Кога на почетокот на својот документарен филм „Gimme Danger“ (2016) режисерот Џим Џармуш најавува дека ќе го распрашува Џим Остерберг за The Stooges, и веднаш изнесува тврдење оти тоа е „најголемиот рокенрол бенд на сите времиња“, станува јасно дека како автор на филмот нема многу да внимава на професионалната дистанца, без разлика што се работи за документарец, односно за жанр што не трпи сугерирање како треба да се гледа на она што го прикажува. Без намера да бараме скриени значења, ќе споменеме дека во првиот кадар од „Gimme Danger“ е десницата на Џармуш, која кога тој ќе ја спушти за со дланките да симулира клапа, го открива лицето на Иги Поп (Iggy Pop, чие вистинско име е Џејмс Остерберг), фронтменот на The Stooges, со кој режисерот – поборник на независниот филм, го врзува повеќегодишно дружење.

Џармуш лично, со дланките ја удира првата клапа

Тоа што Џармуш (Jim Jarmusch) настапува од лична позиција во случајот на филмот за кој пишуваме е само предност. Зашто самиот бил типичен фан на The Stooges (нивниот прв албум го слушал на 16-годишна возраст, во фаза кога да се цени овој бенд било „тежок андерграунд“), а за неговата компетенција кога е во прашање музиката зборува фактот што и самиот е и музичар, музиката му е меѓу клучните карактеристики на опусот, и музичари често играат главни улоги во неговите филмови (конкретно со Иги Поп ова му е трета соработка, по „Coffee and Cigarettes“ и „Dead Man“).

„Многу сум горд на овој филм. The Stooges се еден од најголемите, ако не и најголем рокенрол бенд на сите времиња. Длабоко ги сакам. Филмот не е документарец – повеќе е љубовно писмо“, вели Џармуш во интервју за „The Talks“.

Во прилог оди податокот дека на „Gimme Danger“ почнал да работи без обезбедено финансирање („трошев свои пари“), веднаш откако Иги во разговор нафрлил оти „ако некој прави филм за The Stooges, тоа треба да бидеш ти (Џармуш, н.з.)“, а режисерот одговорил: „Ако ме прашуваш дали сакам да направам The Stooges филм, тогаш знај дека ќе почнам уште утре“.

Иако (веројатно) нема потреба да се брани големината и влијанието на The Stooges (во финалето на филмот е списокот со битни бендови што обработиле нивни песни), Џармуш, од споменатата лична позиција како да смета дека бендот не е доволно вреднуван, па веднаш после воведот потсетува каде биле Иги и екипата шест години по своето основање во 1967 година. А имено, до 1973 зад The Stooges се веќе нивните три први револуционерни албуми, но им претстои распаѓање, во ситуација кога критиката за нивната музика пишува дека е бизарна, неписмена, аматерска, без имагинација …

Иги Поп некогаш …
… и непроменет до денес

Во „Gimme Danger“ ќе видиме како Иги Поп и бендот ја плаќаат цената за својата музичка и сценска храброст и бескомпромисност (што на крајот резултирало со нивниот култен статус, на бенд со 100% интегритет), и буквално со крв од раните причинети од шишиња фрлени од публиката на фронтменот на бендот, кој, во ситуација кога очајно им требале пари па морале да настапуваат во крајно несоодветни места за нивниот звук и сценски перфоманс, повеќе време поминувал во тепачки отколку во пеење, што често завршувало со негово нокаутирање (како што раскажува гитаристот Џејмс Вилијамсон).

Сето ова е покриено со фото и видео материјал од кој до „Gimme Danger“ и Иги Поп немал видено добар дел. Во потрагата на Џармуш за вакви оригинални снимки многу му помогнале одредени фанови, па и нарко-дилери чиј клиент бил Иги, а на кои им се јавил барајќи да му го дадат на режисерот тоа што го бара.

Филмот завршува со враќањето на клучниот бенд на протопанкот, со „ријунионот“ на The Stooges во 2003 година.

„Не само што The Stooges инспирирале генерации млади музичари, но декади по нивниот пад нивното влијание ќе го искрвари својот пат во културата. Во модата, во ликовната уметност, во филмот, ефектот од The Stooges останува непобитен“, заклучува Џармуш, уште еднаш покажувајќи дека со одличниот „Gimme Danger“ (името на филмот е земено од истоимената песна од албумот „Raw Power“ на кој Дејвид Боуви учествувал како копродуцент, а свирел и пијано и ударалки) е на фреквенцијата на Бранимир Џони Штулиќ, кој пееше: „Јој што волим Иги Поп“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here