Владимир Патчев е правник; дипломиран, пред магистрирање. Кога стигнав кај него дома за да го направиме разговоров, го контемплираше Договорот меѓу Македонија и Грција. Не можеше да не ја искоментира темата стручно, додека траеше вообичаеното гостољубиво нудење кафе, сок, чај … Но, штом го вклучивме диктафонот, се одлепивме од приземното – Патчев со воодушевување почна да зборува за консеквенциите од една друга војна, „Војната на ѕвездите“.

„Фасцинацијата дојде многу подоцна од првата детска средба со „Војна на ѕвездите““, ја почна својата Star Wars приказна, потенцирајќи дека кога го нареков хард-кор фан треба да правам разлика меѓу, да ги наречеме така, освестените љубители, и оние од видот „отаку“.

„Свесниот влез во светот на Star Wars ми се случи кога излезе „Фантомска закана“ (Phantom Menace, 1999). Претходно немав некоја масивна информираност за тоа што претставува целиот тој феномен Star Wars, туку беше навраќање на одредена меморија. И ден денеска го паметам тој момент, кога живеевме кај Градски ѕид, во зградата кај „Краш“, а јас имав 4-5 години. Моите гледаа нешто на телевизија, и она на што се сеќавам е секвенцата од „Империјата го возвраќа ударот“ (The Empire Strikes Back, 1980), кога Лендо им помага на Леа, Чубака …, да побегнат од планетата Беспин, и, ако можат да го спасат Хан Соло, кој е замрзнат во карбонит. Се сеќавам на секвенцата кога тој ја напушта Беспин, и тоа е практично како една тераса, од која тој трча и влегува во друг коридор … Таа сцена, во која зад него се гледа залез на ѕвездата на Беспин; таа пастелна боја на залезот, некои прелевања меѓу портокалови, виолетови, црвени бои, ми останала во меморијата.“

На овој сликовит опис, за доживувањето да биде целосно, Патчев потсети на суштествената за комплетниот проект, музика на големиот Џон Вилијамс. Па, раскажа како откако со „Фантомска закана“ бил вовлечен во приказната, знаејќи дека имало нешто претходно, го надоместувал пропуштеното и му се сложувала големата слика. Вели дека како растел му било сѐ потешко да „голтне“ некои работи во филмовите од епската вселенска опера на Џорџ Лукас; нешта што од филмски аспект „не држат многу вода“, но, како што вели, важното за оваа приказна е „да се фатиш за соколот и да го прифатиш возењето“.

„Лесно може да најдеш мани, особено кога нашето лаицизирање ќе дојде во судир со научниот момент. Еј, па чекај, што е тоа во „Последниот џедај“ (The Last Jedi, 2017) со бомбите што паѓаат на големиот брод на почетокот на филмот! Како тоа бомби во нулта гравитација! Ова се реакции на „забегани“ фанови.“

„Лук е производ на општеството во кое живееме, кое очекува некој супер-лик, по некое пророштво, да го спаси, да ни донесе баланс, благодет за сите, што реално не се случува. Тоа се погрешни очекувања, поврзани со нашите очекувања од општеството“

Овие „забегани“ фанови, вели Патчев, останале разочарани по „Последниот џедај“, зашто површно гледајќи на проблемот на доброто и злото во Star Wars, дека „џедаите се добрите, некои други се бељаџии, лоши …“, очекувале Лук Скајвокер месијански да дојде со „лајтсејберот“ и „да направи партали“.

„Мислам дека овие нови три филма, „сиквелите“, „Моќта се буди“ (The Force Awakens, 2017), „Последниот џедај“, и сега ќе видиме со „деветката“ како ќе биде, добро објаснуваат, со поголема филозофска тежина. Во „Последниот џедај“, за кој сите очекуваа дека Лук ќе биде носечкиот лик и кога ќе се појави со „лајтсејберот“ ќе направи партали, можеа да сфатат дека тој е многу покомплексен лик, повеќедимензионален. Лук е производ на општеството во кое живееме, кое очекува некој супер-лик, по некое пророштво, да го спаси, да ни донесе баланс, благодет за сите, што реално не се случува. Тоа се погрешни очекувања, поврзани со нашите очекувања од општеството.“

Патчев смета дека во филмовите од франшизата очигледно е дека и Џорџ Лукас (заедно со другите кои работеле на приказните) се барал себе си во етичко-филозофскиот дел.

„Доказ за ова талкање во приказот на доброто и злото има и во однос на „Враќањето на џедајот“ (Return of the Jedi, 1983), кој требало да се вика „Одмазда на џедајот“, со идеја Лук да ги убие Дарт Вејдер и Императорот, да ја земе маската на татко му, и тој да стане Император … Но, очигледно Лукас доживеал филозофски конфликт, па сменил. Тоа е тоа филозофско талкање.“

Според Патчев, една од клучните филозофски нишки во Star Wars, особено со џедаите, оди преку предизвиците на зреењето – од детството, адолесценцијата, до возрасни луѓе.

