„Денеска и професионалните филмски критичари не се сеќаваат кој победил лани на Оскарите или во Кан. Ако треба да издвојам тренд во денешната светска кинематографија, тоа е дека сѐ толку брзо поминува. Порано, кога ќе се појавеше филм за кој ќе се зборува, беше актуелен две-три години. Се зборуваше, се пишуваше. Тоа се филмови што се културолошки столбови. Го менуваа светот. „Кум“, „Таксист“, … па дури и еден „Рамбо“ е своевиден културолошки модел. За „Војна на ѕвездите“ да не зборуваме“.

Овој став и мене ми прозвучи неочекувано, можеби и конзервативно, кога го слушнав од филмскиот критичар Стојан Синадинов, во разговор од кој се надевав и на препораки, на повеќе нови наслови, режисерски имиња, кои не го добиле потребното внимание од нас во услови на залихи серии и филмови што „мора“ да се одгледаат, насобрани зашто не можеме да постигнеме.  Но, не можев да не се сложам со него, откако не ми успеа да се сетам на понов филм (а се сетив и на неколку одлични) за кој долго се зборувало, се анализирало; кој имал влијание поважно од она што го мери „бокс офисот“.

Ерата на интернетот, е одговорот/причината на која секој ќе се сети, а такво е и толкувањето на Синадинов, за семрежјето во кое „сѐ е битно, и ништо не е битно“.

„За мене интернетот е океан без граници. Во одреден момент сѐ може да биде битно, како што би рекол Енди Ворхол – секој ќе биде славен барем 15 минути, а и нешто што е битно, може да испадне небитно, ако во тој океан без граници не успееш да дојдеш до него, да го сретнеш. Во оваа констелација како критичар не знаеш кому да се обратиш. Јас не знам дали некој гледа Netflix или HBO; дали од некаде симнува, што симнува …“.

Синадинов слободно ќе го наречам доајен на филмската критика во Македонија, со оглед дека професионално пишува уште од времето на поранешна Југославија. Како што самиот кажува, бил принуден да се движи меѓу двата пола – поп-култура до нејзините ниски гранки, и високо естетизирани форми уметност, но, познавајќи ја неговата работа, ќе кажам оти никогаш не отстапил од високите стандарди. Со истите тој го мереше одговорот на секое од прашањата што му ги поставив.

„Цеца (Светлана Величковиќ, сега Ражњатовиќ), кога ѝ правев интервју како на актерка во „Нечиста крв“, имаше 18 години, и на прашањето за нејзината иднина, изрази желба да студира глума, а можеби и филозофија. Оставаше впечаток дека не е интелектуално инсуфициентна „певаљка“, туку прилично остроумна“

Кураж да се занимава со филмска критика добил од професорот Милан Ѓурчинов (неодамна починат), и тоа студирајќи општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, во (потенцира Синадинов) седмата генерација на катедрата, во која колеги му биле и Сашко Насев, Златко Славенски, … како дел од поголемата група претходно одбиени кандидати на Факултетот за драмски уметности.

„Во прва година на факултетот учевме теорија на книжевноста кај професорот Милан Ѓурчинов, меѓу останатото и за критика. Тој ни рече, ајде колеги, за следниот час секој нека напише критика; слободно нека си избере дали книжевна, театарска, филмска, …

Јас напишав за филмот „Строго контролирани возови“ од чешкиот писател Бохумил Храбал, а во режија на, исто така Чехот, Јиржи Менцел. Ѓурчинов ги собра трудовите, и следниот час мојата критика никаде ја нема. За на крајот професорот да рече: Е, ова на колегата Стојан Синадинов е вистинска критика. И јас си реков: Еј, стварно можам да пишувам“.

Синадинов во „Студентски збор“ почнал да пишува во 1988 година, a постарите филмски критичари, откако го пофалиле како перо, го поставиле за претседател на Здружението на филмските критичари. Кратко работел и во „Република“ (првиот независен дневен весник во независна Македонија), пред, по препорака на режисерот Кирил Ценевски („Црно семе“, „Јад“), да се вработи во „Екран“, специјализираното списание за случувањата на естрадата.

Од сеќавањата од новинарското покривање на белградски FEST (меѓународниот филмски фестивал), ја издвои 1992 година, со главниот гостин, рускиот режисер оскаровец, Никита Михалков.

„Ние бевме со СФРЈ-менталитет и сметавме дека за Истокот, во случајов Русија, сме Запад, што подоцна ни се удри од глава, особено на Македонците. А кај Михалков воочив една достоинственост, па дури и како некоја префинета ароганција. За него, после неколку години, кога се појави Путин, читав дека му бил еден од советниците. Во „Сибирскиот берберин“ покажува дека му е политички татко на Путин – во филмот е покажана денешната путиновска Русија“.

Се сети дека пред овој FEST професионалните задачи го одвеле и во Врање, каде направил интервју со пејачката Цеца, тогаш (Светлана) Величковиќ, во својство на актерка.

