се случија The Future Sound of London, Orbital, The Orb, Autechre, Massive Attack, Underworld, Biosphere, …, како јавачи на нов правец.

„Но, овде најпрво треба да се спомене Aphex Twin, кој откако го слушнав некаде во 92-93, почна да се собира прашина на сѐ друго што слушав претходно. Откровението ми се случи со „Selected Ambient Works“ „двојката“. Дефинитивно ми беше како портал за влез во мојот свет во музиката, во дефиницијата за мојот вкус; ме погоди во центар. До ден денес Aphex ми е еден од најдобрите музичари кои постоеле. До албумот „Drukqs“ – после тоа не сум сигурен“.

Некои од споменатите „јавачи“, Димитров, без потценување, ги набројува како автори на dance музика, но, вели, „Aphex Twin, The Future Sound of London, Autechre, Seefeel, Biosphere, Mouse on Mars, Oval, The Orb, … создаваа чиста уметност“.

Се сеќава дека огромно влијание тогаш имаше MTV (Music Television), единствената од видот, и дури и кога биле најдобрите журки во градот Оливер сепак си доаѓал дома во 2 по полноќ, за емисијата Chill Out Zone да ја снима на VHS, зашто „најпрогресивната музика патот до публиката го почнуваше од оваа емисија на MTV“.

„Целосно ја живеевме таа субкултура. Бевме во епицентарот на таа цела таа електро, техно … револуција. Тогаш бев и на академија, и ме интересираше оваа музика, а имаше колеги, талентирани, успешни во класичната музика, што се потсмеваа со закачки од видот „подобро да слушам турбо фолк, отколку ова“. Ова не го кажувам како осуда, тука само да ја илустрирам острината со која реагираа на музиката што ја нарекуваа „флипер“; што не можеа да ја доживеат – сѐ од тој звук ставаа во пакет, не гледајќи дека тука има и уметност“.

Влијание врз него имала и емисијата на Канал 103 на денешниот владика Методиј (Златанов; митрополит на Американско-канадската епархија), тогаш Мето.

„Неговата емисија беше најдобра на радиото. Ми го продлабочи увидот во минималистичката музика – го открив Стив Рајх (Steve Reich), како надоврзување на Филип Глас (Philip Glass) и Џон Кејџ (John Cage) што од претходно ги знаев. Кога го споменав отец Методиј, ќе му заблагодарам и за одличната препорака да му посветам внимание на Арво Парт (Arvo Pärt), на пример“.

„Како и да е, мислам дека вкусот за музика не се гради, тоа е нешто што го носиш во себе, и откровенија ти се случуваат само во однос на она што ти е блиско во оваа смисла. Вкусот не може да се изгради само преку храната – музиката што дошла до тебе, зашто од неа одбираш според она што го носиш во себе. Добриот музичар не презентира толку само способност да компонира, или владеење со инструмент, туку вкус“, го заклучивме овој дел од разговорот со Оливер Димитров.

„Voanerges“

Оливер Димитров почнал да прави своја музика во раните деведесетти. Главната линија од ова, на почетокот експериментирање, довела до издавањето на неговиот албум „Voanerges“, во 1998 година.

„Во 94 година направив една касета со 4-5 композиции, ја умножив во 100 копии, и ја поделив на радио станици и на одредени луѓе чиј фидбек ми беше важен. Реакциите беа одлични, а мојата музика во етерот прв ја пушти Мирко Попов на „103“. Следеа први настапи, а сѐ што дотогаш работев го заокружив во 1996 година, во албумот „Voanerges“, кој излезе 1998 на CD“.

На излегувањето на албумот му претходеше првиот македонски видео-спот со целосно компјутерски генерирана графика, за една од композициите од „Voanerges“, „Cosmic Continuum“.

„Тоа беше соработка со Дарко Стефановски – Мече (сега универзитетски професор во САД, н.з.), на Mac компјутер. Мече позајмуваше хард-дискови од, ако добро се сеќавам, 60 мегабајти, што беше како сега да земеш од 6 терабајти. Се рендерираше четири-пет месеци“.

Музичката биографија на Оливер Димитров не почнува со работата заокружена со „Voanerges“. Во втората половина од осумдесеттите (1986-1989), на свои шеснаесет години, станал дел од скопскиот бенд Ниночка (Ninotchka), заедно со Срѓан Јанаќиевиќ и Игор Велков – Гелсон.

Со Ninotchka во доцните осумдесетти

Негова е музиката и дизајнот на звукот за кратките филмови Citizen X (2004) и Brother for a Day (2016), а има богато искуство и како музички продуцент (два албуми на Суперхикс, на Санаториум, Нокаут …).

