Балтасар Кормакур е режисер што си ја знае работата („101 Reykjavík“ (2000), „The Deep“ (2012)), но, во неговиот последен филм, „Adrift“ (2018), неуверливо го искористил клишето дека љубовта може да победи и природна стихија, раскажувајќи вистинска приказна на преживеана по поморска несреќа.

Филмот е снимен според книгата „Црвено небо наутро: Вистинска приказна за љубовта, загубата и преживувањето на море“ од Теми Олдем Ешкрафт, која преживеала 41 ден на отворено море, на 13-метарска јахта сериозно оштетена по влетување во ураганот Рејмонд во пацифичката сезона на урагани 1983.

Теми е авантуристка од Калифорнија која веднаш по дипломирањето тргнала на патување без крајна дестинација, и на секое место каде што привремено живее, се занимава, како што вели, „со која било работа што е доволно платена за да ме одведе до следното место“. На Тахити го запознала Британецот Ричард Шарп, искусен морнар кој сам плови по големите светски води, и нивната компатибилност се претворила во љубов и во одлука со авантурите да продолжат во двојка.

Во ураганот Рејмонд влетале додека пловеле со план да изминат 6.500 километри од Тахити до Сан Диего. Теми на оштетената јахта (на која не работела и радио врската), фрлена од ураганот во зона од океанот каде што не поминуваат бродски линии, ниту надлетуваат авионски, по 41 ден на отворено море успеала да доплови до Хаваите, благодарение на едриличарското искуство што го стекнала покрај Ричард.

Проблемот во режисерскиот приод е што Кормакур катастрофичната ситуација ја исецкал со ретроспекции кои треба да ни прикажат таква поврзаност на Теми и Ричард што ќе ja докаже неговата теза оти протагонистката благодарение на љубовта ги преживеала ужасните 41 ден во кои насекаде околу себе гледала само непрегледно, заканувачко море, додека самата, на малата  руинирана јахта, била дефиниција за беспомошност. За да ја постигне целта, Кормакур секоја сцена во која морето се заканува приближувајќи се до кулминацијата, ја прекинува со потсетување на романсата на Ричард и Теми, како противтежа на силата на природната стихија. Жртва на овој пристап се и двете драматуршки линии кои во монтажата се наизменично испреплетени – и на двете им требало малку повеќе: на романтиката ѝ недостасуваат слоеви за уверливост во контекстот, а на катастрофата ѝ фали доволно долга сцена за да се почувствува напнатост, што е најмалку што треба да се очекува од филм за преживување.

На крајот „Adrift“ испаѓа просечно остварување со брилијантни поединечни компоненти. Шејлин Вудли („Big Little Lies“ (2017), „The Spectacular Now“ (2013)) во улогата на Теми е беспрекорна, и само во нејзината актерска игра што барала и голем физички ангажман е доловена големината на трагедијата причинета од неумоливата природна сила. Брилијантен елемент е и фотографијата на мајсторот Роберт Ричардсон (познат по соработките со Квентин Тарантино, Мартин Скорсезе, Оливер Стоун, …, и трикратен добитник на Оскар), а подводните сцени се фотографскиот деликатес на филмот.

Маестрото на филмската фотографија, Роберт Ричардсон

„Adrift“ сепак вреди да се одгледа, не само поради играта на Вудли и фотографијата на Ричардсон, зашто режисерот Кормакур, покрај споменатите драматуршки слабости, добро си ја завршил својата занаетска работа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here