„Отсекогаш сум ги доживувал поимите вештина и уметност ако не како исти, тогаш како синоними. Иако „на прва“ уметноста ја доживуваме како нешто повеќе, а под вештина подразбираме само умеење да се направи нешто, без умеењето не можеш да се изразиш“

 

Не сум аикидока, но не ми беше тешко во разговорот со учителот по аикидо, Дамјан Цингарски, да воочам доследност во начинот на кој се изразува, на она што го дознав за филозофијата на боречката вештина што ја подучува. Говори спокојно, наоѓајќи го најкраткиот ефикасен пат до целта, со природност, елеганција и во невербалниот дел, својствена за аикидото и очигледна и за лаик кога гледа аикидоки во акција.

Како што вели Цингарски, токму перфекцијата на движењето, состојбата на контрола што ја одаваат мајсторите на аикидо, го привлекла кон оваа боречка вештина меѓу мноштвото други.

„Како деца гледавме филмови со карате – тогаш сѐ се викаше карате без разлика на вештината, и сите сакавме да бидеме Брус Ли. Значи сакав боречки вештини, но главно ме привлекуваше тоа совршенство на движење, соодветните способности. Никогаш не сум бил тепач во маалото – не сум бил ниту малтретирано дете што фрустрациите ќе го натераат да вежба боречки вештини за да се одмазди“, смеејќи се ја заврши мислата.

Аикидото, иако боречка вештина, се темели на идејата за ненасилство, што го заинтригирало да почне, но занимавајќи се со него, денес не би го рекламирал на ваков начин.

„Од сегашната перспектива идејата за ненасилство ми изгледа само како маркетиншки момент. Не може во една боречка вештина да се постави јасен праг каде завршува ненасилството, односно почнува насилството. Аикидото навистина стреми да се одбраниш од евентуален напаѓач без да го повредиш, но тоа може да се направи и со секоја друга од боречките вештини.“

Цингарски со аикидо почнал да се занимава во 2000 година, кога имал 22 години, а две години подоцна на семинар во Србија го запознал неговиот сегашен учител, Микеле Кваранта – Италијанец кој живее во Швајцарија и е носител на 6. Дан. На овој семинар дефинитивно ја увидел разликата меѓу реалното аикидо со кое претходно имал искуство, и изворното аикидо, во корист на второто. Понатаму следел многу семинари, видел и други учители, но никој не му оставил впечаток како Кваранта. По неколкупати годишно одел на семинари во Србија за да учи од него, полека изградувајќи знаење до потребното ниво за да може и самиот да почне да почне да подучува. (кога веќе го споменавме градењето, соодветен момент е да кажеме дека Цингарски по професија е архитект, инженер магистер)

„Подучувањето не го почнав зашто сакав да имам клуб, доџо за аикидо, туку зашто сфатив дека ако не отворам клуб, ќе престанам да се занимавам со вештината, а тоа не го сакав“, вели Цингарски, кој сега е носител на 3. Дан и е претседател на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија.

„Никогаш не сум бил тепач во маалото – не сум бил ниту малтретирано дете што фрустрациите ќе го натераат да вежба боречки вештини за да се одмазди“ : ) Летна школа на Самотраки, Грција

„Кај боречките вештини не може ниту да разговараме за нешто поинаку од минимализам

Во вториот дел од разговорот го прашавме Дамјан Цингарски колку аикидото, боречките вештини воопшто, оправдано во некои култури/јазици се нарекуваат уметности. Пред да одговори, тој потсети дека покрај на англиски (martial arts), боречките вештини се уметност и во рускиот јазик (боевые искусства; искусство=уметност).

„Отсекогаш сум ги доживувал поимите вештина и уметност ако не како исти, тогаш како синоними. Иако „на прва“ уметноста ја доживуваме како нешто повеќе, а под вештина подразбираме само умеење да се направи нешто, без умеењето не можеш да се изразиш. Ако сакаш да се изразиш мора да умееш тоа да го направиш. Колку повеќе се занимавам со аикидо, повеќе ги почитувам и сите останати боречки вештини, и дефинитивно ги препознавам како уметност.

