Човекот е суштество кое сака да биде чуено, да зборува за да биде разбрано, а нужноста поврзана, на пример, со болката, често нѐ принудува да бидеме и особено гласни. Погласно да зборуваме/да се разбираме меѓусебе, влијае и нашата сѐ побучна цивилизација (овде не ја земаме предвид гласноста на одредени луѓе желни за доминација во денешниот свет кој порачува наметни се за да успееш : ). Познато е дека особено во големите, густо населени градови, бучавата е причина за комплексни оштетувања на здравјето на луѓето, што не се ограничени само на органот за слух – низа неаудитивни здравствени проблеми се резултат на физиолошка реакција на стресот од вишокот децибели.

Оттука некаде е и идејата за филмот „A Quiet Place“ (2018) на режисерот John Krasinski (попознат како актер), во кој бучавата претставува не само здравствена, туку и директна, моментална смртна закана.

Имено, светот во блиска иднина (2020 година) е нападнат и завладеан од вонземни, предаторски суштества кои се слепи, но имаат одличен слух, па пленот го пронаоѓаат кога истиот ќе произведе доволно гласен звук (веќе малку погласен шепот или чекор), пристигнувајќи за неколку секунди до изворот на „бучавата“ и уништувајќи го за уште пократко време.

Во ваква ситуација преживеаните луѓе се во трагови низ светот, а приказната следи семејство кое веројатно опстанало и благодарение на искуството од безвучна комуникација/знаковен јазик, стакнато поради најстарата глувонема ќерка (извонредно ја игра Millicent Simmonds, која и во вистинскиот живот е глува).

Режисерот John Krasinski го игра таткото на семејството кое преживува обидувајќи се да создаде „тивко место“

Веднаш ќе кажеме дека во „A Quiet Place“ не се внимава многу на логиката, па ако не сакате да зажалите што сте одлучиле да го гледате овој филм (кој на Rotten Tomatoes има дури 100% „certified fresh“ статус кај топ критичарите), препуштете ѝ се атмосферата, која му е главен адут.

Не се прашувајте зошто семејството чие преживување го следиме, кога веќе сфатило дека може својата бучава од секојдневниот живот да ја скрие со погласни извори на звук (во филмот без проблем зборуваат и врескаат звучно скриени зад водопад), не поставило звучници околу изолираната селска куќа во која живее, на кои по потреба би се пуштале гласни звуци, а од друга страна, има техничка можност во подрумот да бидат инсталирани десетици екрани/монитори на кои се емитира слика од не помалиот број безбедносни камери поставени на различни места околу куќата.

Немојте ниту да се чудите како предаторите од голема оддалеченост можат да чујат човек ако само се накашла, но кога за неколку секунди ќе дотрчаат до него и ќе почнат да го зумираат звукот со своите напредни уши, не можат да го лоцираат од метар растојание ако во близина тик-така часовник, иако преплашениот човек е задишан, односно гласен.

Од весниците во подрумот со монитори се дознава дека предаторите најверојатно дошле со метеорит што паднал во Мексико

Веројатно од овие причини Krasinski не сакал дополнително да се заплетка и да го избанализира филмот што е режисерски добро воден, со објаснувања за тоа како сѐ се случило, а се потпира на атмосферата, и за да го оправда жанрот на кој припаѓа „A Quiet Place“ (драма, хорор, научна фантастика) одлично ја одработил напнатоста, која не е поврзана со чудовиштата во кадар – такви се појавуваат само неколку пати во филмот – туку со комбинацијата на тишината што значи безбедност, и наглите, непредвидливи, неизбежни, инцидентни ситуации што подразбираат гласност, односно огромен ризик (таква ситуација е пораѓање: да, во вакви услови режисерот одлучил мајката што ја игра Emily Blunt да забремени и да роди).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here