(чланак на српском језику можете да прочитате на страни 2)

Александра Калтак е крагуевчанка со белградска адреса, дипломирана економистка, која сепак кога се во прашање бројките, барем засега најмногу сака да ги гледа оние на филмските сцени, што ѝ помагаат да го одржи континуитетот на шминката на актерите за кои е задолжена како makeup artist.

Пред да ја претставиме нејзината работа, од поентите кои објаснуваат што значи шминката за седмата уметност, веднаш ќе ја издвоиме главната од која во тек на разговорот добивме порелјефна претстава за оваа филмска професија.

„Паролата на филмските мејкап артисти е снајди се, ама квалитетно. Од страна на целиот тим што работи на филм се цени сѐ што можеш да искористиш за да го скратиш времето на седење на актерот во твојот шминкерски стол. Колку глумецот е помалку време на сетот, толку режисерот е посреќен. А што помалку време актерот поминува во шминка или во кој и да е од другите подготвителни оддели, тој ќе биде посреќен и поефикасен кога ќе оди да снима. Ако го држиш актерот четири часа во шминка, неговиот ентузијазам потоа ќе биде нула. Тој секако ќе се потруди, на крајот на краиштата и платен е за тоа, ама го убиваш во поим. Психата е психа“, вели Александра Калтак.

Со работа на филм почнала при крајот на студиите, кога одлучила дека шминката дефинитивно ја интересира, па кога другарка која завршила камера случајно ѝ споменала оти нејзина „филмска“ колешка ќе држи соодветен курс, ги дала сите испити побрзо од планираното за да биде слободна да го посетува.

„Во суштина се работеше за „бјути“ курс, или како што јас велам, „за свадби и погреби“, што не ми е омилено, но кога водителката на курсот почна да зборува: „Е, ова на филм е вака, а во театар вака“, мене, како на секој „штребер“, ми се начулија ушите.“

Фотографија (и насловната), Тамара Драгичевиќ

Набрзо потоа (два месеци по курсот) веќе го добила првиот филмски ангажман; во 2016, за „Mayhem“ на Joe Lynch (филмот излезе во 2017), но таму нема да ѝ го прочитате името на одјавната шпица, зашто работела само еден ден.

Од ова прво искуство, иако кратко, била воодушевена, и нетрпеливо чекала следен филм.

„И тогаш работев реклама за „Telenor Srbija“ за кампањата „10 години заедно“, пред да ја добијам првата посериозна понуда за филм, за позицијата makeup trainee, при снимањето на „Tau“ на Federico D’Alessandro, кој излезе во 2018. Тогаш воглавно помагав, но испадна дека на луѓето од филмската екипа им е многу важно и знаењето што го имам како дипломиран економист со фокус на маркетинг и продажба – на факултетот имавме предмет бизнис информатика каде детално се поминуваат Excel, Word, PowerPoint … , па можеа безгрижно да нѐ остават во шминкерскиот оддел сами да се занимаваме со административните главоболки, поврзани со сметките, набавките – со компјутер во која и да е смисла. Сепак, во одделот во кој работам на филм, многу од луѓето завршиле некое средно школо за фризери/шминкери и немаат многу друго образование.“

Снимањето на „Tau“ траело четири седмици и по ова прво посериозно искуство, веднаш откако искористила две слободни недели, Александра Калтак, како што вели, искрено се изненадила кога веќе за следниот проект била повикана како assistant makeup artist.

„На „Ibiza“ имав можност што несреќно заврши, да работам со „оскаровец“ – се работи за Paul Pattison, кој има Оскар за „Braveheart“

Работела на „Intrigo: Death of an Author“ и на „Intrigo: Dear Agnes“ (и двата уште во постпродукција) на Daniel Alfredson, познат како режисер на вториот и на третиот дел од филмовите снимени според трилогијата Millennium на Stieg Larsson, односно на „The Girl Who Played with Fire“ и на „The Girl Who Kicked the Hornet’s Nest“.

Како најинтересен проект на кој работела го издвои „Papillon“ (2017) на Michael Noer, што е римејк на филмот од 1973 со Steve McQueen и Dustin Hoffman. Тука Калтак веќе била координатор на одделот за шминка и фризура и особен впечаток ѝ оставила соработката со Англичанката Kirstin Chalmers (работела на „Life of Pi“, „The Zero Theorem“, „RocknRolla“, …).

