На Пикисипи (Митко Гаштаровски) не му треба претставување. Неговото Дело е вградено во најцврстите столбови на македонската урбана култура, кои одолеваат на невремињата што нѐ снаоѓаат. Како олицетворение на „вишиот ментал“ ни ја опиша „Скопската Ситуација ’98“ и ни ја постави дијагнозата како на општество. Во интервјуто со него разговараме и за тоа дали тешката дијагноза сѐ уште важи, 20 години потоа, и бидејќи се сложивме дека е така, стана збор и за лековите што треба да се применат и за причините поради кои не се применуваат …

Патем: Неретко од пријатели слушам дека дијагнозата што САФ ја постави пред 20 години (главно со „Скопска Ситуација“) ни најмалку не загубила актуелност. Сѐ уште ли е Македонија „Европска провинција по дефиниција“?

Пикисипи: Ние само се обидовме во тоа време да го опишеме Матриксот во кој се наоѓаме. Сакавме да направиме добра песна.
Не ни мислевме дека ќе биде дел од Народниот Фолклор и печат на една цела генерација, но после 20 години тажно е дека многу работи што сме ги опишале во Скопска Ситуација ’98, важат сѐ уште … МКД МАТРИКСОТ е СУПЕРМОЌЕН!!!!!!!
Најверојатно затоа имаме, според мене, неочекувано многу голема публика на последните неколку концерти пост Пензионерски (15 години Сафизам, Таксират, Пиво Фест, Стрит Фест). Иако сме Рап пензионери, Едноставно Сафизам (и траките во него) го надмина тестот на времето и со САФИЗАМ израснаа различни генерации на кои им бил еден вид буклет:
Како да се освестиш од перењето мозок кое го форсира секој Матрикс!!!

„Народот со гласање креира Влада каква што заслужува со својот избор. Со Пенкало!!! … Ете ние заслужуваме да бидеме Европска Провинција бидејќи ни е провинциски менталитетот (чест на исклучоците) … Затоа ја напишав Виши Ментал, ама тоа можеби за 20 години на некој ќе му текне дека има скриена порака“

… … Скопска ситуација сѐ уште има релевантен текст и тоа е доволен показател дека промените може да се случат ако пробаме да смениме нешто кај нас самите!!! Менталитетот не го даваме!!! Се наоѓаме во Time Wormhole (тие што се Sci-Fi фанови знаат што е тоа) последните 27 години од принудното осамостојување во 1991 од ЈУГОСЛАВИЈА; па, сѐ до денес Македонскиот народ е жртва на Неспособните корумпирани политичари кои немаат капацитет – доволен доказ се нонстоп гафовите кои им се случуваат и фијаската на сите Влади досега … Македонските политичари кои немаат визија и капацитет се единствените директни виновници – индиректни сме ние самите што ги бираме, а знаеме дека се неспособни, бидејќи сите се вклучени индиректно или директно во некаква афера. Истрошени Фаци кои нема шанси да го сменат својот табиет… Волкот влакната ги менува ама табиетот НИКОГАШ!!! Политичарите ги бира гласачкото тело – Народ!!! Тој народ со гласање креира Влада каква што заслужува со својот избор. Со Пенкало!!! … Ете ние заслужуваме да бидеме Европска Провинција, бидејќи ни е провинциски менталитетот (чест на исклучоците) … Затоа ја напишав Виши Ментал, ама тоа можеби за 20 години на некој ќе му текне дека има скриена порака.

Мој предлог би бил на следните избори да се формира Експертска Влада со експерти/пратеници кои ќе бидат увезени од ЕУ (би било пожелно Скандинавци), и кои на отворен конкурс ќе пробаат да направат нешто посериозно … Младите деца израснати во Корупција, Криминал и Нонстоп Параноја и Лажна Еуфорија, сепак ќе имаат тешка задача да ги искоренат прво стекнатите навики од нивните најблиски, па можеби за некоја генерација ќе имаме здрава младина која ќе чекори кон Иднината без комплекси, без културолошки и цивилизациски фрустрации …

Европската провинција по дефиницијата ќе важи сѐ додека не се смени Менталитетот, па со тоа и останатите работи – инфраструктурата, културата, животниот стил и т. н. …

… време е …

Патем: Скопските улици/пригоди си ги „чешлал“ со очи ширум отворени од „лекциите во винил“ на KRS-One, Public Enemy, Wu-Tang Clan … , но твоето стихотворење покажува и „њух“ што не можел да одолее и на мирисот на книгата. Препорачај некое четиво.

Пикисипи: Ќе ги набројам 10-те книги (без некаков ред) кои ме направиле да бидам она што сум денес:

  • „Владетелот“ – Николо Макијавели
  • „Умешноста на војувањето“ – Сун-цу
  • „Егото и Идот“ – Сигмунд Фројд
  • „Џит Кун До/Уметноста на изразување на човечкото тело“ – Брус Ли
  • Библијата
  • „Демијан“ – Херман Хесе
  • „Кочиите на Боговите“ – Ерих фон Деникен
  • Енциклопедиите на Вук Караџиќ; Vol 1-10
  • „Малиот принц“ – Антоан де Сент-Егзипери
  • „2001: Одисеја во вселената“ – Артур Кларк
15 години САФИЗАМ

Патем: Живееш во Чешка чиј напредок по распаѓањето на Источниот блок е неблагодарно да се споредува со македонскиот. „На прва“ ова се објаснува со геополитички околности, но што мислиш за тезата дека на кондицијата на едно општество во голема мера влијае културата што истото ја консумира?