Има два аспекти што го доближуваат ова што јас го разбирам до поимот за уметност. Едното е борбата со суетата – кога ќе дојдеш до момент да се изразиш, почнуваш да мислиш каков ефект има тој твој израз врз околината и врз тебе самиот. Претпоставувам дека е така кај секој уметник, почнува таа свесност колку си суетен, и се прашуваш што сакаш да изразиш и што е тоа што излегува на виделина од тебе.

Второто е мерката, истражувањето на мерката, што е присутно во сите уметности. Мора да се знае мерката за да биде јасно пренесено она што сакаш да го изразиш.“

После ова објаснување, ме интересираше што создава еден учител по аикидо, ако боречката вештина е уметност. Својот лаички заклучок го поделив со Цингарски, дека овде резултатот би бил минималистичка уметност, лишена од баластот, од сета непотребна тежина што може да ја искриви продолжувајќи ја линијата до целта.

„Не можеме кај боречките вештини ниту да разговараме за нешто поинаку од минимализам. И едноставна е причината: борбата бара голема физичка подготвеност и секоја залудно потрошена енергија може да те чини и живот. Од таа перспектива, само со минимум употребена сила, по најкраткиот пат, треба да стигнеш до целта“, се сложи учителот по аикидо.

Овде тој ни го продлабочи увидот во конкретната вештина како уметност на живеење, на давање соодветни одговори на прашањата/предизвиците што ни ги поставува животот.

„Во боречките вештини се вежба/инсценира борба. Има претпоставен противник кој напаѓа, а ние треба да се одбраниме, или да го канализираме до некаква неопасна разрешница. Овој пат никогаш не е директен, или попластично, не се работи за еден напад и една одбрана, туку во интеракцијата има многу менувања на улогите во смисла на нападот и на одбраната. Ако во првиот момент е најважно да се избегне нападот во линијата во која е упатен, веќе во следниот момент се менува улогата и се доаѓа во позиција тој што се бранел да може да нападне; и не само што може – треба да нападне, зашто ако остане пасивен станува ранлив. И додека така се менуваат улогите – нормално, сето тоа се случува во движење – токму таа мера на непретерување, и истовремено на неправење нешто недоволно, премалку, е она што обезбедува ефикасност, стигнување до саканата цел. Бидејќи аикидото има идеал на неповредување, во позициите до кои ќе дојдеш и можеш да удриш, одлуката е да не удираш. Практично така се конструирани вежбите да те упатуваат на тоа. И не е само тоа. Следното ниво е, кога работиш со човек, неговото тело е инструмент во вештината, што треба да го запознаеш. А не вежбаш со еден, туку со повеќе, различни луѓе. Цела наука е да ја научиш мерата до каде можеш одредени движења/ позиции да правиш. Сѐ треба да дојде на ниво на чувство. Ние вежбаме форма која ни обезбедува знаење за да можеме да дојдеме до момент кога ќе почнеме да работиме со чувство. Има учители кои уште на почеток работат на ова чувство – и јас сум го правел тоа порано, но не откако сфатив дека е многу погрешно. Треба прво да се помине патот на формата.“

„Мајсторот во аикидото се препознава и без физички контакт. Доволно е да видиш како се движи некој за да ти стане јасно“. Примање диплома за мајстoрски степен од учителот Микеле Кваранта

За постојано усовршување на оваа уметност на одговорот (the art of response), како што го нарекува Цингарски аикидото „минималистички“ извлекувајќи му ја есенцијата во овој израз, тој не пропушта можност да се сретне и работи со големи мајстори на вештината.

„Кога работам со моите ученици морам да го спуштам нивото за да можам да им покажам, но кога одам на семинари среќавам мајстори на многу повисоко ниво од моето, и особено задоволство е со нив да работам за да го испитам моето ниво, од секој аспект.“

Ме интересираше како се препознава нивото на овие големи аикидо мајстори. Неопходен ли е физички контакт при вежбањето или нивото едноставно зрачи од нив?

„Мајсторот во аикидото се препознава и без физички контакт. Доволно е да видиш како се движи некој за да ти стане јасно. А може и да згрешиш (се смее, н.з.) Мене ми се случува меѓу моите ученици во сосем другиот крај на салата да приметам дека некој прави погрешно движење, и тоа и ако е свртен со грб кон мене. Колку му е подигнато рамото, на пример, ќе ми покаже дали му е точна позицијата.“

Големиот учител, Осенсеи („О“ означува поставен на главна позиција), основачот на аикидото, Морихеи Уешиба (1883 – 1969), бил современик на Џигоро Кано, кој го поставил џудото во До системот (Будо е поим што се однесува на модерните боречки вештини од Јапонија).

