Кире Палчески е одамна во „мајнинг“ бизнисот (mining: рударење, копање криптовалути) и како вљубеник во блокчеин (blockchain) технологијата таму е за да остане. Дејствителното пaметење во крипто-светот му почнува од далечната – од перспективата на биткоинот, 2011 година, кога најпознатата криптовалута вредела 11 долари. Сега еден биткоин може да се размени за 6,556 долари (во моментот на пишувањето на овој текст), но во декември лани цената му стигна до скоро 20.000 долари, откога трае падот што опортунистите привлечени само од можноста за брза заработка ги натера по двојно пониски цени да ја продаваат опремата за „мајнинг“, која пред неколку месеци ја преплатија.

Во вакви околности, кога за биктоинот веќе ретко пишуваат медиумите од општ формат (за разлика од ноември-декември лани), а многу може да се „прочита“ од онлајн огласниците (поволно се продаваат речиси нови „мајнинг ригови“ – mining rig: компјутерски систем за „копање“ криптовалути), побаравме од Кире Палчески да ни ја објасни феноменологијата на овој процес.

„Луѓето секогаш реагираат на трендови и кога ова почна да станува тренд многумина се заинтересираа. Но, таа слепа заинтересираност е многу неблагодарна“, вели Палчески.

Според него, многу луѓе очигледно не знаеле во што се впуштаат, вложувале/купувале без да знаат што и како, додека „само проценти им се вртеле во главата“.

„Мислеа – инвестирај сега, купи еден биткоин кој во тој момент вреди, на пример, 10.000 долари, но за само три месеци ќе биде 15.000 долари, што е голема заработка за многу кратко време. Да, биткоинот е сигурен; го купуваш, го имаш, твој е, не може утре да исчезне, ама луѓето не земаа предвид дека сето тоа е поврзано со берзите, со некаков пазар. А сите знаеме дека маркетот не оди само нагоре, туку и надолу. Се случи од октомври лани, кога почна скокот, до средината на јануари, сѐ да биде утопија. Проблемот е што после таков bull market (пазар со тенденција на раст на цените), доаѓа и bear market (со спротивна тенденција). Влеговме во тој „мечкин пазар“ во средината на јануари, и оваа фаза уште не е завршена. Тоа се добри 7-8 месеци. Ако ги броиме точно до денеска (до денот кога го направивме овој разговор, н.з.), тоа се 40 недели на bear market. Најголемото и најдолго вакво искушение траеше 59 недели, па јас велам, имаме уште 19 недели да чекаме“, вели Палчески.

„Ако ги земеме сите работи што се отворени како тема во моментов, сите вести, најави за нешта што треба да се случат следниве 6 месеци до една година, на сите тие што купиле коини во ноември-декември лани, дури и по највисоките цени, тоа ќе им се исплати“

Од позиција на уверен крипто-оптимист, тој смета дека некој што инвестирал со подолгорочни намери не треба да стравува, зашто статистичките податоци кај криптовалутите покажуваат оти после секое паѓање на цените – конкретно кај биткоинот имало падови до 85% од претходно постигнатата највисока цена, истите се качувале десеткратно.

„Биткоинот во 2013 година достигна, со првиот голем пик, над 1.100 долари, па следеше тој најдолг bear market досега од 59 недели, и во 2015 успеа да падне и на 180 долари. Ама следното искачување беше на 2.000, па имаше краток пад, па се качи на 4.000, па пак малку падна, за на крајот да отиде до 20.000, од кои сега е дојден на 6.000. Може да дојде и на 5.000 долари, и по мое лично мислење нема да паѓа под ова, но оттука натаму никој не знае … Ако ги земеме сите работи што се отворени како тема во моментов, сите вести, најави за нешта што треба да се случат следниве 6 месеци до една година, на сите тие што купиле коини во ноември-декември лани, дури и по највисоките цени, тоа ќе им се исплати. Можеби не за 6 месеци, можеби ќе треба да почекаат 2 години, но сигурно ќе им се исплати. Нема апсолутно никаква причина за некакво разочарување и песимизам“.

„Јас не сум „трејдер“ и „трејдингот“ и „трендовските“ цени на коините воопшто не ме интересираат“

Палчески не сака многу да зборува за цените на криптовалутите, зашто, како што вели, „јас не сум „трејдер“ (трговец) и „трејдингот“ и „трендовските“ цени на коините воопшто не ме интересираат“.

