Новиот албум на Aphex Twin, „Collapse EP“ (Warp Records; всушност се работи за EP – extended play), излегува на 14 септември. За првиот сингл – „привју“ за албумот, „T69 Collapse“, излезе и видео (со „T69“ веројатно се алудира на американскиот тенк од средината на 1950-тите, односно, Aphex се поигрува со шпекулациите дека поседува тенк, а всушност има нешто слично, Ferret armoured car).

Aphex со својот „оклопник“

Во духот на неговото одбивање да биде конвенционално популарна ѕвезда, Ричард Дејвид Џејмс, познат под алиасот Aphex Twin, и за новиот албум направи соодветна маркетиншка кампања.

Имено, уште пред да се знае дека спрема нешто ново, се појави 3D плакат со новото лого на Aphex во лондонската подземна железница, на станицата Elephant and Castle (ова е референца на уште еден мит, според кој музичарот некогаш наводно живеел во некои простории од оваа станица). Следеше Торино, пред чуденката да продолжи во Лос Анџелес (таму прикриена во зеленило), па во Њујорк и во Токио, но веќе како јасна најава дека води кон нешто конкретно … Во меѓувреме и од Warp Records потврдија дека се работи за официјална кампања.

Лондон …
… Торино и Лос Анџелес …

Со видеото за „T69 Collapse“, кое паднало на тестот на Хардинг како опасно за луѓето кои страдаат од фотосензитивна епилепсија, продолжува неколкугодишната соработка на Aphex со не помалку таинствениот уметник, Ники Смит, познат како Weirdcore. Weirdcore за онлајн изданието на магазинот Fast Company објаснил дека естетски спотот бил баран и најден меѓу „иконичното видео на Aphex Twin „On“ и она на Autechre за „Gantz Graf““.

За „T69 Collapse“ Weirdcore користел и фотограметриски скенови на улици и здради во Корнвол, англиската грофовија каде што е израснат Ричард Д. Џејмс. Секако, тука е и ликот на Aphex, чие лице, 3D скенирано и изобличено во препознатливиот стил на музичарот, е сместено во пејзаж кој колабира во црна дупка …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here