Големите („Г-то“ ќе беше големо и ако зборот се најдеше во средината на реченицата) Joy Division ќе прозвучат во изведба на оркестар за класична музика во лондонската Royal Albert Hall на 5 јули 2019 година, со првиот ваков проект во кој учествува оригинален член на групата – во случајов басистот на Joy Division, Peter Hook, кој за целта соработува со Manchester Camerata, еден од водечките камерни оркестри во Британија.

Hook е куратор и извршен продуцент на концертот, додека музички режисер е Tim Crooks, а организаторите ветуваат концертна поставка со користење врвна технологија (state-of-the-art), односно највисоки продукциски стандарди. Идејата е да се сумира одамна препознаената улога во обликувањето на популарната култура на една од највлијателните групи на сите времиња.

Peter Hook

Настанот музички ќе ги поврзе елементите на пост-панкот што го карактеризира иновативниот звук на Joy Division, со класичната, оркестарска музика, и е омаж на групата и на духот што го дефинира нејзиното наследство“, се вели во официјалното соопштение, каде понатаму се потсетува дека Joy Division трагично престанаа да постојат непосредно пред својата прва американска турнеја во мај 1980 година (откако лидерот на групата, Ian Curtis, се самоуби на 18 мај истата година), но оттогаш влијанието на групата расте и не престанува до денес, со фанови од сите генерации и многу денешни музичари чиј образец е звукот на Joy Division.

Ian Curtis

Peter Hook во интервју за New Musical Express (NME) вели дека чувствува „огромна одговорност да работи со нешто што е толку негувано“. Во контекстот се жали дека е под притисок на „терористите скриени зад тастатура“ (keyboard terrorists, aka интернет тролови) да ја брани идејата на проектот, односно своето право да чепка по наследството што главно се поврзува со Ian Curtis.

„Се надевам ќе се види колку добро сме ја презентирале музиката на Joy Division и ќе се сфати оти тоа го правиме од вистински причини – со цело срце и душа … За жал, други членови на Joy Division не учествуваат, но се чувствувам способен да го изнесам проектот … Стиховите на Ian се многу евокативни и музиката е многу драматична – никој не може да го одрече влијанието што го има. Таа сѐ уште ги допира денешните млади на начин што е изненадувачки“, вели Hook за NME.

Информацијата дека картите за концертот се во продажба од почетокот на месецов, ретко за кого од државава ќе има значење. Ние ќе мораме да го почекаме евентуалниот „live“ албум.

Joy Division

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here