„Papillon“ ми е дефинитивно најинтересен проект на кој сум работела, иако на тој филм најмногу време поминав во „трејлерот“ (трејлер е камионска приколка каква што има секој оддел, а во шминкерскиот се шминкаат главно главните глумци). Покрај останатото ја дизајнирав тетоважата за лицето на Tommy Flanagan („Sons of Anarchy“), кој е извонреден професионалец. Поради лузните што вистински ги има, малку беше проблем, па добивме излиен модел/отпечаток на неговото лице, на кој се лепи фолија, преку која се црта. Од нацртаното колегата тату-уметник направи привремени тетоважи кои ги лепевме 45 минути, зашто ликот требаше да биде истетовиран речиси целиот.“

Тетоважите на Tommy Flanagan во „Papillon“

Последниот проект на кој работела е „Ibiza“ (2018) на Alex Richanbach. Како hair coordinator/makeup coordinator на овој филм, со екипата се селела од Белград, во Нови Сад, Сплит, Опатија, Паг и Крк.

„На „Ibiza“ имав можност што несреќно заврши да работам со човек кој има добиено Оскар – за жал работевме само една недела, пред одговорните да одлучат дека сакаат некој друг, што мислам дека беше голема грешка. Се работи за Paul Pattison, кој има Оскар за „Braveheart“ (1995). Не беше во прашање некакво незадоволство од неговата работа, туку едноставно не им се сложија темпераментите.“

„Грижи се за кожата на актерите, ако не сакаш после многу да покриваш“

Во вториот дел од разговорот со Александра Калтак сакавме да дознаеме повеќе за нејзината филмска професија.

„Работниот ден почнува пред доаѓањето на глумецот, кој, откако ќе го нашминкаш според потребата на сцената која треба да ја снима, го следиш цел ден. Многу е важен континуитетот, и во филмовите веднаш се приметува ако не е запазен овој континуитет. Мора да се следат сцените. Ако има 200 сцени, еден ден се снимаат, на пример, сцените 5 и 6, па следниот ден 35-тата, па, 90-тата сцена, а во секоја од нив глумецот најчесто има различен изглед. Мора во сите сцени кога подоцна ќе се надоврзат шминката на актерот да го следи дејствието. Ако бил крвав во сцената 33, а во сцената 34 е крвав од другата страна, тоа е веќе сериозна грешка.“

… Work in progress …

Работата на шминкерот зависи од мајсторите на светло, од костимите, како и од камерата – „зависи како што се слика – ако нешто мора особено да се види, мора да се смисли начин како. По еден човек од шминка и од костими се задолжени за еден актер кој буквално цело време го следат, па дури со него го усогласуваат и тајмингот за физиолошки потреби, за да бидат секогаш достапни кога на актерот нешто му треба во контекст на сцената што ја снима“.

Главниот глумец снима 12 часа дневно, кои почнуваат да течат откако ќе седне во столот на шминкерот. Мејкап артистот откако ќе заврши снимањето за денот треба да му ја симне шминката на актерот и да ја среди својата опрема, со акцент на хигиената.

„Хигиената е многу важна зашто работиш на нечие лице, околу нечии очи. Четкичките се чистат со сапуни, а и алкохолите, ацетоните, бензинот редовно се употребуваат. Кога ќе се врати глумецот се води сметка, односно грижа за неговата кожа – топол пешкир да се стопи нешто што останало, нега на лицето. Многу е полесно да се работи нашава работа ако се грижиш за лицата на актерите – ќе имаат подобра кожа, помалку мозолчиња, помалку што ќе треба да покриваш со шминка. Ова, секако, важи за секого, не само за глумците.“

„Во Србија се работи во затворен круг луѓе во кои странците имаат доверба, а јас ја имав среќата да бидам во најдобрата српска продукциска куќа „Work In Progress“

Во однос на странските проекти што ги добиваат како белграѓани, Александра Калтак вели дека конкуренција им се Чесите, „од кои сме поевтини, но еве почнавме да губиме проекти во нивна корист, а се снима доста и во Унгарија“.

„Во Србија се работи во затворен круг луѓе во кои странците имаат доверба, а јас ја имав среќата да бидам во најдобрата српска продукциска куќа „Work In Progress“. Имав среќа што жената кај која одев на часови често работи со нив, па таа ме препорача.“

На прашањето дали занимавањето со филмска шминка го определува и начинот на кој сега гледа филмови, во смисла да не може да се препушти зашто ја приметува само работата – мајсториите и грешките на нејзините колеги, Калтак ни одговори:

„Откако почнав да работам, мирно можам да гледам само драми. Таму шминкерите ставаат по некоја солза ако треба, а воглавно се работи вообичаена „бјути“ шминка. Но, во останати жанрови не можам да престанам да гледам како е направена некоја лузна, некоја модринка, сцена со крв …“

Омилени филмови ѝ се режираните од Новозеланѓанецот Таика Вајтити (Taika Waititi), особено „Hunt for the Wilderpeople“ (2016), потоа „What We Do in the Shadows“ (2014), а од „помеинстрим“ делата со негов потпис, „Thor: Ragnarok“ (2017).

Кога била дете особено го сакала „The Fifth Element“ (1997) на Luc Besson, а и сега се воодушевува како шминката и костимите го решиле проблемот со главата на Diva Plavalaguna.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here