Често имам задоволство да разговарам со млади уметници, такви што на жарот на амбицијата го печат занаетот и она што преку него треба да го изразат (една од нив имам во семејството, која тукушто матурираше во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн, „Лазар Личеноски“). Од нив, во интервали одредени од тоа кога ги „откриваат“, слушам воодушевено споменување на големите имиња од историјата на уметноста. Но, името што со години најчесто го повторуваат, и во меѓусебните разговори, е Сашо, професорот Сашo, и тоа со некаков поттекст што како да не можат да го разберат „непосветените“, кои ја немаат привилегијата да бидат негови ученици. Ова важи за буквално сите, десетина на број, ученици на завршните години во средното уметничко училиште, со кои имам можност почесто да се среќавам.

Ова во добар дел беше провокацијата да поразговараме со нивниот професор по сликање, Сашо Барјактаров, и заедно да се обидеме, во форма за објавување, да ја начнеме тајната на неговата педагошка работа, истовремено претставувајќи го и како автор.

Говорејќи за работата како професор, тој уште на почеток го наметна аспектот дека влијанието на децата, на учениците врз него, не е помало од неговото врз нив.

„Овие деца инспирираат. Едно е што се талентирани, друго што се необични во доживувањето. Поради тоа е она „поинаквото“ што го избрале од сѐ што можат да изберат во животот. Тие се одредиле да бидат уметници, но како да станат тоа не знаат. Не е доволно само да ги научиме да цртаат, туку да ги научиме соодветно да мислат. А мислата не може секогаш да излезе само од нас. Мора да се збогатува тој простор, да се отвораат нови хоризонти, нови предизвици. Едноставно, треба да се осознаат. Јас само се обидувам да ја канализирам нивната мисла и да додавам во правецот што ќе го изберат. За моја и нивна среќа, сите деца излегуваат различни, нема калап“, вели Барјактаров.

Децата во училиштето каде што предава доаѓаат за да научат вештини, техника, која се надградува со, да ја наречеме со едно од нејзините имиња, духовна компонента, без која нема уметност.

„Колку порано учениците ќе влезат во размислување за теоретската поддршка на она што е уметничкиот чин, толку побрзо ќе им се случи да пораснат, да станат автори“.

Како проблем што го решава низ генерациите на кои им предавал и им предава, Барјактаров ја издвојува предрасудата кај одредени ученици дека апстрактната уметност, особено за почетниците во сликарството, најчесто е бегство, обид да се прикрие слабото владеење со сликарските вештини.

„Да не сметаат дека апстрактната уметност е помалку вредна, зашто е историски верификувана, оценета; и тука треба еден фин период на едукација, на опуштање, пред сѐ. Тие меѓу себе се гледаат и се мерат во она што е фигуративот. Но, имам примери во педагошката пракса кога деца со послаб цртеж и резултат во фигурација, со многу попродуховена мисла, станале многу креативни. Затоа не значи дека технички послабите нема да бидат добри автори“, вели професорот.

Во процесот „од занаетлии до автори“, Барјактаров „како случајно“ нафрла примери и го следи ефектот, фидбекот од учениците, пред „дискретно“ да продолжи да интервенира.

„Нафрлам по четири-пет автори, цртачи, сликари, концептуалисти, и гледам како восприемаат. Штом некој автор го знаат сите во групата, значи муабетот тргнал, заинтригирани се. Тогаш во истиот правец дозирано додавам уште, особено кај оние деца кои имаат капацитет да повлечат побрзо. Кај останатите не смеам, за да не пукнат прерано“.

„Страничниот“ дел од процесот оди и преку филм, музика, книжевност …

„Им пуштам и музика што ќе ги измести од рамнотежа, која има многу малку хармонија, во која не можат да препознаат нешто што може да го испеат. Им пуштав Art of Noise, Gang of Four, Diamanda Galás. За Дијаманда им кажав – таа е прекрасен пијанист, но видете ја артикулацијата, неверојатната трансформација, и во однос на фигурата, на ликот, визави интерпретацијата. Им пуштам на час и амбиентална музика, без мелодија за која ќе се фатат, тука само да создава еден фон, за да може мислата да тече“.

На промоција на мурали посветени на Пикасо и Дали во средното уметничко училиште, со директорот на училиштето, Димитар Филиповски, заменик-амбасадорот на Кралството Шпанија во Скопје, Жорди Лоренс Каратала, донеодамнешниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, и учениците кои работеле на муралите

Во разговорот Барјактаров ја искоментира и амбицијата на голем дел од завршените ученици во средното уметничко училиште, да се доформираат надвор од Македонија. Според него, „децата кога сакаат да излезат надвор, сакаат да се измерат со своите врсници од Европа или светот“, а  повратните резултати што ги има со ученици кои излегле одовде, се повеќе од охрабрувачки. Како во случајот со двајца студенти во Равена, од кои едниот, кој е втора година, го претставувал факултетот на колонија на која со најдоброто настапиле сите европски високошколски институции од областа.

