Ако не сте го гледале „Upgrade“ (2018), а одлучите да му посветите час и четириесетина минути, колку што трае овој научно-фантастичен акциски трилер, нема да зажалите. Под услов да не заборавите дека се работи за Б-филм, снимен за 3-5 милиони долари (попрецизен податок за буџетот не најдов). Соодветно, во делот на научната фантастика не очекувајте некоја продлабочена претстава за тоа што нѐ чека во евентуалната дистописка иднина, иако дејствието му е сместено таму и произлегува од импликациите од остварувањето на прогнозите како оние на Илон Маск за нерегулираниот развој на вештачката интелигенција како најголем ризик за човечката цивилизација. Режисерот кој е и сценарист на „Upgrade“, Leigh Whannell, само ги искористил како појдовна точка „sci-fi“-клишеата видени во многу филмови, за тоа како луѓето не го послушале Маск : ) и од газди им станале слуги на машините, за да раскаже една класична одмазничка приказна, што режисерски го направил чисто, течно и забавно.

Главниот лик, Греј Трејс (и самото име со својата иронија „на прва“, како да го покажува дистанцирањето на авторот од длабокоумниот пристап: Grey Trace, на англиски „сива трага“, очигледно е име што надмоќната вештачка интелигенција би му го дала на човекот алудирајќи на слабоста на неговиот мозок, „сивата маса“), е автомеханичар, технофоб, кој како таков најголем дел од времето поминува во својата гаража каде поправа олдтајмери, додека слуша музика „од винил“. Жена му, за разлика, е во чекор со технологијата, и поради неа имаат дом со сите „нишани“ очекувани за во блиската „хајтек“ иднина.

Во играта на контрасти „аналогно“ vs „дигитално“, Греј еден таков „аналоген“ Pontiac Firebird, среден во неговата гаража, безбедно одвозува за да му го продаде на технолошки богаташ иноватор, сопственик на Vessel Computers, што во филмот е компанија од рангот на Microsoft или Apple, а додека со сопругата се враќаат дома со „дигиталниот“, целосно автоматизиран нејзин автомобил, доживуваат сообраќајка. На местото на несреќата пред полицијата се појавуваат киборзи-криминалци и ја убиваат жената, а Греј го повредуваат оставајќи го парализиран од вратот надолу. Полицијата долго не може да ги открие виновниците, претпоставувајќи дека некој „лош“ хакер им направил „огнен ѕид“ (firewall) за да не може да ги препознае полицискиот дрон што ги снимил.

Одмазничкиот дел почнува кога споменатиот богаташ успева да го убеди очајаниот Греј експериментално да му вгради уред во ’рбетниот столб миркочип наречен STEM, со кој тој не само што одново ќе може да оди, туку ќе добие и супер-моќи кои во сцените кога еден-по-еден ги уништува убијците на жена му, изгледаат како достигнат недостижниот идеал за мајсторство во боречките вештини сосе шесто сетило стекнато со непрестајна медитација. Околностите така се редат што STEM во еден момент за да ја заврши одмазничката мисија ќе побара целосна независност од волјата на Греј (дотогаш уредот дејствува само со одобрување од човечкиот носител), со што почнува крајното забрзување на филмот со неколку сценаристички пресврти, кои за жал прилично рано стануваат предвидливи, што не ѝ пречи на забавноста.

Во „Upgrade“ за пофалба е и актерската игра на Logan Marshall-Green, кој е Греј Трејс, зашто иако изгледа како нискобуџетна верзија на Tom Hardy (двајцата многу наликуваат еден на друг), перформансот му е на ниво на А-филм. Добри кастинг решенија се и ексцентричниот богаташ Eron Keen, одигран од Harrison Gilbertson со целиот потенцијал во контекстот што го дава неговото наликување на Klaus Kinski, a вредно за спомен е и уверливното донесување на ликот на главниот негативец Fisk, од страна на Benedict Hardie.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here