Во најновиот извештај за безбедноста на железничкиот сообраќај што го најдов, изработен од статистичката канцеларија на Европската унија, Евростат, кој се однесува на 2016 година (следниот извештај е закажан за јануари 2019), стои дека во ЕУ, во односната година, 964 луѓе загинале во железнички инциденти, од кои 94% во несреќи при преминување на шини и фатална средба со воз во движење. Во извештајот се вели дека за самоубиствата на шини се известува посебно, и таа бројка е фрапантна – во ЕУ во 2016 година имало дури 2.870 самоубиства од ваков вид; 3,8% повеќе во однос на претходната година.

„Не е лесно да се пронајдат мерки за спречување на самоубиствата на шините“, пишува во извештајот на Евростат.

Овие усмртувања некој ги причинува. Технички, неизбежно, ненамерно … не одговарајќи пред законот. Одново ќе речеме технички, тој не треба да одговара ни пред својата совест, зашто не можел ништо да стори за да ја спречи несреќата – возот за да запре му требаат стотици метри откако машиновозачот ќе ја активира кочницата. Но, возачот на локомотивата некако мора да се носи со овие – и по трет пат ќе кажеме, технички жртви; луѓе кои во крајно потресни сцени го завршуваат животот.

Со оваа проблематика прилично длабоко се занимава Милош Радовиќ, како сценарист и режисер, во својот филм „Дневникот на машиновозачот“ (Дневник машиновође, 2016), српски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм во 2016 година.

Радовиќ добро го познава животот и професијата на машиновозачите, зашто дедо му Угљеша, како што самиот вели, бил најпознат машиновозач во Кралството Југославија. Режисерот за потребите на филмот спровел истражување од кое произлегол фактот дека речиси секој машиновозач во кариерата ненамерно убива по 20-30 луѓе.

Задачата да го износи на своето лице, во својата актерска игра, овој товар на луѓето кои работниот век го поминуваат зад управувачот на локомотивата, во „Дневникот на машиновозачот“ ја има Лазар Ристовски. И бардот тоа го прави најдобро што може да се замисли. Неговиот лик, Илија, никогаш не се оженил; за да се носи со трагичната неизбежност карактеристична за професијата, тој става маска на строга војничка воздржаност во односите со луѓето, оправдувајќи ја со семејна традиција во која мажи не смеат да покажуваат емоции. Но, зад оваа маска на Илија има многу патос, што особено се открива во интеракцијата со неговиот посвоен син, Сима, кој почнува да живее со него откако Илија во последен момент ќе успее да го запре возот пред детето кое сака да се самоубие на шините.

Не случајно режисерот одбрал приказната да ја раскаже како комедија, знаејќи дека хуморот (патем речено, филмот воопшто има солиден хумор) е единствениот начин машиновозачите да останат нормални, прилично извесно очекувајќи го своето следно ненамерно убиство. Зашто тука не помага психијатар, а сцената што го отвора филмот е доказ – Илија по редовна процедура се јавува кај специјалист за да му биде проверена психичката состојба откако со возот убил шест Роми, „цел трубачки оркестар“, но слушајќи ги крвавите детали од сцената психијатарот станува истрауматизираниот, и машиновозачот, како искусен во носење со вакви трауми, му помага да се прибере.

Но, ова носење подразбира и многу потиснување, собирање нестабилен материјал во потсвеста, што резултира така што Илија почнува да халуцинира дека му се вратила неговата единствена љубов во животот, Даница, која во младоста ја изгазил со возот. (ова е единствената слаба точка на филмот – недоволно е уверлива, според мое мислење, епизодата со халуцинирањето за Даница).

Режисерот Радовиќ во тек на кастингот требало да го реши и проблемот кој ќе му парира на големиот Лазар Ристовски за да го одигра неговиот посвоен син Сима. Изборот не можел да биде подобар – натуршчикот Петар Кораќ е уверлив и во најнеблагодарните сцени за актер-аматер; оние со голем емотивен набој.

„Кога Лазар доаѓаше на сетот, тоа беше како локомотива да добие уште еден мотор. Го доживеав како човек со исклучителна енергија и способности. Еден од најголемите предизвици ми беше кога ќе имаме заеднички кадар или сцена, да не испаднам неприродно и недораснато покрај него како партнер“, вели Кораќ за соработката со Ристовски, во интервју за „Filmski centar Srbije“.

„Дневникот на машиновозачот“ е професионално сработен филм од секој аспект, одлично естетизиран; со стегната, убаво заокружена приказна, напишана/втемелена на искуството и истражувањето на сценаристот и режисер Милош Радовиќ, чиј дедо бил машиновозач, а татко познатиот српски писател Душко Радовиќ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here