Како фанови на Joaquin Phoenix без изневерени високи очекувања ја дочекуваме секоја негова следна улога. И кога по одредени филмови ќе зажалиме што ги снимил, останува самостојно да функционира и да го паметиме неговиот перформанс – безрезервното давање и претворање во ликот што го игра. Но, тука е и чувството дека вака расипнички се „троши“ оваа негова моќ на трансформација, која одамна сакаме да ја видиме во служба на лик што ќе исцрпи сѐ што Joaquin Phoenix може; или, што би рекле, „ќе му ја извади маста“.

И еве, коцките ни се наместија, или поточно картите – го добивме „Џокерот“.

Снимањето на „Joker“ почна на 10 септември, а филмот за најпознатиот негативец на DC Comics, што ќе биде независен од нивниот Extended Universe, ќе излезе на 4 октомври догодина. Иако филмувањата на стрип-јунаци добиваат големи буџети, „Joker“ на режисерот Todd Phillips (најпознат по трилогијата „The Hangover“) ќе се задоволи со скромни (во контекстот) 55 милиони долари, а ова е и на наше задоволство, зашто податокот упатува дека „специјалните ефекти“ на филмот главно ќе се очекуваат од перформансот на Joaquin Phoenix.

Актерот за сајтот Collider изјавил дека (како и ние : ) посакувал ваков филм години наназад:

„Уште пред три-четири години му се јавив на мојот агент и му реков: Зошто не земеме еден од оние ликови и да направиме нискобуџетен филм за него – филм што ќе биде студија на ликот, и зошто не земеме еден од оние негативци? Потоа си помислив: Тоа не може да биде Џокер, зашто веќе е сработен … И кога целосно заборавив на ова, и ја слушнав идејата (за главна улога во филмот на Todd Phillips, н.з.), си реков: Ова е искуство од видот што сакав да го имам – со филм базиран на лик од стрип.“

Џокер кога уште е Артур. Под ова име Todd Phillips ја сподели првата слика од филмот на Instagram

Во овој дух размислуваат за „Joker“ и кај дистрибутерот Warner Bros:

„Joker“ е концентриран на иконичниот архи-осветник, и е оригинална, самостојна приказна, досега невидена на големиот екран. Истражувањето на Todd Phillips на Arthur Fleck (Џокер во филмот ќе го добие ова, вистинско име, за што можете да прочитате подолу, н.з.), човекот занемарен од општеството, не е само темелна студија на карактер, туку и поширока предупредувачка приказна.“

Што се однесува до „крштевањето“ на Џокер како Arthur Fleck, ова е првпат (ако се исклучи алтер-егото Jack Napier на „кловновскиот крал на криминалот“ од „Batman“ (1989) на Tim Burton, каде главниот негативец е Jack Nicholson; Jack Napier потоа се користеше како реално име на „Џокер“ во одредени стрипови) со што се најавува дека режисерот кој заедно со Scott Silver е и сценарист на новиот „Joker“, ќе го „приземјат“ ликот до ниво на препознатливост од реалноста која секојдневно произведува вакви ликови, за кои сѐ почесто дознаваме од ударните вести.

Џокер е безимен дури и во фундаменталната приказна, „The Killing Joke“ на Alan Moore, каде низ „флешбекови“ се осветлува настанувањето на супер-негативецот: Како неименуваниот инженер дава отказ во хемиска компанија за да стане стендап комичар, пред поради суровоста на судбината да заклучи дека светот и животот се еден голем виц, во кој тој не сака да му се смеат нему …

Стендап комичарот на чии претстави никој не се смее, разочаран ќе заклучи дека светот и животот се еден голем виц, во кој тој не сака да му се смеат нему … (од „основата“, што е стрипот „ Batman: The Killing Joke“, на Alan Moore, нацртан од Brian Bolland)

Од поинтересното, досега познато за „Joker“ на Todd Phillips, ќе издвоиме (потврдено е и од Warner Bros) дека во филмот ќе игра и Robert De Niro. Тој наводно ќе биде домаќин на Gotham City ток-шоу, чие дејствување или недејствување ќе влијае Arthur Fleck да се претвори во Џокер.

Ќе завршиме само однапред радувајќи се на резултатот од предизвикот за Joaquin Phoenix да донесе еден толку иконичен лик, под големиот притисок што врз него не може да не го прави незаборавниот Џокер на Heath Ledger.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here