„Јас сум „мајнер“. „Мајнингот“ е сосема различен бизнис. Да, поврзан е со берзата, но е комплетно различен. Кога инвестираш во „мајнинг“, твоите пари не ги ставаш некаде на интернет, со ризик да ги загубиш, туку купуваш опрема. Таа работи и „копа“ некој коин – од кој вади одреден број во одредено време. Значи добиваш некаква награда, и твој е изборот кога ти тоа ќе го размениш на берза. Е сега, луѓето инвестираат, се случува пад, и следува паника. Но, опремата им е уште дома, на крајот на краиштата може да ја продадат по „упола“ цена, или, ако се претприемачки настроени со тие графички карти можат да направат, на пример, студио за рендерирање видео, и да ги „рентаат“, но парите не ги фрлиле во ветар. Сосем друг проблем е кога луѓето не знаат во што се впуштаат. А сакаме да дадеме 5.000 евра и за два месеци да ни станат 50.000“.

Не може да преживее блокчеинот, а да пропаднат криптовалутите

Кире Палчески вели дека и луѓето кои иновираат во оваа технологија, „дивелоперите“, не се занимаваат со трендовите, со цените.

„Зарем на биткоинот му треба промоција? Основната промоција му е што самиот овозможува нешта што создаваат револуција во светот. И зад сите други криптовалути стојат концепти чија цел не е создавање средство за тргување на кое треба да му се крене вредноста. „Дивелоперите“ вредноста ја гледаат во тоа што технологијата на нивниот коин му пружа на светот, која како таква може да се капитализира: колку брзи трансакции, колку безбедни, каде сето тоа може да се примени. Блокчеин технологијата не се исцрпува во вредноста на коините, таа нуди милиони други можности“.

„Блокчеинот е како еден вид специјализирана печатница за пари, но за разлика од „тарапааната“ која не нуди ништо друго освен печатење, тој нуди милион други можности“

Од Палчески побаравме да објасни дали е можно блокчеин технологијата што никој не ја оспорува да продолжи да постои без она со што најмногу се асоцира, а имено без критповалутите.

„Блокчеинот како технологија – блоковите поврзани во синџир, мора да се движат. Има неколку начини на движење, од кои дел се „мајнерите“ кои со својата опрема – „мајнинг риговите и ASIC мајнерите“, „копаат“ – решаваат математички задачи, зашто секој блок е сложувалка што кога ќе се реши, „мајнерите“ добиваат награда пред да се премине на следниот блок. Утре, во која и да е имплементација на блокчеин технологијата, во која и да е сфера, системот на награда не може да биде исклучен, односно, коините нема да престанат да постојат и вредат. Невозможно е да постои блокчеин, а да нема коини, односно награда за оние кои го движат овој децентрализиран систем, зашто кој би бил нивниот мотив да го прават тоа.“

За дообјаснување, Палчески ги спореди печатниците за пари и блокчеинот.

„Исти се работите, само модернизирани, побезбедни, помалку подложни на манипулација. Сега средство за плаќање ни се хартиените или металните пари, кои се како токени, и се произведуваат во „тарапаани“, специјализирани печатници. Не може секоја печатница да печати пари. Така е и со блокчеинот, кој е еден вид специјализирана печатница, но за разлика од тарапааната која не нуди ништо друго освен печатење, тој нуди милион други можности, како трансфер на податоци, складирање на истите, изработка на веб-страници, програмски јазици … Има коини чиј концепт носи цела економија со нив. Но, да, секогаш ќе има и проекти чија цел е да се измамат луѓето, да им се земат парите. Секој треба да е свесен дека парите не се заработуваат преку ноќ – секое ветување за заработување пари преку ноќ „смрди“ на измама“.

„Сегашните цени на криптовалутите се производ на една голема манипулација, и од страна на берзите, и од другите големи играчи на кои им одговара да купат што поголема залиха на коини по што пониски цени

Палчески смета дека е неминовно еден ден книжните пари да си заминат, како и класичното банкарство.

„Со сегашниот начин на плаќање се богатат неколкумина на целтата земјина топка. Со криптовалутите се избегнуваат третите страни. Затоа и не може да се постигне регулација. Допрва ќе се прават компании што ќе имаат некаква контрола на сето она што во криптовалути го поседуваат луѓето; тоа ќе биде со некаква регулатива, за одново да можат да земат некоја провизија „големите“.

Во моментов американскиот регулатор за финансиските пазари (SEC) го разгледува првиот биткоин ETF (exchange traded funds: берзански тргувани фондови), што би значело историска одлука дека со криптовалути може да се тргува на берзите, односно, оти ќе бидат привлечени големите, институционализираните играчи. На 22 август SEC одново го одби барањето за биткоин ETF.

„Регулацијата што е нужно зло за да може оваа технологија да излезе од сенката дека е податлива за измами, се одложува, но мислам оти „случајно“ ќе се донесе во март 2019 година, кога треба да почне да работи една голема компанија, како прва со регулација. Компанијата се вика Bakkt, и во неа соработуваат Microsoft, Starbucks и уште еден фонд. Истата ќе дава гаранција за, како што вели извршниот директор на Bakkt, Кели Лофлер, флексибилно влегување во трговијата со биткоини на институционалното, трговското и потрошувачкото партиципирање во дигиталните добра/имот, со поголема ефикасност, безбедност и корисност“.

