Кога ги читаме „Писмата до братот“ од Винсент ван Гог, мозокот склон да визуелизира зема материјал од платната насликани од генијот чие дело е во основите на модерната уметност; кој сите го знаеме од неговите автопортрети, не од портретните фотографии.

Веројатно оттука е и идејата на авторите Дорота Кобела (Dorota Kobiela) и Хју Велшман (Hugh Welchman) да го направат филмот „Loving Vincent“, кој е во целост рачно, вангоговски насликан.

Веднаш треба да се каже дека самиот подвиг што вклучува 65.000 филмски кадри/слики масло на платно, насликани од тим од 125 уметници селектирани според способноста да го „скинат“ стилот на ван Гог, заслужува оддавање голема почит. А камо ли кога крајниот резултат е добар, полнокрвен филм, што би го сместиле во жанрот детективски трилер.

Пејзаж од „Loving Vincent“ ….

Овде ќе забележиме дека во случајот на „Loving Vincent“ нема смисла да се внимава на спојлери, зашто може ли да се смета за спојлер ако некому „раскажете“ слика на ван Гог?

Во филмот базиран на над осумстотините сочувани и објавени писма на Винсент ван Гог, од кои најголем дел се адресирани до неговиот брат Тео, главната линија на сижето се обидува да ја пресече мистеријата на смртта на еден од најпознатите сликари во историјата. Линијата ја следи испораката на последното вангогово писмо до Тео, од страна на синот на поштарот и пријател на ван Гог, кој (синот) најпрво не е многу мотивиран за целта, но патем, откривајќи ги префинетостите на умот, на емоционалната длабочина на личноста на генијот изразена низ уметникот, буквално заборава на себе правејќи ги сите жртви што ги бара задоволувањето на правдата за трагиката во животот на тогаш уште непризнатиот гениј, во кој многумина не гледале повеќе од она што им дозволувала предрасудата дека се работи за поранешен пациент на душевна болница.

„Loving Vincent“ прво бил снимен со актери (од кои ќе го издвоиме одличниот Џером Флин (Jerome Flynn) кој овде го игра докторот на ван Гог, Пол Гаше (Paul Gachet), а најпознат е како Брон во „Играта на троновите“ (Game of Thrones)), а потоа уметниците го трансформирале овој „инпут“ (во кој влегувала и компјутерска анимација на одредени елементи) во стилот на ван Гог, за на крајот да ја создадат илузијата на движење со анимирање на секој потег на сликарската четка. (патем речено, портретот на споменатиот доктор Гаше е најскапата јавно продадена слика (82.5 милиони долари; 1990 година) на ван Гог).

… и докторот Гаше

За некои можеби ќе биде напорна постојаната изложеност на огнот од колористичката палета на ван Гог, истрелан во „реденици“ негови карактеристични категорични потези (со исклучок на неколкуте црно-бели навраќања во минатото), но ние уживавме во секоја од оживеаните слики на Големиот Мајстор, без намера да бараме „црно под нокти“ во драматуршкиот дел, кој сосем добро ѝ служи на целта во „Loving Vincent“.

3 COMMENTS

  1. Можеби некој би требало да спомне дека во реализација на дел од сликите во филмот „Loving Vincent“, учествуваа и наши – македонски – сликари, меѓу кои и Гоце Илиевски, дипломиран сликар на факултетот за ликовни уметности, при УКИМ- Скопје. Барем колку да се знае дека и ние имаме со што да се гордееме во денешницава, без да се фалиме што направиле нашите предци. Имено сакам да кажам дека кај нас континуирано има квалитети, само треба да сакаме да ги забележиме.

  2. Предраг, многу ти благодариме за информацијата и сосем се сложуваме со заклучокот од крајот на твојот коментар. И ќе се обидеме да го исконтактираме Гоце Илиевски, да ни го раскаже и да го објавиме неговото искуство од работата на Loving Vincent

    • Ви благодарам за интересот, љубезноста и брзиот одговор. Електронската адреса на Гоце Илиевски е goce_i@hotmail.com
      Сигурен сум дека ќе добиете интересни информации околу начинот на работа на сликите, кој всушност го одвојуваат овој филм од другите досегашни анимирани филмови.
      Поздрав

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here