Режисерските обиди на Анџелина Џоли досега завршуваат со променлив успех во правилен интервал. Се чини дека холивудската дива сѐ уште се барa, сакајќи да се претстави како интелектуалка, ангажирана авторка кога главната улога ѝ е зад камерата. Прашање е колку нејзиниот променлив успех во ова својство зависи од помошта што ја добива од соработниците, како, на пример, во случајот на Unbroken (2014), каде сценаристи се браќата Коен, Џоел и Итан (Joel and Ethan Coen), од кои e малку веројатно дека Џоли не добила и по некоја вредна лекција од режија.

Филмот за кој пишуваме, First They Killed My Father (2017), доаѓа по слабиот By the Sea (2015); пред него беше добриот Unbroken (2014), кој, пак, дојде по лошиот првенец на Џоли како режисерка, In the Land of Blood and Honey (2011). Според заклучокот од погоре – дека Џоли испорачува со променлив успех во правилен интервал, First They Killed My Father е добар филм.

Снимен е по сценарио што Џоли го напишала заедно со Камбоџанката Лунг Унг (Loung Ung), на чии мемоари е и базирана приказната. Дејствието се случува во седумдесеттите години, кога во Камбоџа е поразена проамериканската власт (во контекстот настанат од Виетнамската војна) и Црвените Кмери го наметнуваат својот режим. Главниот лик е споменатата Лунг, во тоа време 7-годишна, која прво го губи таткото (како што кажува и името на филмот), потоа и мајката, за до крајот да биде принудена да се раздели и од браќата и сестрите, и да помине низ голготата на логорите каде и децата биле присилувани на тешка работа при повеќе од оскудни оброци, за најпосле да стане и дете-војник. За каков режим станувало збор покажува и советот на инструкторката-Кмерка до децата-војници (кои, меѓу другото, поставувале и нагазни мини): „Ако се сомневате дали некој е непријател, убијте го. Подобро да убиете невин, отколку да го оставите жив непријателот“. Црвените Кмери со погубувања, изгладнувања и присилна работа, систематски убиле речиси четвртина од населението на Камбоџа.

Џоли, во филмот не претендира на „арт“, и правилно проценила дека на оваа приказна не ѝ треба повеќе од тоа камерата да го следи дејствието одблизу, од растојанието до каде што стигнува детската перспектива за хоророт во кој Лунг е втурната без можност да разбере што всушност се случува. Со ова сликање одблизу (со камера од рака) веројатно се сакало да се претстави и личната позиција на режисерката која е позната хуманитарка, а емпатијата секако ѝ ја изострило тоа што Камбоџанец по раѓање е нејзиниот посвоен син Медокс.

Во контекстот, комплименти за директорот на фотографија, Anthony Dod Mantle (Slumdog Millionaire, Dogville, Antichrist), а споменатиот пристап во реализацијата на филмот не би успеал ако на висината на задачата не била младата актерка која ја игра Лунг, Sareum Srey Moch.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here