Не ни требаше посебна „проникливост“ за уште во насловот да тврдиме дека ќе претставиме уметници за кои допрва ќе слушаме. Талентот на Ева Петковска и Мишо Стојановски, и нивното владеење со сликарските вештини, се очигледни и можете да ги проверите во галериите поместени на крајот од овој текст, а за двајцата амбициозни очекувања изразиле и професорите во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ (Ева годинава матурираше; Мишо од понеделник ќе почне со четврта година).

Пригодно за моментот – кога размислуваат каде да продолжат високо уметнички да се образуваат, го посетивме ателјето на Ева, каде Мишо е редовен гостин, и поразговараме со нив. Со „атмосферска“ (музичка) поддршка од „Boards of Canada“, за почеток ни одговорија на прашањето како од талент, преку надградување со потребните вештини, се станува автор.

„Со самоспознавање, преку себепронаоѓање, преку свој стил на сликање, пришто е многу важно да се проучува историјата на уметноста како неисцрпно депо на инспирација“, ни одговори Ева, а Мишо надополни дека разликата меѓу добар (но, сепак само) „занаетлија“ и автор, ја прави тоа што последниот има што да каже со својата уметност.

„Има уметници кои се само технички добри, и такви кои имаат што да кажат. Технички добар се станува со совладување на сликарската техника, што не е тешко да се направи со малку посветеност, особено денеска кога и на YouTube има безброј туторијали. Авторството се раѓа од пресекот на добрата техника и поседувањето приказна, односно, имањето што да се каже“, ни рече Мишо, пред заеднички да формулираат дека тежиштето на авторството е во она што уметникот има да го каже, а талентот и вештините го даваат изразното средство.

Мишо Стојановски

За илустрација Мишо спомена дека неслучајно прва асоцијација за ренесанса е фантастичната четворка – Леонардо, Микеланџело, Донатело и Рафаел („Инаку познати и како „Нинџа-желки“, се уфрли Ева) – „четворицата први паѓаат на памет од целата плејада брилијантни ренесансни уметници зашто имале најмногу што да кажат“.

„Мајсторството доаѓа и од креативноста како начин да се дојде до инспирација и од тривијалните визуелни пројави на секојдневието“, е забелешката на Ева со која се заокружи овој прв дел од разговорот.

 

Продолживме со „претрес“ на наученото во средното уметничко училиште, пред Ева и Мишо да ги прашаме што очекуваат од академското образование.

„Пристапот на професорите, начинот на кој предаваат, ја прави магијата на ова школо. Ова е школо каде сакаш да одиш на часови. Одредени професори, како Сашо Барјактаров, нѐ научија да гледаме, да распознаваме, и конкретно во техничкиот дел да видиме што ни е вишок, што ни се грешките од кои треба да го ослободиме својот израз. Од Сашо и од професорот Венко Цветков учевме многу и поопширно, и за другите уметности, како музиката, за она што е потребно за создавање на материјалот од кој се градат идеите“, рече Ева која немала дилеми околу тоа каде ќе учи по завршувањето на осмолетката. За разлика од Мишо.

Ева Петковска

„Човек кога се раѓа е изгубено суштество во околината, и во животот се трудиме што подобро да се пронајдеме во оваа смисла. Во уметничкото училиште дојдов по некоја случајност, немав некои јасни планови претходно, иако како хоби се занимавав со ликовна уметност, но кога дојдов тука луѓето ми покажаа дека таму припаѓам; направија така да се чувствувам“.

Ева од академијата, како што ни рече, не очекува нешто посебно, зашто смета дека одлична основа добиле во средното уметничко училиште. Инаку двајцата сакаат образованието да го продолжат во странство.

„Мравката е мравка и овде и во Африка, зашто секаде е работлива. Сеедно е каде си, ако си добар уметник. Кај нас е проблем што институционално малку се вложува во уметноста, во културата. А од просечниот граѓанин на Македонија, со плата од 20.000 денари, не можеме да очекуваме да има буџет и за купување слики“, вели Мишо, кој забележа дека овде нема доволно изложбени простори, за да се отвори можност за презентација на младите уметници; и додека на делата во музеите тежи повеќегодишна прашина, ние зборуваме за вредностите на Европската унија, каде сакаме членство, а главните вредности таму потекнуваат од културата.

„Проблем во државата е што луѓето додека се грижат како ќе преживеат, одат по линија на помал отпор кога е во прашање културата. Не е поскапо музичкиот избор да биде Леонард Коен, на пример, наместо Северина“,

се надоврза Ева, пред заеднички да констатираат дека европскиот начин на живот е културата, и оти се гледа дека државите, општествата што уживаат во квалитетна култура, во смисла на уметностите, напредуваат и на секој друг план.

Мишо смета и дека овде недостасува организирање на младите уметници во групи, околу одредена идеја за заедничко дејствување, пришто како пример ја спомена „Медиала“ од поранешна Југославија, во која биле Леонид Шејка, Оља Ивањицки, Љуба Поповиќ, Дадо Ѓуриќ, „кои се светски признати – последните двајца и како ѕвезди во Франција“.

На прашањето што е важното што се случува на локалната и на глобалната ликовна сцена, Мишо одговори дека од домашните настани го израдувала ретроспективната изложба на светски познатиот надреалист Васко Ташковски („Ташковски – 80 години“), а како инспиративен го издвои успехот и на Синиша Кашавелски, „кој има огромен успех, со меѓународни признанија“; како и на Константин Качев, „кој е еден од денес најплодните уметници од Македонија“.

„Го сакам Мазев (Петар), потоа младите уметници што експериментираат во различни медиуми, а ми се допаѓа и тоа што во последно време се прават напори да се осмисли просторот каде што се изложува, според специфичните потреби на делата на одреден автор, во смисла на додадена концептуална вредност“, гласеше одговорот на Ева за македонскиот дел од прашањето, од кој се префрли на светот, и како предмет на нејзин интерес во последно време ги издвои манга авторот Џунџи Ито (Junji Ito), неговиот сонародник, јапонскиот дизајнер на видео-игри Хидео Коџима (Hideo Kojima); стрип-цртачот Дејв Мекин (Dave McKean) со „Batman: Arkham Asylum“; како и сликарите Јиржи Андерле, Френсис Бејкон, Х.Р. Гигер.

Мишо, пак, поради скулпторот Арно Брекер ѝ се посветил и на скулптурата; а особено драги му се и Лоренцо Бернини, „продолжувачот на творечката лоза на Микеланџело, кој мермерот го направил „памук“, потоа Амедео Модилјани, Караваџо, Анселм Кифер, Џексон Полок.

Споменувајќи го последниот, Мишо забележа дека „навидум се контрастни, но ренесансното сликарство и она што во широка смисла го нарекуваме денешно, се всушност исти – само едните успеале да се изразат преку фигуративното, другите тоа го извадиле „од стомак“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here