Од четвртата сезона на Better Call Saul преостануваат уште четири епизоди (во моментот на пишување на овој текст), но не можевме да се воздржиме да не го споделиме воодушевувањето од тековното, четврто продолжение на „спин-оф приквелот“ на Breaking Bad, односно на серијата која во опкружувањето на patem.mk без размислување се сместува во Топ 3 на сите времиња (заедно со Lost и Twin Peaks), меѓу кои не може да се прави степенување до суперлатив.

Ако не сте ја гледале Breaking Bad нема поента да читате понатаму – веднаш оддадете се на гледање на совршената серија на извонредниот Vince Gilligan, кој заедно со проверениот му сопишувач, Peter Gould, стои и зад Better Call Saul.

Ако претходните три сезони на „Подобро повикај го Сол“ ги доживеавме како некакво загревање, оставајќи го Gilligan да ги троши големите кредити што кај фановите ги доби со Breaking Bad, за оваа четврта сезона ќе кажеме дека веќе е на рамништето на неприкосновениот претходник.

Не дека претходните три сезони на Better Call Saul не беа вредни гледање, туку беа прилично забавени, што во принцип е и својствено за Gilligan, но немаше доволно од она што исто така е карактеристично за креаторот на серијата, а имено кулминации што ќе го оправдаат трпението на гледачите.

Во актуелната четврта сезона напнатост не недостига, но највредното е што омилените ликови уште од Breaking Bad кои таму беа во сенка на Walter White aka Heisenberg (одигран од Bryan Cranston на начин што не може да се доиспофали), како Gus Fring (Giancarlo Esposito), но особено Mike Ehrmantraut (Jonathan Banks), се градат деликатно како кули од карти, но цврсто како тврдини во кои се случуваат специфичните хабитуси од кои произлегуваат иконични сцени со кои изобилуваат епизодите од кои првата излезе на 6 август.

Колажче што го покажува проникнувањето адвокат-шверцер во Jimmy од кое ќе произлезе Saul во Breaking Bad

Покрај со Mike и Gus, сцени што се прераскажуваат и ќе се прераскажуваат се изградени и околу главниот лик Jimmy McGill (извонредниот Bob Odenkirk), кој во четвртата сезона најконкретно ја добива физиономијата на адвокатот (Saul Goodman – лажното име под кое го знаеме од Breaking Bad) со балкански менталитет кога е во прашање снаоѓањето „на ситно“, со „шибицарски“ финти.

На крајот ќе заклучиме дека оваа сезона на Better Call Saul толку му се приближи на генијалниот Breaking Bad, што на секои неколку сцени очекуваме однекаде да го видиме „затуцаниот“ професор по хемија Walter White, но сега со некоја назнака од Gilligan/Gould што ефектно ќе ни го потврди она што веќе го знаеме: дека тој е идниот „Хајзенберг“ – „The greatest meth cook in America … and the man who killed (capo di tutti capi) Gus Fring“.

Mike Ehrmantraut. Четвртата сезона ги покажува неговите митолошки вештини поради кои брзо, но уверливо станува најдоверлив човек на „капото“ Gus Fring, кој не простува грешки и затоа крајно пробирливо избира соработници

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here