„Имавме прекрасен пример и во Амстердам, на Кралската академија, каде наша ученичка после втора година доби кралска стипендија, до магистерски студии. Ме радува што и ваквите примери влијаат на децата да им се зголеми храброста – не се обесхрабруваат и ако не добијат стипендија, велат: ќе одам“.

Во контекстот се присети како во „негово време“ (кога, исто така, сите сакале некаде да одат), при еден негов престој во Салцбург, на пулт со информации за постдипломски студии во очи му паднал Диселдорф, „каде тогаш предаваа живите легенди на светската уметност“:

„Конкретно мене во моментот многу ме возбудуваше Нам Џун Пајк (Nam June Paik) и најскапиот жив сликар Герхард Рихтер. Но, покрај мојата жестока идеја да влезам таму, за жал, не беа воспоставени потребните меѓудржавни односи ….“.

Автор

„Во своите истражувања се занимавам со нешто што може да се нарече геометриска апстракција, нешто што се разбира низ второ-трето читање – не е „на прва“, накратко се претстави професорот како автор.

„Брзата препознатливост на едно дело ја намалува енергијата на реципиентот. Интеракцијата е важна и воајерски се однесувам на изложбите на кои изложувам. И кон публиката што ќе ја промаши целта. Можеш да добиеш нешто и од публика со рапав дух, не само од оние со префинет“

На прашањето за влијанијата, почнувајќи од првите што го формирале како уметник и човек – постоењата што не може да се одвојат едно од друго, Барјактаров како прва голема изложба што ја видел, а го „изместила“, ја спомена онаа на словенечкиот автор Јоже Циуха.

„Во училиштето нашите професори беа стигнати до Пикасо: импресионисти, со Пикасо како крајна точка. Подоцна се запознав со енформел во македонското сликарство од педесеттите години, што дополнително ме возбуди. Во квалитативна смисла ова е мерка од светски ранг. Сите од постарата генерација, дел од нив веќе покојни, учествувале во изградбата на македонската ликовна сцена, но јас ги видов дури во 1987 година, кога имав 18 години. Времето потоа ми овозможи дружење со една групација, многу хомогена, уметнички опседната; меѓу нив Станко Павлески, Александар Станковски …, што ми даваше постојано по малку нова, поинаква естетика и посветеност во моето формирање“.

Студиите во извесен дел му ги обележало појавувањето на книгата „Рускиот уметнички експеримент“, или супрематизам, што, како што вели, не ја испуштал од раце. Во формирањето на светогледот важен му бил и Вазарели, „кој во моментот кога создавал го антиципирал она што ќе се случи многу подоцна“, но, го одвојува влијанието на Малевич, и на целата екипа асоцирана со руската авангарда.

„Кога осознав во кои сѐ сфери влегувале уметниците на почетокот на 20 век, кога овде уште сме биле под турско ропство; тој скок од светлосни години ме возбуди и во однос на ликовниот израз и на филозофската предлошка. Целата таа поврзаност меѓу книжевниците, театарските дејци, ликовните уметници … е во една извонредна хармонија во создавањето на новото. Тоа некако ми го дефинираше погледот. Понатаму сѐ се случува по систем: да, ова ми се допаѓа, но секогаш бегав од препознатливост што може да ти донесе некаква етикета. Идејата ја продлабочував, надолу, за да може да ја сокријам зад неколку нивоа на читливост, повлечен од идејата на супрематизмот дека една идеја можам да ја раскажам како што јас сакам. Сметам дека брзата препознатливост кај едно дело ја намалува енергијата на реципиентот. Интеракцијата е важна. Воајерски се однесувам на изложбите на кои изложувам. И кога некој од публиката ќе ја промаши целта. Зашто знам дека и од ова може да добијам дополнителна вредност. Можеш да добиеш нешто и од публика со рапав дух, не само од оние со префинет“.

„Младите историчари на уметноста сѐ помалку се зафаќаат со следење, пронаоѓање, избирање поединци, и создавање на една класификација на вредности што треба да ги измери ова време, а не некое друго“

Барјакторов смета дека на уметниците во Македонија денес им недостасува поврзувањето, во групи, каде идејата, енергијата, букнува на начин што не може да остане јавно незабележан, артикулиран од членовите, индивидуално и групно.

„Ме онерасположува тоа што денес младите автори не се поврзуваат во групации, како што беше, на пример, „Зеро“, околу една мисла, израз … Денеска сите се автономни играчи, но со немањето ваква комуникација (и тоа во време кога социјалните медиуми тоа го дозволуваат повеќе од кога и да е) изостанува размената на енергии, како иницијатор на одредени случувања. Тоа не се должи на авторите, туку на теоретичарите, односно кураторите, на немањето некои нови проекти, предизвици, што треба да бидат со високи цели, за да ги предизвикаат авторите. Вина има и кај институциите, каде се луѓе кои се поставени повеќе  поради политичка провениенција, и скромно го разбираат тоа што го работат“.

