Судењето на Адолф Ајхман, нацистичкиот воен злосторник – еден од главните организатори на Холокаустот, телевизиски било глобално пренесувано од Израел во 1961 година, кога светот првпат видел и слушнал сведоштва на очевидци/преживеани од систематското убивање на околу шест милиони Евреи, чија најсмртоносна фаза почнала со планот „Конечно решение“ (The Final Solution, или на германски, die Endlösung).

И ако на крајот на Втората светска војна, Хитлер, Химлер, Геринг, самоубивајќи се ѝ „избегале“ на правдата, можеме само да замислиме со каква возбуда во 1960 година била дочекана во Израел информацијата дека во Аргентина можеби е лоциран Адолф Ајхман, и колку попримамливо им изгледало на Израелците наместо да пратат агенти да го егзекутираат на лице место, да се обидат овој преостанат СС-главешина од нацистичката „Канцеларија за еврејски прашања“ да го доведат на судење во Израел.

Со оваа операција на Мосад (Mossad), амбициозна до границите на можното, се занимава филмот на Chris Weitz, „Operation Finale“ (2018), што би го превеле како „Конечна операција“, контра споменатото нацистичко „Конечно решение“.

Во филмот базиран на факти, со тоа што одредени сцени се додадени во функција на драматизацијата, течно и уверливо (благодарение и на изобилството прецизни детали од операцијата) е прикажан подвигот на агентите на Мосад, што може да се објасни само со неверојатната колективна и лична мотивација (секој од нив во семејството има жртви на Холокаустот), чиј одек во кредото „да не се повтори“, заедно со специфичните искуства низ вековите со кои им е надградена генетиката на Израелците, се причина и за неверојатниот успех на нивната држава која постои само неполни 70 години.

Клучната психолошка состојка, душата на филмот, ја произведува односот меѓу двата главни лика – агентот на Мосад, Питер Малкин (Peter Malkin, чија книга Ајхман во моите раце“ (Eichmann in My Hands) ја користел Matthew Orton пишувајќи го сценариото), кого одлично го игра Oscar Isaac, и секако Ајхман, мајсторски донесен од Ben Kingsley.

Имено, поради договорите за екстрадиција/за да избегне меѓудржавни проблеми, официјален Ерусалим бара тајно уапсениот Ајхман, одведен во „безбедна куќа“ во Буенос Аирес, пред да биде префрлен во Израел да потпише согласност за негова екстрадиција (?!). Потписот не успева со школски Мосад методи да го добие агентот кој е единствен овластен да разговара со Ајхман, па на сцената стапува Малкин, кој индивидуално третирајќи го уловениот нацист, прифаќајќи ризична психолошка игра, го топи „металот“ во германската „машина“. Додека трае драмата околу потписот, агентите се под притисок на времето што го добиваат локалните нацисти и антисемити за да ја откријат „безбедната куќа“, но ним многу потешко им паѓа што мораат откако го уловиле, и да го чуваат Ајхман, кој трудејќи се да изгледа достоинствено и во поразот, надворешно демонстрира самоконтрола, а никој од агентите не е сигурен дека може да ја зачува својата (самоконтрола) и да не го убие …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here