„До е исто што и Тао на кинески, преведено како патот; што е нешто што во нашиот јазик го користиме како слово, логос, од каде е наставката „логија“ за науките. Така е и со До. Оттогаш (од времето кога Уешиба го создавал аикидото, н.з.) е терминот Будо, кој дава призвук на мирољубовост – без да се убива. Пред тоа околностите биле – вежбаш за да можеш (и) да убиеш, а со новата филозофија акцентот е ставен на тоа дека за да се постигне целта не треба оптоварување со надворешниот непријател, зашто ако успееш да го контролираш внатрешниот, твоето его, си ја завршил работата.“

Со првиот резидентен амбасадор (амбасадорка) на Јапонија во Македонија, Кеико Ханеда

„Во Јапонија би се враќал секогаш кога би ми се укажала пригода“

На крајот го прашав Цингарски за неговото искуство од Јапонија каде патувал на конгреси што Меѓународната аикидо федерација ги организира еднаш на четири години. Од културата на Јапонците прво го издвои тежнеењето кон перфекција.

„Стремежот кон совршенство им се отсликува во секој сегмент од животот, и нормално и во боречките вештини на кои се особено горди како на нивна автохтона култура. Наспроти одредени предрасуди дека во Јапонија нема спонтаност, дека се под притисок на очекувањето да бидат совршени во сѐ што прават, таму не се работи за ригиден систем што ги држи во калап. Екстремно се посветени што и да прават, и ние тоа мораме да го кажеме зашто го доживуваме како нешто што не е нормално, но тие не го ни перципираат зашто и не знаат за поинаку. Сум бил два пати во Јапонија и би одел секогаш кога би ми се укажала пригода. Тренинг во центарот на аикидото е искуство што може само таму да се доживее, и може да се третира како парадигма за Јапонија. Некој можеби ќе помисли дека зборувам само за нивното технички високо ниво, што е секако, но главно мислам на односот што го доживуваш уште во првите пет минути додека си таму. Огромната почит, потполно јасната хиерархија; нема дилема кој е кој, каде треба да си свртен; сето тоа е јасно до степен што ќе речам дека едноставно зрачи.“

„Јапонците се екстремно посветени што и да прават, и ние тоа мораме да го кажеме зашто го доживуваме како нешто што не е нормално, но тие не го ни перципираат зашто и не знаат за поинаку“. Од јапонска вечера со правнукот на Осенсеи Морихеи Уешиба

За да ни ја долови културата на Јапонците, Цингарски ни раскажа неколку искуства со репрезентативни егземплари од кои секој додаваше димензија на сликата, но во интерес на просторот ќе го пренесеме примерот што нам ни се виде најинтересен.

„Фуџимото беше учител, сега починат, кој во времето на поранешна Југославија кратко бил технички директор на Југословенската аикидо федерација. Тој е типичен Јапонец, со препознатлива национална култура, во која странец можеби може да се надева дека ќе се вклопи дури после многу години во Јапонија. Е сега, кога Јапонец ќе дојде тука ни изгледа надмено, притоа мислам само на случаите во кои доаѓа да го предаде тоа што е нивна култура, како боречките вештини. Фуџимото го запознав на семинар во Белград, кога дојде после подолго време. Имаше една средба со сите големи мајстори кои биле негови ученици од времето кога доаѓал во Србија, што се одржуваше во едно хотелско лоби, кога му пријде еден негов ученик, Србин, со книга за аикидо што ја напишал, и му рече: „Напишав книга за аикидо и сакам да ви ја подарам“. Фуџимото остана да седи, не пружи рака да ја прифати и погледне книгата, и му одговори: „Таа книга е за некој мој ученик. Не е можно мене да ми даваш ваква книга“.

Мене ме восхити едноставноста, искреноста на гестот. Ако гледаме со наши очи некој може во ова да препознае гордост, но во суштина се работи за искреност, некриење зад општествените норми.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here