„… Багван мислеше: Во едно општество опседнато со предмети, можам да напишам 600 книги за медитација и никој нема да биде заинтересиран. Но, ако имаш 93 Ролс-Ројса, светот никогаш нема да заборави …“

 

И сам по себе не може да не предизвика љубопитност гуру кој на глобално ниво има значаен број следбеници, а поседувал над деведесет Ролс-Ројса и самиот се определил како гуру на богатите, зашто „сиромашните не можат да дојдат кај мене – јазот е преголем; тие можат да ме чујат, но не можат да ме разберат“.

Но, неговата приказна станува супер-интригантна кога овој, сега покоен индиски гуру, Багван Шри Раџниш (Bhagwan Shree Rajneesh; 1931-1990), подоцна познат како Ошо (Osho), се амбицирал (во раните осумдесетти) да создаде комуна, утописки град во кој ќе се живее според неговото учење; и тоа во Америка, во сојузната држава Орегон, на ранч од 260 квадратни километри покрај малото гратче (со само четириесетина жители) Антелоп, со сето очекувано влијание врз начинот на живот на малата традиционална американска заедница.

За да се оствари планот за овој град наречен Раџнишпурам (Rajneeshpuram), во услови на сѐ поодлучно противење на локалната заедница од Антелоп и пошироко од округот Васко (Wasco County), некои од најблиските соработници на гуруто го извеле најголемиот поединечен биотерористички напад во историјата на САД – со салмонела (преку храна) затруле 750 луѓе во градот Далс (The Dalles) за да не можат да излезат на гласање на локални избори важни за Раџнишпурам; планирале и атентат на федерален јавен обвинител, а за остварување влијание/гласање на споменатите избори, во комуната на Багван биле донесени неколку илјади бездомници од повеќе градови во САД со ветување (дадено на бездомните луѓе) дека во Раџнишпурам конечно ќе си го остварат правото на достоинствен живот, но истите, откако планот за нивна употреба на изборите не успеал, биле дрогирани (преку пивото што бесплатно го добивале во комуната) со антипсихотици, додека дел од нив просто биле качени во автобуси и одново оставени на улица во неколку градови низ Орегон …

Џон Боверман, син на соосновачот на Nike и еден од главните активисти против Раџнишпурам

Со овој дел од историјата на движењето Раџниш се занимава документарната серија од шест епизоди на Netflix, Wild Wild Country, главно концентрирана на главниот лик од Раџнишпурам проектот – личната секретарка на Багван во тоа време, Ма Ананд Шила (Ma Anand Sheela). Дотичната во својата амбиција да не го разочара гуруто била спремна да реализира неверојатни идеи, што и на нормален човек можеби би можело да му паднат на памет при заслепеност од омраза кон некого, но кај него нема да отидат понатаму, зашто ќе најде милион добри причини да ги отфрли. Шила, пак, заслепена од неприкосновената власт што ја имала во Раџнишпурам, од својата моќ на манипулација и неспорни организаторски способности, како и од големото богатство на комуната, се обидувала да ги егзекутира и своите најбизарни идеи за справување со американскиот правен систем, кога се јавила силна потреба истиот да се позанимава со Раџнишпурам.

За да не влеземе во повеќе спојлери, ќе кажеме само дека Шила со група свои најблиски соработници ненадејно (четири години од почнувањето на проектот) ги напуштила Раџнишпурам и Багван, без знаење на гуруто, кој по поводот бил толку изнервиран што го прекинал четиригодишниот молк за јавноста, за на прес-конференција да соопшти ваква причина за заминувањето на неговата лична секретарка (уште едно „верувале или не“, со какви што е преполна Wild Wild Country):

„Никогаш не водев љубов со неа. Можеби тоа е љубомора. Таа отсекогаш сакаше, но јас принципиелно никогаш не сум водел љубов со секретарка. Љубовните врски никогаш не престануваат, се претвораат во омраза. Таа не докажа дека е жена, туку целосна кучка“.

Шила на ова одговара дека Багван не бил заинтересиран за „просветлување“, признавајќи оти сѐ е една голема измама со која таа раководела.

Шила од времето кога ја „просветувал“ Багван

Тука треба да се спомене една изјава на личниот доктор на гуруто, Свами Деварај (Swami Devaraj, уште познат и како George Meredith и John Andrews; близок до таканаречената холивудска група во комуната со која Шила била во жесток конфликт откако Багван го сфатил маркетиншкиот потенцијал на асоцираните со филмскиот дел од Лос Анџелес, па полека им го препуштал водењето на Раџнишпурам), инаку обвинет дека го фалсификувал тестаментот на Ошо. Имено, во интервју за The Cut, модниот блог на магазинот New York, Деварај (како и Шила, но докторот со намера да го брани гуруто) зборува за маркетиншкиот ум на Багван, и во контекстот ја објаснува неговата колекција од 93 Ролс-Ројси како шегување со консумеризмот:

„Тој (Багван, н.з.) мислеше: Во едно општество опседнато со предмети, можам да напишам 600 книги за медитација и никој нема да биде заинтересиран. Но, ако имаш 93 Ролс-Ројса светот никогаш нема да заборави“.

Со ваквата маркетиншка филозофија дека и „лошите вести се добри вести“, на култот на Ошо дефинитивно му завршиле работа и скандалите поврзани со  Раџнишпурам. Веројатно затоа и кога бегал за да не биде уапсен, на крајот бил фатен во изнајмениот Learjet со 35 луксузни часовници и нараквици вкупно вредни 1 милион долари.

Останува прашањето што гуруто сакал да каже откако со сето од наброеното прилично го привлекол вниманието на светот. Од она што ние можевме да го чуеме (не само во серијата за која пишуваме, туку и во најгледаните видеа на YouTube каналот на OSHO International), Багван „ја откривал Америка“ како „топла вода“.

„Истокот остана едностран поради таканаречената духовност. Остана сиромашен,  ненаучен, без технологија. А Западот го избра материјализмот. Но, човекот е многу празен и без значење. Без духовноста, ќе нема центар. Човекот се распаѓа. Западниот човек е половина. Источниот човек е половина. Моите усилби се да создадам цел човек“, се зборови на гуруто кој себе си се нарекува „продуховен материјалист“,  пред да додаде оти „вакво нешто досега не му се случило на светот“.

Ошо …

П.С:

Wild Wild Country е навистина добра документарна серија, каква што ретко му се случувала на жанрот (визави последниот цитат од Ошо). Како куриозитет од неа ќе наведеме дека за потребите на серијата е интервјуиран и Џон Боверман (Jon Bowerman), во својство на противник на култот на Багван, а како сопственик на ранч што граничел со Раџнишпурам. Џон е син на соосновачот на Nike, Бил Боверман (Bill Bowerman).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here