Ричард Дејвид Џејмс е музичар со десетици псевдоними од кои е најпознат Aphex Twin, зад кои „се крие“ за што појасно да ги пренесе своите пораки. Самомистификацијата во неговиот случај не е само во функција на популарноста, на привлекувањето внимание, иако, и во овој дел си ја врши работата.

Подгревање на интересот за тоа што го прави дефинитивно не му треба на човекот кој ја обликува електронската музика повеќе од 25 години, со влијание и надвор од жанрот, и надвор од музиката. Неговото криење има и естетска функција на засенчено засолниште во светот заслепен од ѕвезди кои тоа станале од причини што треба да се понижувачки за нивната публика, но, ете, таа ги направила мегапопуларни. Оттука, во пресекот на диверзиите на Aphex е пораката колку е побезопасно страшното во неговата музика и визуелни претстави, од сладникавите обрасци на популарната култура во кои питкото станува сѐ поплитко според планот на „архитектите на поредокот“.

Овој вовед e за да се сфати комплексноста на задачата на дизајнерот што го претставуваме, Weirdcore, кој од 2009 година работи со Aphex Twin. Ако некогаш чудесноста, ексцентричноста на Aphex, успеваше визуелно да ја резонира Крис Канингем (Chris Cunnigham; во видеата за „Come to Daddy” и “Windowlicker”), денеска тоа го прави Weirdcore.

„Cheerleader“, или обновена верзија на главниот лик од спотот на Aphex, „Windowlicker“; доволно инспиративен за да посака да го нацрта и големиот H. R. Giger

Само патем, во знак на нивната компатибилност, ќе го споменеме криењето зад псевдоними – Weirdcore (најверојатно) се вика Ники Смит и во ретките видео појавувања си го пикселизира лицето. А самиот дизајнер за компатибилноста со Aphex во интервју за „Dazed Digital“ вели:

„Во тоа време (раните деведесетти, н.з.) сфатив како нештата на телевизија се креирани за да направат да мислиш на одреден начин. Јас и Ричард (Aphex) сме сосема во оваа проблематика, која нема да ја наречам теорија на заговор, но факт е дека сите сме следени од страна на центрите на моќ … Ричард има многу повеќе искуство во овој дел“.

Weirdcore за визуелизирање во живо (live visuals) на настапите на Aphex ги мапира лицата на луѓето во публиката, миксајќи ги со слики (земени од фотобанка – stock photography) на стереотипизирани, „хемиски произведени“ ликови (понекогаш, за засилување на ефектот, користи и фотографии на избрани популарни личности). Миксовите ги проектира на многуте екрани поставени на сцената, рефлектирајќи го споменатото постојано следење, односно целта на оние кои следат.

 

Објавено во Dazed Digital

Weirdcore работи/работел и за M.I.A, Hype Williams, Charlie XCX, Skrillex, Tame Impala, Miley Cyrus, и вели дека секоја од неговите креации го претставува специфичниот звук на музичарот, „со искривено чувство за неговата личност“: „Во едно нешто сум многу добар,а тоа е откривањето што сака музичарот“.

Конкретно за соработката со Aphex, Weirdcore вели (во интервју за „It’s Nice That“):

„Ричард го бомбардирав со купишта различни референци, и еднаш кога сфатив што сака, сѐ стана многу полесно. Имаме ист вкус, така што, кога јас сакам да пробам нешто, скоро сигурен сум дека и нему ќе му се допадне“.

Како главна инспирација за работата со Aphex го наведува настапот на кој присуствувал во 1996 година (Big Love, Otmoor Park, UK, 28/10/96), на кој Ричард на сцената извадил и боди-билдерки …

„Претходно бев во шума, да барам печурки, па, затоа бев во соодветна состојба на умот за да го проследам настапот“, се сеќава Weirdcore, кој прво студирал графички дизајн, па комуникации на универзитетот во Лидс, пред да почне да работи како информатичар, па во маркетинг, за на крајот да му се врати на графичкиот дизајн. Како што стои во неговата кратка биографија на Prettybird (креативниот тинк-тенк кој на клиентите им нуди визионерска услуга „со карактер“) работел и со компании како Warp, Sony, Ninja Tunes …

Објавено во Dazed Digital (2)

Во соработката со Aphex, Weirdcore вели дека се обидува и да балансира меѓу потребата на Ричард „да го нема“ на сцената, и желбата на публиката да го види.

„Претходните настапи каде Ричард беше скриен на сцената резултираа со разочарани фанови. Тој секогаш ни ја кажува приказната од некој настап во Јапонија, случен одамна, кога „свирел“ речиси без да се појави. Концертот траел три-четири часа, додека сите очекувале да излезе на сцената. Кога на крајот си отишол, публиката била многу изнервирана кога им било кажано дека тој веќе го „отсвирел“ концертот“.

Дизајнот на албумот на Aphex Twin, „Collapse“ што ќе излезе на 14 септември

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here