Како фанови на Twin Peaks ќе се изначекаме до нова, четврта сезона од револуционерната серија од деведесеттите, која лани, 27 години по својот оригинал, доследно се врати како авангарда и според денешните критериуми. Со финалето на третата сезона „Twin Peaks: The Return“, очекувавме климакс, врв од кој ќе ни се испружи целата слика за свитканата реалност на светот осмислен од Дејвид Линч, но магот само нѐ остави да висиме/да се чудиме над нова бездна. Тој, како што изјави неодамна, чувствувал повик“ да ја продолжи приказната за Кери Пејџ (алтернативната Лора Палмер), но, вели и дека „постојат многу пречки“, на што ако се додаде оти му требале четири и пол години да го напише и сними „Враќањето“, испаѓа дека дефинитивно ќе се изначекаме.

Дејл Купер и Кери Пејџ, двојничката на Лора Палмер, која го „повикувала“ Линч да работи на четврта сезона од серијата

Покажувајќи пресретливост за потребите на фановите : ) , Линч набрзо ќе лансира игра, и тоа за виртуелна реалност – Twin Peaks VR, во која, како што се вели во официјалната најава, играчот ќе може да отиде до Glastonbury Grove за да заглави во енигмите на „Црвената соба“ (Red Room), а целта е да се пробие/да успее да излезе оттаму, по трагите на специјалниот агент Дејл Купер, и да се врати назад, во животот што го оставил зад себе. За оние што не ја гледале серијата, Црвената соба е аномаличен простор во паралелен универзум, каде, на пример, се зборува назадечки, а посетителот може да го сретне својот зол двојник …

За „Twin Peaks VR“, Линч соработува со Collider Games и Showtime, а играта ќе биде промовирана на претстојниот Festival of Disruption (чиј куратор е Дејвид Линч), што ќе се одржи во Лос Анџелес на 13-14 октомври.

Играта ќе ги отвори за истражување во виртуелна реалност иконичните места од оригиналната серија, како и од ланското „враќање“ ( Twin Peaks: The Return). Twin Peaks VR (засега, според најавите) ќе може да се игра со HTC Vive и Oculus Rift, и ќе биде достапна на Steam.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here