Jeff Pickles е водител на „Mr. Pickles’ Puppet Time“, супер-успешно шоу за деца кое се емитува веќе 30 години овозможувајќи трансгенерациски пренос на емотивната врска со Mr. Pickles, каква што некогашните деца во поранешна Југославија воспоставуваа со Бранко коцкица, па откако стануваа родители ја пренесуваа понатаму. Премисата на телевизиската серија на Showtime, „Kidding“, настанува кога во сообраќајна несреќа загинува 13-годишниот син на Jeff Pickles, а дури и во неговото семејство (татко му е продуцент на „Mr. Pickles’ Puppet Time“) се позагрижени како трагедијата ќе се одрази на ликот Mr. Pickles (односно, на заработката на шоуто), отколку на Jeff, сметајќи дека тој со неа треба да се справи како и сите други „нормални“ луѓе во ваква ситуација.

Но, Jeff не е „нормален“ човек (ненормално добро го игра Jim Carrey, а му парираат и сите други од актерската екипа), туку апсолутно доследен и во приватниот живот на ликот од неговото шоу; со беспрекорен морал (единствен порок му е што „понекогаш пие чоколаден сируп директно од шише“), а и покрај милионите што шоуто ги заработува, живее скромно, односно сѐ што не му е неопходно подарува за добротворни каузи („Можам да си дозволам многу работи, но трошам само за она што навистина ми треба, а остатокот им го давам на луѓето на кои им е попотребно“).

Мајсторски, и во делот на приказната напишана од креаторот на „Kidding“, Dave Holstein, а особено од режисерската изведба на Michel Gondry, уште во првата сцена станува совршено јасно кој е Jeff, преку контрастот со Danny Trejo, со кој заедно гостуваат во шоуто „Conan“ (за кое Jeff признава дека никогаш не го гледал, а во сцената се појавуваат вистинските Danny Trejo и Conan O’Brien). Имено, актерот познат по улоги на негативци, односно анти-херои, носи ланче со натпис „P-Hound“, а Jeff го прашува што значи тоа „P“. Trejo веднаш сфаќа дека Mr. Pickles навистина не знае оти ова „P“ е од „pussy“ (брилијантната игра на Jim Carrey не остава простор за дилеми околу неговата наивност), и како на дете, бирајќи пристојни зборови, почнува безуспешно да му објаснува дека се работи за дел од женското тело … Jeff ќе дознае што значи „P“ во разговор со син му, после гостувањето во „Conan“.

Воведната сцена во серијата каде Jeff заедно со Danny Trejo гостува во „Conan“, и искрено прашува што значи „P“ во натписот на ланчето на актерот на чија душа отишле тони филмска крв

Ако се обидеме да го толкуваме филозофскиот, егзистенцијалистички пристап на Holstein и Gondry во „Kidding“, тезата би (им) била дека нормален начин да се реагира на смртта нема, а најискрена е реакцијата на децата чиј живот во општеството немал доволно време да ги издресира.

Jeff совршено ја има сочувано детската искреност и многу болно сфаќа дека со смртта на син му не може, односно не сака да се носи на традиционалните начини. И ако претходно шоуто за деца чиј водител е, влијаело на неговиот приватен живот, сега неговиот приватен живот влијае на шоуто, но за разлика од татко му, продуцентот, тој смета дека на детската публика треба да ѝ зборува за загубата, вклучително и за најголемата што е смртта на близок човек; за да се подготват децата, да не бидат затечени кога кога и да е во животот ќе се соочат со неизбежноста.

Frank Langella е беспрекорен во деликатната улога на Seb, таткото на Jeff

Gondry и Holstein покрај со смртта, во „Kidding“ се занимаваат и со други проблеми што се пикаат „под тепих“ со целиот нивен експлозивен потенцијал, кој често и веднаш трауматично се одразува кај децата, но и ако не, станува фактор во нивниот натамошен живот. (конкретно во досегашните епизоди ваков пример има со внуката од сестра на Jeff која го „фаќа“ татко ѝ во брачно неверство, во експлицитна сцена во семејниот двор)

Не може да се претпостави што ќе донесат следните епизоди од „Kidding“ (досега се излезени четири) – од Michel Gondry треба да се очекуваат „твистови“ (режисер е и на ремек-делото „Eternal Sunshine of the Spotless Mind“, каде, исто така соработуваше со Jim Carrey), но засега Jeff во кој смртта на син му разбудила егзистенцијалист (овој нов Jeff нема поддршка од никого) останува доследен во одбивањето да се прилагоди на „нормалноста“; односно, да го прифати, на пример, советот на татко му, да искористи некоја од патолошките случаи-обожавателки, кои „ги пали“ „наивноста, инфантилноста“ на (овој) водител на детско шоу.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here