На прашањето за „конечната“ иднина на крипто-светот, Палчески објасни зошто сите ја споменуваат како клучна 2020 година.

„Од проста причина што тогаш следува уште еден „халвинг“ (halving: преполовување) на биткоинот. Ако наградата сега од еден блок е 5 биткоина што „мајнерите“ ги делат според учинокот во решавањето на блокот, во 2020 година ќе биде 2,5 биткоини. „Халвинг“ се прави на секои 4 години. Пред последниот во 2016 година, биткоинот стигна до 600-700 долари, и кога се направи пресекот, поради големите очекувања цената падна во првиот месец, но потоа од 700 отиде и до 20.000 долари“.

Оттука произлегуваат и математиките на големите играчи и во „мајнинг“ бизнисот.

„Сега големите фарми во Кина, во САД, „копаат“ со загуба, но беа свесни кога беше убавиот период во тие три месеци прек крајот на 2017, и си направија математика за следните две години. Ним струјата им е платена во декември, за до крајот на следната година, со тој скок што го имаше во цената на биткоинот. Кога ќе дојде пресекот, за да биде исплатливо, минимум цената на биткоинот ќе треба да скокне двојно. Но, досегашното искуство покажува дека после секој „халвинг“ цената оди многу горе, десеткратно. Ако не, ќе застанат „мајнерите“, што значи дека ќе застане целата технологија. А кога ќе застане технологијата нема веќе да биде проблем цената на биткоинот, тука што блокчеинот веќе се имплементира во многу други важни сегменти; многу компании го користат за да функционираат“.

„Овде се бара да си едуциран, упатен. Не може сите да бидеме сѐ. Мојот комшија бербер секој ден има по педесет муштерии и одлично заработува. Но, јас не станав бербер, зашто не знам да шишам.“

Палчески вели дека сегашните цени на криптовалутите се производ на една голема манипулација, и од страна на берзите кои имаат многу средства, и од другите големи играчи на кои им одговара да купат што поголема залиха на коини по што пониски цени.

„Овие залихи им се многу важни, зашто ако одреден коин се подели процентуално на целата земјина топка, не може ниту да се замисли дека поединец ќе поседува еден биткоин. Тоа ќе биде поим – вкупно се 21 милиони биткоини“.

Овде, откако се обидовме да извлечеме заклучоци за позициите на големите играчи, со Палчески одново се навративме на приликите и неприликите на оние луѓе кои вложиле во „мајнинг“ со очекувања обратнопропорционални на нивното знаење за бизнисот.

„Кога во одреден бизнис „цветаат рози“, многу тешко можеш да ги разубедиш луѓето дека тоа не е така нон-стоп. Правило е кога инвестираш во кој и да е бизнис, да не го инвестираш она што не си подготвен да го загубиш. Овде се бара да си едуциран, упатен. Не може сите да бидеме сѐ. Мојот комшија бербер секој ден има по педесет муштерии и одлично заработува. Но, јас не станав бербер, зашто не знам да шишам.“

Палчески вели дека не чул за човек кој влегол во овој бизнис свесно, во смисла на доволно знаење и сознанија, а кој сега ја продава опремата за „копање“.

„Таквите не само што не продаваат, туку купуваат во моментов. Еве, на пример, познавам човек од САД кој отвори „мајнинг“ фарма сега, во јули. Планираше да има 5.000 карти, но како паѓаат цените на опремата, наместо 5.000, купи 2.500. Другите 2.500 ќе ги купи од луѓето кои сега ја продаваат опремата за „упола“ цена.“

Кире Палчески се сеќава дека со поголема опрема почнал да „копа“ во јануари 2014, кога со тимот искористиле нешто ситно да заработат, но недоволно за да ја покријат опремата, и потоа добри шест-седум месеци „копале“ со загуба.

„Копав ентузијастички, не за да заработам, туку за да ја научам технологијата. Кога пројде тој период кога имаше многу малку информации и се имаше претстава како за нешто тајно, криминално; кога ова преживеа и излегоа проекти во кои луѓето кои тогаш беа паметни сега се милијардери, не верувам дека и сега ќе биде поинаку. Кој ќе преживее ќе има што да кажува. Завчера прочитав еден многу убав наслов: Да не се лажеме – цените на криптовалутите се такви какви што се во моментов, но криптовалутите ќе направат многу луѓе во светот да бидат многу богати.“

Повикувајќи се на неговото искуство, Палчески за крај ја даде следнава препорака до новите крипто-ентузијасти:

„Пред било што да почнат, дали да „копаат“ или поинаку да инвестираат, нека потрошат барем одреден број часови читајќи релевантни извори, дали и колку е ова вредно. Сѐ поинаку значи впуштање во нешто што утре ќе ти донесе само проблем.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here