Уште во „комунизмот“, малку пред распаѓањето на Југославија, со сериозно исчекување ги проверував трафиките за нов број од Alan Ford серијалот за борбата против „Mangia“. Со неговите 15 епизоди ова е веројатно најдолгиот серијал што Max Bunker (Luciano Secchi) го напишал за Групата TNT. Уште ги имам во „хард копи“ овие броеви издадени од загрепската Vijesnikova Press Agencija (VPA), и кога неодамна случајно ги пронајдов, од носталгија ги препрочитав, во еден здив. Ме „извозија“ исто како пред речиси 30 години.

Приказната за „Mangia“ се базира на обмислена теорија на заговор, според која Адолф Хитлер набрзо по инвазијата на Франција (јуни, 1940 година), супер-тајно поставил петмина наследници – Французин, Англичанец, Русин, Кинез и Американец, кои дејствувајќи координирано требало во случај на негова смрт да го обноват Третиот Рајх, штом (се) создадат поволни околности.

На градите на Хитлер и на неговите наследници, секогаш скриен од непосветени очи, e знакот на организацијата „Mangia“ – стилизирана буква „М“ со заби очници. (Mangia на италијански значи јадење, а оттука потекнува и нашата „манџа“ : ) Конкретно во Alan Ford, Mangia е план за „лапнување“ на светот)

Во оваа теорија на заговор, со нацизмот и соодветната расна теорија доследно се поврзани Тибет (каде нацистичката организација Ahnenerbe за истражување на древната германска историја и наследство на предците направила експедиција како во древна татковина на Ариевците), Римската Империја (нацистите Светото Римско Царство (962-1806) го сметале за Прв Рајх), Конфедеративните Американски Држави (познати како Конфедерација или „Југ“ (1861-1865), во кои економијата зависела од робовите Афроамериканци) …

Оттука знакот на „Mangia“ се појавува и на градите на Брут (Марко Јуниј, еден од убијците на Јулиј Цезар), како и на John Wilkes Booth (атентаторот на Абрахам Линколн и жесток противник на укинувањето на ропството во САД) …

Задачата на Групата TNT предводена од Бројот Еден или Неговото Височество, а во случајов во оперативен состав: Сер Оливер, Алан Форд, Боб Рок, Грунф, Клодовик (Еремија и Шефот од јасни причини за фановите на Alan Ford се изземени од оваа битка со најопасниот непријател со кој Групата TNT се соочила кога и да е), е да ја уништат организацијата „Mangia“, а за целта дејствуваат во Хонгконг, Женева, Лондон, Париз, Њу Орлеанс …

Поради големината на опасноста, штабот нa TNT тајно е преселен од њујоршката цвеќарница во отпатна вила во Рио де Женеиро …

На серијалот и со оглед на сериозноста на темата не му недостига познатиот првокласен, интелигентен хумор. Овде мораме да забележиме дека иако преводот/адаптацијата на хрватски не е на извонредниот Nenad Brixy (хрватскиот новинар и писател почина во 1984 година, а за негов најголем придонес за популарната култура се смета токму преводот на Alan Ford), квалитетот на текстот во „облачињата“ е одличен, благодарение на од него воспоставениот стандард.

Приказната на Luciano Secchi речиси нема пад на тензијата низ сите 15 епизоди – преполна е со неочекувани пресврти, но, за жал не ја следи соодветно естетско доживување (нема „арт“) поради слабиот цртеж на тројцата цртачи, Dario Perucca (10 епизоди; тој е нешто подобар од другите двајца:), Gianni Tacconella (3 епизоди) и Marco Nizzoli (2 епизоди). Работата на тројцата е многу далеку од квалитетот на оригиналниот цртач на Alan Ford, Magnus (Roberto Raviola, кој почина во 1996 година) и на неговиот прв наследник, Paolo Piffarerio (почина во 2015), кои се вистинските уметници на Alan Ford.

Епизоди од серијалот се (од изданијата на VPA): „Zatočenik kule“, „Tebi jasno“, „Tako je počelo“, „Prokleta isprava“, „Samoubilački zadatak“, „Izdaja“, „Brodolom“, „Početak raspleta“, „Čovjek iz Londona“, „Ljepotica Ria“, „U sjeni giljotine“, „Potres“, „Skate board boys“, „Posljednja bitka“ и „Finale“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here