Кога размислува за начините да се раздвижи ликовната сцена, Барјакторов е на мисла дека во соодветните институции треба да се уфрлат млади и енергични луѓе, кои ќе можат да ги следат уметниците. За значењето еден автор да биде препознаен од уметничкиот естаблишмент го наведе својот пример.

„Моето прво искуство со некој историчар/теоретичар на уметност се случи многу чудно. Директорот на Музејот на современа уметност, во тоа време Зоран Петровски, се јави на телефон – тогаш беа фиксни, и побара да дојде кај мене дома. Јас тогаш имав само нешто над 20 години. Му побарав два дена време да се соберам и да му отворам простор каде би го видел тоа што го работам. Тогаш беа популарни регалите, па отштрафував и кречев за кога ќе дојде човекот да му приредам достојна презентација. Тие искуства ми оставиле голем впечаток. Ми значеше што во тоа време ме следеше и Небојша Вилиќ, додавајќи ми информации, литература …“

Барјактаров сметка дека младите историчари на уметноста сѐ помалку се зафаќаат со следење, пронаоѓање, избирање поединци, и создавање на една класификација на вредности што треба да ги измери ова време, а не некое друго.

„Овие млади автори сега се на оваа возраст. Ако ги пронајдеш, ќе ги мотивираш да се качуваат нагоре по скалата. Ако не, голема е опасноста да се изгубат“.

„Во раните деведесетти Сорос истураше пари во културата, но со цел тоа понатаму да добие друга смисла, да стане самоодржлив проект, што денеска требаше да претставува голема и значајна институција во државата“

Враќајќи се малку порано, во времето кога Македонија се осамостојуваше, Барјактаров, без да има илузии дека каде и да е во светот конзументите на „здрава“ култура се мнозинство, даде свое видување зошто во нашево општество од културен аспект силно доминира „турбо-фолкерајот“.

„Луѓето кои треба да го понесат, да го наречеме маркетиншкиот дел на здравата уметност, некако загубија здив. А времето кога беа енергични, и имаа можност тоа да го направат, го пропуштија. Тоа беше тие рани деведесетти години, кога се зборуваше како во Македонија да се создаде пазар за уметност, или таканаречен арт-маркет. Но, влегуваме во капиталистичко општество со логиката од социјализмот: треба некој да ни даде пари. Како да се направат пари никој не знаеше. Во тоа време Сорос истураше пари во културата, но со цел тоа понатаму да добие друга смисла, да стане самоодржлив проект, што денеска требаше да претставува голема и значајна институција во државата. За жал, луѓето што го водеа ова се откажаа многу брзо откако ги снема парите од Сорос, и не успеаја да ја остварат целта да почнат да се прават пари. Останува тоа дека за да биде арт-маркет треба да има и потреба од уметност, да се консумира, купува, за цената да може да добие смисла“.

Едно од системските решенија што ги препорачува е откуп на проекти.

„Се разбира, ако е вреден проектот на одреден автор, институциите да учествуваат во дел од реализацијата во финансиска смисла, по што ќе задржат дело-две, колку што ќе сметаат дека е потребно за да се пополнат дупките во националните институции. Овие дупки се огромни – по 97/98 година во збирките на националните галерии се испуштени цели генерации“.

Барјактаров забележува дека овде недостасуваат и изложби на големи, светски автори, што, секако, би помогнале да се возбуди потенцијалната публика за создавање арт-маркет.

„Во Македонија недостасуваат изложби на големи автори. Последна ваква во Скопје што ја паметам беше на Тони Крег (Tony Cragg), кога првпат наша институција плати обезбедување на изложба. Се појавија тука и Дали и Пикасо, и Хрст, но тоа не е ниво за дискусија; тоа е мултиоргинал, дигитално испечатен, што е прескромно да се нарече голем чин. Го спомнав Тони Крег поради комплексноста на изложбата, во однос на употребата на материјали, и околу него цела армија на асистенти, што покажа дека уметноста е индустрија, не само чин по себе. Оној дел што ја следи уметноста треба да биде на повисоко ниво, за авторот и целиот настан да го добијат потребното значење“.

Сашо Барјактаров, кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класата на Рубенс Корубин, се занимава и со дизајн – графички и на ентериер, а некои ќе се сетат на него и од средината на деведесеттите, кога го отвори првиот техно клуб во градот „Дали?“ (посочува на прашалникот во името, за да не се чита како големиот шпански сликар). Во 2007 година, со заминувањето во пензија на неговиот професор Ангеле Гавровски, станал професор по цртање и сликање во средното уметничко училиште, а по пензионирањето и на Жарко Јакимовски, на инсистирање на споменатиот, продолжил да работи на предметот сликарство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here