Во моментов работи како музички уредник во Македонската радиотелевизија (МРТ), каде во 1996 година почнал како музички илустратор. На крајот на претходниот милениум, од позицијата во МРТ бил автор на емисијата „Во живо“, за чии потреби се снимени четири концерти: на Проџект Жлуст, САФ, Ласт Експедишн и Бумбикс. Во 2007 година следел проектот „„МТВ“ unplugged“ со над 30 снимени концерти, а потоа и „Покрив“, со четири нови епизоди живи настапи на покриви на згради во Скопје.

„На покривот на Домот на АРМ, до Собранието, направивме концерт на ТБ Трачери. Тогаш имаше протести пред Собрание – долу собрани полицајци, специјалци, а Трачери „грмат“ одозгора додека ние снимаме во напната ситуација кога органите на редот во секој момент очекуваа нешто да ја прелее чашата“.

Од кариерата во МРТ, Димитров го издвојува и ексклузивно интервју со големиот полски композитор Кшиштоф Пендерецки, остварено во контекст на неговото учество на фестивалот „Охридско лето“.

Настап во Клуб МНТ, 1995 …
… и на Аларм, Љубаништа, 2002

Bowie во Загреб 1990 – последниот голем предвоен концерт

Можеби ова требаше да го поместиме во првиот дел од текстот, но останувајќи доследни на хронолошкото пренесување на разговорот со Оливер Димитров, овде тој се сети на егзалтирачкото искуство што го имал на концертот на David Bowie во Загреб во 1990 година, тогаш уште во поранешна Југославија.

„Со војска завршив во август 1990 година, а веќе на 5 септември беше концертот на David Bowie во Загреб. Секако, отидовме една екипа од Скопје, со воз. Уште беше Југославија, и медиумите подоцна овој концерт го нарекоа „последниот голем предвоен концерт“. Ова беше еден од најдобрите концерти на кои сум бил. „Максимир“ беше  преполн, имаше фанови од сите републики на СФРЈ и од околните држави. Предгрупа беше хрватскиот бенд Boa. Во тек на концертот почна силно да врне, и низ публиката кружеше еден огромен најлон, за колку-толку да се заштитиме. За самиот настап на Bowie нема потреба да зборувам. Совршенство. Бев во првите редови – многу блиску до Bowie – дотолку, што му ги видов солзите кога заплака на China girl …“

Последниот настан од ваков вид на кој бил се случил лани – фестивалот за експериментална музика, Intonal, во Малме, Шведска.

„На фестивалот покрај млади автори, доаѓаат и легенди на амбиенталната и експерименталната музика. Меѓу протагонистите беше и William Basinski, но како многу интересен ќе го издвојам настапот на Sven-Åke Johansson. Човекот има 75 години, и со гудало свиреше на картонски кутии – амбалажа за телевизори, за бела техника. На крајот, публиката во Шведска, во „Црната соба“ на фестивалот, акустично третирана, која очекувано не произведе ниту шум и при триста луѓе седнати на подот во салата, го повика Johansson и на бис“.

„Ако порано глобалната „шведска маса“ за музика беше мала, но прилично строго селектирана во однос на квалитетот, денеска таа е километарски долга, за сметка што сега на неа се наоѓа и многу неквалитетна музика, поради што некои заклучуваат дека денес на ова поле не се случува ништо добро“

На прашањето што слуша во последно време, и соодветно, што би препорачал, Димитров ги издвои Nils Frahm, Max Richter, Ryuichi Sakamoto.

„Max Richter е најбитно име во музиката моментално, кој има направено многу интересен албум, „Sleep“ (2015), што е „приспивна песна (lullaby)“, долга 8 часа. Третманот е на ниво на наука. Заспиваш и се будиш со албумот. Лани сакав да одам на концерт на Richter во Лондон, за кој препораката беше да се оди со вреќа за спиење и со перница, за буквално да го преспиеш концертот. Во опусот, секако, тој има голема разноликост, а композитор е и на музиката во серијата што ми е меѓу омилените, The Leftovers“.

Како најдобар албум во тазе сеќавање го издвои „async“, на Ryuichi Sakamoto.

„Излезен е во 2017, но во меѓувреме немало нешто појако од ремек-делото „async“. Сѐ уште не можам да му се изнаслушам – во самиот врв е на амбиенталните дела од кога и да е“.

На крајот ќе пренесеме едно видување на Оливер Димитров за музиката денес, кое тој добро го формулира, па наместо да парафразираме како што прилега за крај на новинарски текст, еве го во оригинал:

„Ако порано глобалната „шведска маса“ за избор на музика беше мала, но прилично строго селектирана во однос на квалитетот, денеска таа е километарски долга, за сметка што сега на неа се наоѓа и многу неквалитетна музика, поради што некои заклучуваат дека денес на ова поле не се случува ништо добро. Но, тоа не е така, само потешко е да се најде доброто, кое, пропорционално на должината на „масата“, не е малку“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here