„Некаде во ноември 1991 година во Врање се снимаше „Нечиста крв“ на Стојан Стојчиќ, со голем дел македонска екипа, а еден од актерите беше Кили (Кирил Поп-Христов). Коштана, пак, ја играше Цеца, Светлана Величковиќ. И ние од „Екран“ одиме во Врање, со Кили како „воѓа пута“ додека врне ситен дожд, на прес-конференција во Хотел Врање, на која не беа главните актери, Раде Шербеџија и Љуба Тадиќ (кои, исто играат во „Нечиста крв“). За нив ни кажаа во која кафеана се, но нѐ предупредија дека „од вчера се таму, подобро не одете“. Тогаш прашав една госпоѓа која денес би била лице одговорно за односи со јавноста: Каде можам да ја најдам Цеца? И едно девојче до неа одговори: Јас сум Цеца. Кога се свртев видов девојка со мрсна коса падната преку лицето, широк џемпер и фармерки, па откако ја препознав, ја прашав дали може да направиме интервју. Може, ама не вака, ми рече, и побара да почекаме да го облече костимот за ликот што го играше. Се вративме во Скопје, ја објавивме Цеца на насловна, и тој број на „Екран“ имаше 33.000 тираж, што за денешен поим е неверојатно. Цеца тогаш имаше 18 години, и на прашањето за нејзината иднина, изрази желба да студира глума, а можеби и филозофија. Оставаше впечаток дека не е интелектуално инсуфициентна „певаљка“, туку прилично остроумна“, ни раскажа Синадинов.

Интернетот е добрата, и истовремено лоша вест за филмот

„Пред неколку години во Кинотеката на Македонија, на една округла маса за филмската критика, реков дека има две вести – една добра, другата лоша. Добрата е дека во светот победи информатичкиот комунизам. Лошата е, исто така, дека победи информатичкиот комунизам“, вели Стојан Синадинов.

И веднаш дообјаснува дека, според него, демократизацијата на пристапот до медиумите што ја донесоа социјалните мрежи, од една страна им даде можност на сите да пишуваат за филм на Facebook, но од друга, во голема мера се загуби форматот, технолошкиот и естетскиот, што го бара полнокрвната филмска критика.

„Блогот и во светски рамки се смета за аматерски. Зашто се бара формат. А што значи формат, технолошки и естетски? Во 1997 година бев на фестивалот во Монтреал (Montreal World Film Festival), кога беа „Џипси Меџик“ на Столе Попов и „Преку езерото“ на Антонио Митриќески, а јас отидов со телевизиски филм на Младен Крстевски. Мајсторот на фотографија на „Џипси Меџик“, Апостол Трпевски – Апо, си носеше своја камера, и Јагода Михајловска од „Пулс“, која исто така беше таму, рече ајде патем да снимиме и репортажа за Македонската телевизија. После една проекција таа прашуваше луѓе како им се допаднал филмот и еден повозрасен афроамериканец одговори дека многу му се допаднал. Кога Апо почна да ја снима изјавата, човекот праша: А од каде сте вие? Откако му беше кажано дека се работи за македонска национална телевизија, тој пак праша: А зошто ако сте од национална телевизија човеков снима со приватна камера? И токму така – Апо снимаше со VHS, а тогашните телевизиски стандарди беа Beta. Е тоа е формат“.

Интервју со Илдико Енједи за време на Солунскиот филмски фестивал (ноември 2017), режисерката на „За тело и душа“ (Унгарија), победник на Берлинале 2017, кандидат за Оскар и други награди

Како што вели Синадинов, денеска има недостаток од филмска критика поради споменатиот „информатички комунизам“, во кој не постои сидро, што ќе ги сконцентрира на едно место факторите што ја создаваат потребата од поаналитичко занимавање со филмот.

„Филмска критика нема, меѓу другото и поради информатичкиот комунизам, што го воведе интернетот, социјалните мрежи. Таква е таа мала моја теорија. Зашто не постои сидро. Порано се знаеше – филмот прво оди во кино, после 18 месеци на видео, а после три години на телевизија. Критичарот знаеше кому се обраќа – публиката што била во кино да одгледа одреден филм знаеше дали сака да прочита критика за истиот. Имаше сидро околу кое беше концентрацијата на филмофили, обични гледачи, филмски критичари, и тие тука се среќаваа, кога критиката ќе се објави во медиум“.

Од друга страна, вели Синадинов, има подем на оние што може да се наречат квалификувани гледачи, интелектуалци, кои со „као“ марксистичката теза – осум часа работа, осум часа одмор, осум часа културна надградба – самите си се критичари. Го гледаат филмот, па некој од нив ќе напише мислење на Facebook.

