Родителството, мајчинството, татковството, е најубавото нешто што може да му се случи на човек. Кога би било поинаку, веројатно никој не би можел да ги поднесе жртвите што се бараат од родителите во подигањето на децата. Но, за оваа силна мотивација да си ја заврши работата додека трае клучната фаза на родителството – кога децата се мали; која најубаво, најсуштествено ви враќа во животот почнувајќи веднаш по нивното раѓање, потребно е човек во неа да влезе подготвен.

Што се случува кога мотивацијата е тука, но „во заседа“ чека контрадикторен фактор, што во муабет го викаме неизживеаност, а значи неможност да се ужива во развојните периоди што ги носи созревањето поради ставот дека раѓањето на децата исцртува граница во животот, пред која веќе поминало најдоброто, а по која завршува слободата карактеристична за младоста; односно, кога се има фиксација дека право на вистинска слобода уживаат само младите без обврски? Здравото созревање подразбира дека одлуката да се основа семејство со деца произлегува токму од органската желба слободата да се реализира на овој план.

Со оваа проблематиката се занимава Џејсон Рајтман (Jason Reitman) во неговиот нов филм, „Tully“ (2018), што му е трета „хемиски“ усогласена соработка со сценаристката Диабло Коди (Diablo Cody) (претходно соработуваа во „Juno“ (2007) и во „Young Adult“ (2011)).

За целта Рајтман прикажува реална, неромантизирана слика за бременоста, за раѓањето, за првите месеци по доаѓањето на бебето, и тоа во услови кога во семејството ова е трето дете, додека средното има извесни; сѐ уште непрецизно дијагностицирани пречки во развојот.

Централниот лик, мајката Марло, одлично го игра Шарлиз Терон (Charlize Theron), која за улогата додала прилично килограми на својата тежина (повеќе отколку во „Monster“) за и на овој начин да ги долови маките на мајките и од аспект на промените што ги претрпува нивното тело.

Фрустрациите што настануваат во обидот да се одржи функционирањето на семејството во услови на бессоните ноќи на мајката која сама ги менаџира работите, не се трошат во искрења/расправии по линија на помал отпор – со оној кој е најблиску – нејзиниот сопруг Дрју (Ron Livingston), кој речиси цел ден е на работа, а кога исцрпен се враќа, колку што може им се посветува на двете поголеми деца, за пред спиење да поигра видео-игри, што е неговиот ескапистички ритуал.

Но, проблемот е што отсуството на расправии меѓу сопружниците не е резултат на некој хармонизиран однос, туку на отуѓеност која подоцна ќе се покаже фатална.

Во ваква ситуација заплетот доаѓа кога Марло ќе потклекне пред да пукне, и ќе одлучи да го прифати „специјалниот подарок за бебето“, што ѝ го нуди нејзиниот брат Крег (Mark Duplass). Крег е новопечен богаташ, кој имал доволно време да се навикне на материјалната безгрижност дотолку што веќе не може да разбере како живеат посиромашните, но не и за да ја надмине потребата да го покажува статусот, вклучително и пред сестра му и зетот. Марло, кога тој ѝ нуди помош, отворено му кажува дека со задоволство би примила и пари, но Крег инсистира на „специјалниот подарок“, што имено е ноќна дадилка, по чие име е наречен и филмот, Тали, која доаѓа ноќе, целосно ја презема грижата за бебето, а мајката ја буди само кога треба да дои.

Тали (Mackenzie Davis), уште од првата ноќ кога доаѓа, се покажува како остварување на сонот на Марло – мајката и буквално следното утро се буди наспана; тврди дека „одново може да гледа во боја“. Дадилката од една страна е професионално совршена, прави во домот на Марло и многу повеќе од она што ѝ е во описот на обврските – на пример, во тек на ноќта дискретно успева да ја исчисти долго запоставената куќа. Од друга страна, Тали е полна со „младост-лудост“, што на Марло особено ѝ годи во опуштените ноќни муабети со неа. Во еден таков муабет, кога Тали ноншалантно кажува дека е во неколку паралелни врски, Марло ѝ се пофалува дека некогаш и таа била исто таква.

„Го јавав секој коњ на вртелешката додека не го сретнав Дрју“, вели мајката, а на прашањето од дадилката, „кој коњ беше Дрју?“, Марло одговара: „Тој беше клупата“, додавајќи дека направила вистински избор, избирајќи сигурност.

Финалето на филмот што ја открива трагиката на Марло почнува кога во духот на споменатата „младост-лудост“, Тали, без објаснување, ќе најави дека си оди, оти ја напушта работата, а Марло очајнички ќе сака да ја задржи …

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here