„Hereditary“ (2018) е пример како добар режисер, при соодветен избор на актерска екипа и останати клучни соработници, може да направи солиден, нашироко фален филм, и од не многу „мозгана“ приказна, и со малку пари (10 милиони долари). Во контекстот дополнителни комплименти за режисерот во овој случај, кој e потписник и на сценариото, а кому ова е долгометражно деби.

Имено, Ari Aster градел на прилично општа идеја за хорор крај/судбина на семејство со историја на ментални болести (по линија на мајката), кои (овде) значат податливост за влијанија од „оностраното“. Ова сиже само го декорирал со елементи/симболи (кои сами посебе не се особено интригантни; не ве тераат да „гуглате“ барајќи значења) поврзани со окултна практика/тајна заедница поклоници на еден од кралевите на пеколот, и од овој материјал направил згуснат филм (без празен од), со издашна помош на музиката на Colin Stetson, одличната монтажа и фотографијата со избледени бои како извонреден фон за немирот што трае до последната сцена. Неспорно во делот зад камерите усогласено се работело со јасна визија.

Milly Shapiro е актерското откровение на Hereditary, чиј лик и перформанс најмногу ќе се паметат

Во функција, пак, на контрапункт во приказната, осмислен е ликот на таткото во семејството – рационален тип кој се обидува да остане таков сѐ дури му оставаат и најмал простор невозможните ситуации што индикативно се редат (уверливо, толку колку што треба, го игра Gabriel Byrne). Задачата му е да го доживееме како единствен кој би можел да го спречи хорор развојот на приказната, но токму неговата рационалност и искуството од тоа што сѐ може да измисли нестабилната психа на жена му, се причина да не го види навреме натприродното во феномените што се случуваат околу него. Toni Collette е одлична во главната улога (мајката), а дебитантката Milly Shapiro (која ја игра ќерката) е актерското откровение на „Hereditary“, чиј лик и перформанс најмногу ќе се паметат од овој филм.

Кога ќе сфати со што си има работа ќе биде доцна – Gabriel Byrne ќе изгори

Оценка колку е страшен, иако масовно е фален како еден од најстрашните филмови, не можам да дадам – можеби требаше да го гледам откако ќе се стемни : )

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here