„Александрос Авранас е грчки режисер кој ми оставил голем впечаток последниве години, со „Мис Вајоленс“ (Miss Violence) и новиот „Лав ми нот“ (Love Me Not). Авранас е Звјагинцев на стероиди“

Еден од трендовите што го посочи, цитирајќи го српскиот критичар Бора Анѓелиќ, е финалната пресметка меѓу платформите за гледање филмови и класичниот фестивалски филм. Лани Кан дозволи, а претходно и Берлин, да почнат да се прикажуваат пилот епизоди од серии продуцирани за прикажувачките платформи како Netflix, додека уште не е решена дилемата дали серија може да биде на исто рамниште со класичен филм.

За да го долови влијанието на интернетот, и воопшто на технологијата, Синадинов го искористи следниов прегледен пример.

„Порано зборувавме за грамофонски плочи, касети, а кога се појави компактниот диск почна да се зборува за носачи на звук. Веројатно зашто беа повеќе од два. Денеска што е носач на звук? Го имаме во телефонот. Порано кога ќе се појавеше плоча, беше битен и графичкиот дизајн; буклет на двоен албум беше како вид книга, стрип. Денеска оваа приказна ја нема – на едно USB ставаме песни колку што собира, на „кило“.

На прашањето кои филмови му се допаднале од излезените во последно време, рече дека нема да одговори со наслови, туку со имиња на автори.

„Многу ми се допаѓа Андреј Звјагинцев, последниов „Loveless“ (Nelyubov, 2017) и „The Return“ (Vozvrashchenie, 2003). Со него на филмскиот фестивал во Солун (Thessaloniki International Film Festival) направив интервју. Многу интересен лик. Го сакам неговиот минимализам, што е одраз на таа пост-Никита Михалковска руска естетика. За Русите нивниот домашен пазар е доволен, и Звјагинцев може да си го дозволи и Филип Глас како автор на музика на негов филм. Не сакав да биде стандардно интервјуто со Звјагинцев кој во Солун беше со „Elena“ (2011), па му поставив прашање во кое неговите филмови ги споредив со руските реки – бавни, но многу длабоки и силни. Многу интересни прашања“, одговорил Звјагинцев.

А Синадинов вели дека денеска и големите филмски фестивали не се тоа што биле. Годинава не, но претходните три години бил во Берлин (Berlin International Film Festival – Berlinale), од каде заминувал со впечаток дека присуствувал на бизнис митинг, со милиони евра инкасирани од над дваесетте илјади филмски професионалци и новинари кои доаѓаат на Берлиналето.

„Општ е впечатокот дека после целиот „циркус“ ниту еден филм не се памети“.

„За македонските автори како да важи правилото: колку ги држиш на леб и вода, толку подобри филмови прават“

Кога побаравме да издвои најдобри филмови „на сите времиња“, тој веднаш ги „испука“ „Кум“ на Френсис Форд Копола, „Таксист“ на Мартин Скорсезе; „на втора“ од Копола го додаде и „Апокалипса“, „Новеченто“ на Бернардо Бертолучи, „Добриот, грдиот и лошиот“ од Серџо Леоне, како и „Беше еднаш во Америка“, …, пред да се сети и на филмовите на Андреј Кончаловски, на Никита Михалков, на Милош Форман, од кој особено го издвои „Регтајм“ (Ragtime), па „Лет над кукавичјото гнездо“, „Коса“, …

„Од поновите, од Томас Винтенберг, „Колективет“ (The Commune), зашто е нормален; едноставна приказна без големи зафати и амбиции „ќе направам ремек-дело“; потоа „Олдбој“ на Чан-вук Парк, „Пролет, лето, есен, зима … пролет“ на Ким Ки-дук,… Александрос Авранас е грчки режисер кој ми оставил голем впечаток последниве години, со „Мис Вајоленс“ (Miss Violence) и новиот „Лав ми нот“ (Love Me Not). Авранас е Звјагинцев на стероиди“.

Секако, со Синадинов не пропуштивме да поразговараме и за македонската кинематографија. Тој забележа дека за да се зборува што денес се случува на домашната филмска сцена, мора да се потсетиме што претходно се случувало. Смета дека македонската кинематографија, од времето кога ја делела судбината на југословенската во позитивна смисла, зашто поради македонскиот јазик како помалку капацитетен за пробив на заедничкиот пазар овде не се правеле проекти од видот „Жикина династија“, оставила добри основи.

„За македонските автори како да важи правилото: колку ги држиш на леб и вода, толку подобри филмови ќе прават. Ако им дадеш повеќе пари не знаат што да направат. Затоа последниве години има направено неколку филмови со оној минимумот од 250-300 илјади евра буџет за продукција: „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, „Џган“ на Вардан Тозија, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески … Овие се авторите што прават филмови што кореспондираат со времето, со новото време. Другите филмови се што сакал да каже писателот, зошто сакал да каже …“.

Стојан Синадинов во моментов е соработник во Кинотеката на Македонија, и најави дека прават нова интернет страница што треба да стартува наредниов месец, на која со редовни „апдејтувања“ ќе се објавува филмска критика и осврти.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here