Пикисипи: Проблемот е што тие биле дел од Источниот блок под принуда, инаку инфраструктурата, културата, образованието, се клучот на нивното брзо враќање во Реалноста по 40-тина години живот зад Железната Завеса на СССР.
Прага била главен град на Римската империја кога била во пикот и кога била најголема според територија, и со неа владеел Карло IV Велики!!!
Тој своевремено ги отворил вратите на Прага за сите алхемичари, просветни дејци, инвентори, астролози … Едноставно сите паметни луѓе на тогашниот свет ги собрал на едно место во време кога науката била ЗАБРАНЕТА (среден век)!!! И затоа Прага е Praha Mater Urbium – Мајка на Градовите …

„… Споредувањето на Скопје и Прага е како да споредувате две планети … Едноставно неспоредливо … Скопје имаше свој шарм и своја топлина во 80-90-ти додека сѐ уште држевме чекор со светот … Од 1991 до денес пропаѓаме подлабоко и подлабоко во бездната …“

Имавме таква „лоша“ перцепција за Чехословачка во 80-тите и 90-тите, бидејќи нашиот ЈУС стандард беше поим за сите земји од Источниот блок; нашите, ЈУ спортски достигнувања беа на Светско Ниво, а Чешка и Словачка каскаа позади моќниот СССР, на кој само ние Балканците можевме да му се спротивставиме во колективните спортови. Башка условите, животниот стандард на Окупираната CZ биле незамисливо лоши (20 марки плата, КГБ, затворени граници, параноја и т. н.)
Основната Култура доаѓа од семејството. Односот кон Културата започнува од домот … Ние Македонците немаме основна култура, нема сообраќајна култура, нема култура воопшто, бидејќи сите мислат само на стомаците.
… Споредувањето на двата града е како да споредувате две планети … Едноставно неспоредливо … Скопје имаше свој шарм и своја топлина во 80-90-ти додека сѐ уште држевме чекор со светот … Од 1991 до денес пропаѓаме подлабоко и подлабоко во бездната …

Во CZ луѓето читаат книги (во трамвај, во метро), дури и „баба-сера“ во WC што работи чита книга додека наплаќа за WC. Кај нас книга можеби до 4-то одделение, кога ги тераат со сила, а после може некој филм да погледаат што е направен по книгата … или никогаш.

„ … сѐ е перцепција-апсорбција-интерпретација, па така и со културата и уметноста и со општеството кое ги моделира своите производи во зависност од тоа што форсира како агенда …“

Обично луѓето кои дале голем печат во Уметноста или Културата се од градовите кои се Културни Центри или живееле подолго време во некој град во кој Културата и Уметноста ги има во Изобилство (Леонардо, Микеланџело, Моцарт, и т. н.). Имам и една другарка од Холандија која има магистерска работа на тема како средината влијае на уметничките и културолошките способности на една нова индивидуа (бебе), или, јас што би рекол, сѐ е перцепција-апсорбција-интерпретација, па така и со културата и уметноста и со општеството кое ги моделира своите производи во зависност од тоа што форсира како агенда …

Патем: На што работиш/планираш во моментов? И се чувствуваш ли веќе покрај скопјанец и како пражанец со намера Прага да ти биде трајна, животна база?

Пикисипи: Последните 7 години откако официјално се пензионирав како MC (Master of Ceremonies, н.з.), се фокусирав на семејството. По цел ден сум со моите два сина Леон и Оскар, кои ми се најголема преокупација и инспирација … Моментално спремам неколку проекти кои ќе бидат музички колаборации, кои се надевам во скоро време ќе бидат реализирани: Frank Johnson & The Dreamers (нека биде изненадување), Kabare Zrcadlo (Огледало) со Верица Недевска … Што се однесува до тоа како се чувствувам – како Пражанец или Скопјанец: >>???, јас сум сѐ уште Чаирчанец пред сѐ. Можеш да излезеш од гетото, ама гетото потешко излегува од тебе:)
Инаку, апсолутно мислам дека животниот стил на Прага ми одговара. Но, сепак мислам дека ќе завршам некаде на море. Барем искрено се надевам … А повеќето искрени желби ми се исполниле … Се надевам и оваа.

На Skopje Street Festival

Патем: Што во моментов следиш со внимание од светската и од локалната, македонска музичка сцена?

Пикисипи: Артистите од Легија, Зад Аголот, се моите фаворити од МКД хипхоп сцената; морам да ги спомнам и Дивизија и Авторизација како квалитетни артисти кои имаат што да кажат … Го очекувам жедно новиот албум на Тони Китановски, а од светската музичка сцена го „утепав“ новиот албум на DJ Muggs –Dia del Asesinato, Roc Marciano – RR2, A.G. – The Taste of AMBrosia, Black Sheep – Tortured Soul, кој ме врати во средношколските денови …
Инаку, сѐ повеќе како DJ се фокусирам на скречување и користење на грамофонот како инструмент; не само како апарат за интерпретација на музика …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here