„Интересно е што Анакин, како жртва на овие филозофски талкања на Лукас и екипата, што кај него (кај Анакин) се одразуваат како емотивни талкања, од најомилен, станува најомразен лик. Тој на крајот ќе се искупи, зашто неговиот неразвиен адолесцентски татковски синдром – тој немал татко/не знаел кој му е татко, ќе се компензира преку спасувањето на Лук. Сметам и дека Лукас наметнува слика за џедаите што не е сосем реална. Џедаите, на пример, се многу сурови кон Анакин – тој не смее да сака, не смее да има деца, па, мора да се крие. Со нивната таинственост околу суштината на нивното дејствување во општеството, тој полека влегува во зоната на влијание на Императорот, тогаш канцелар, со кој можеби воспоставува синовско-татковска врска.“

Говорејќи за „рецензираното“ гледање на самиот Џорџ Лукас на своето дело, Патчев посочи на неодамнешно интервју што Џејмс Камерун го направил со таткото на Star Wars за потребите на документарна мини-серија во врска со научната фантастика (James Cameron’s Story of Science Fiction, 2018).

„Таму самиот Лукас вели, а во контекст на Star Wars, дека Америка која победила во Втората светска војна, се борела за поинаков поредок во светот; потфрлила во Виетнам, во Авганистан, а падна и Берлинскиот ѕид. Се боревме да победиме една империја (Советскиот Сојуз), вели Лукас, а ние станавме – така не гледаат, како империја, и многу одвратни работи ни се случуваат нам.“

Уметник: Владимир Патчев. Тема: Реинвентирање на Star Wars

Дел од Star Wars колекцијата на Патчев

„Отсекогаш сакав да сликам. И мајка ми и татко ми, кој е починат, одлично цртаат; татко ми особено беше добар акварелист“, вели Владимир Патчев, кој потребата за ликовно изразување во значаен дел ја реализира во контекст на неговата фасцинација од Star Wars.

„За главната пошта во Скопје на извонредниот архитект Јанко Константинов; кога ќе поминеме со брат ми по мостот Гоце Делчев; за таа врвна, монументална градба, викаме: Ууу, еве ја ситовската зграда“

„Цртањето ми е реинвентирање на она што јас сакам да го видам. Кога се појави „The Force Awakens“, како таму беше претставен тој универзум, сите тие пастелни бои, силината на одредени детали, сето тоа ме освои. Особено кога ја најдов „Стар Ворс Вижнс“ (Star Wars Art: Visions), од луѓе што го сакаат Star Wars универзумот, како го визуелизирале во претежно масло на платно, акрил, акварел… Ми беше предизвик да осмислам дроид, потоа планета што е вселенска депонија, облека на лик–девојка која сама живее во пустина …, да ги претставам со одредени сликарски техники.“

Моментално опсесија му е, засега во фаза само на скици „во молив“, да осмислува варијанти за џедајски храм, како алтернатива „за оној од The Last Jedi“.

„Размислувајќи и за други можни решенија, со целата слобода што ја дава фантазијата, креативноста, физиката во универзумот, го гледам Македониумот во Крушево, и си викам, баш ми личи на џедај храм. Веројатно и Ралф Меквири (концептуалниот дизајнер и илустратор кој работел на оригиналната Star Wars трилогија), добил некогаш инспирација на ваков начин. За главната пошта во Скопје на извонредниот архитект Јанко Константинов, кога ќе поминеме со брат ми по мостот Гоце Делчев; за таа врвна, монументална градба, викаме: Ууу, еве ја ситовската зграда.“

За крај, посебно интересна, емотивна приказна, Патчев има за рачно направените мечови, „лајтсејбери“, која нема да биде тоа ако не ја пренесеме токму како што ја раскажа:

„Кога сопругата се породи, нели, веднаш отидов да ја видам ќерка ми, и кога ќе видиш толку малечко бебенце, што да кажеш? Тие денови додека седев дома и ги чекав да си дојдат ќе пуштев Star Wars за да не се трошам на непродуктивни размислување што сѐ може да биде, иако знаев дека сѐ ќе биде во ред. Но, тоа се први конкретни моменти како родител. Кога ја видов ќерка ми, бебе, педесет сантиметри, ѝ викнав „Еј!“, и таа се сврте, трепка со очите, и ѝ реков: Кога ќе дојдеш дома, ќе гледаме јас и ти Star Wars, ќе ти објаснам сѐ за тоа, само да не забегуваш. Тато ќе ти направи два „лајтсејбери“ и јас и ти ќе се тепаме.“

Рачно направените „лајтсејбери“ во акција

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here