Игор Кордеј, еден од најдобрите стрип цртачи на сите времиња (за мене и на светско ниво, а општо е прифатено дека ова важи за просторите на поранешна Југославија), е еден од клучните автори од кои мојата генерација во осумдесеттите (кога бевме во завршните одделенија на основното образование) научи дека стрипот е уметност, преминувајќи од Загор на следно ниво (без потценување на делото на Серџо Бонели и Галијено Фери, и на од него одиграната улога во раните детски години). Поводот да пишувам за него не е јавен, во смисла на нешто посебно новообјавено, иако тоа постојано го има – познат е како воркохоличар и хиперпродуктивен автор; туку личен – деновиве ја препрочитав неговата компилација на кратки приказни настанати од 1978 до 1994 година, „Zvijezde“, во ново издание на хрватска Fibra (од 2012 година, но јас дури сега „го открив“), и фасцинацијата ми беше иста како првиот пат кога ги видов овие малечки научно-фантастични ремек-дела од рапидографот на раниот Кордеј.

Од „Zvjezdana prašina“, 1986

Збирката што опфаќа деценија и-пол од неговата работа дава преглед на растењето на Кордеј како цртач, чија веќе почетната точка, во случајов приказната „Zvijezda (оригинално настаната во 1978, но подоцна прецртана кадар по кадар „во многу почист стил“, како што вели авторот), покажува зрела елоквенција во изразувањето со јазикот на стрипот. Имено, како во секоја друга уметност, има автори кои филмот, театарот, стрипот … , ги користат само како медиум за да прераскажат приказни чија нарација би можела да се исцрпи (и) во книжевно дело. Но, има и автори од видот на Кордеј, кои раскажуваат приказни податливи само за јазикот на нивната уметност, во случајот деветтата, или стрипот.

Во таванско ателје, со последната, тукуштозавршена табла на „Mašina“, во Орвеловата година (како што вели Кордеј) 1984 година. Во „Mašina“ самиот автор е главен лик, и вели дека стрипот е прекогниција за неговите подоцнежни авторски години, кога е навистина суперпродуктивен, со продукција од околу 6 стрип-албуми годишно

По споменатиот личен повод, прочитав и неколку понови интервјуа со Игор Кордеј, каде неговиот луциден ум извонредно формулира освестени погледи на денешницата. Особено ми беше интересна (и како локално применлива) опсервацијата на состојбите и перспективите во културата, што цртачот ја дава од позиција на автор кој работел на најпрестижните светски стрип-адреси, кому е доделена и титулата Витез на редот на уметноста и книжевноста (Ordre des Arts et des Lettres, највисокото француско одликување што поединец може да го добие за придонес во културата):

Еден од дедовците одамна, уште додека бев „клинец“, ми рече отприлика: „Синко, кога е лошо во државата, хармониката оди во ќошот“. Значи, културата и уметноста стануваат последни дупки на кавалот. Во младата држава (Хрватска) што се роди во војната, владејачката елита исползи одникаде како стаорци кога мачката ќе си отиде, и оствари иницијален капитал благодарение само на краткорочната промуќуреност која кај нас се вика „во сѐ, на сѐ и под сѐ“ … и тргна во уште пожесток „power trip“, бидејќи да се биде бог барем на кратко е најголема дрога од која нема одвикнување; со организиран грабеж и силување на сопствената држава и народ. Таа иста „елита“ креира краткорочни закони и правила, исклучиво за своја краткорочна корист. Дури по ваквиот период, што е неизбежен, доаѓа до создавање попрактични закони за подолгорочно функционирање на таканаречената правна држава, ако од неа нешто остане, бидејќи арамиите на крајот сепак сфаќаат дека кравата што безочно ја молзат треба барем минимално да се храни и пои, за да дава млеко. Така било отсекогаш, во која и да е земја, во кој и да е режим. Со тоа што разликата меѓу Хрватска, и, да речеме, Северна Америка, е во тоа што втората настанала пред двеста години, огромна земја со огромни природни и останати ресурси … Таму сите големи семејства, како Ротшилд, Гугенхајм, Рокфелер, Вандербилт, и т. н., иницијално создавајќи си богатство со грабање земја, со геноцид и воено профитерство, последните стотина години станаа големи покровители на културата; не зашто ја љубат, туку зашто донациите за култура и купувањето уметнички дела законски им се третираат со големи даночни олеснувања. Ќе биде така и кај нас … културата и уметноста одново ќе цветаат под големи донатори, но одвај можеби за нашите внуци. Кој ќе преживее ќе раскажува …“, вели Кордеј во интервју за Slobodna Dalmacija.

Од „Rolling Bush“

Игор Кордеј е роден во Загреб, во 1957 година, и беше член (на 18 години, со првите успеси во кариерата) на култната група стрип-цртачи Novi kvadrat, собрани 1976-79 околу загрепскиот неделник Polet, а во која беа и Мирко Илиќ, Крешимир Зимониќ, Радован Девлиќ, … Работел за Marvel, Dark Horse, DC Comics, Heavy Metal, француски Delcourt … Во Франција се врати откако неговиот „X-Man“ стана број 1 на американските топ-листи, зашто, како што самиот вели, „никогаш не сум бил најдобар во Европа“, а „уште како тинејџер одлучив да станам најдобар цртач на стрипови во светот“. Оригинални илустрации и стрип-табли на Кордеј се дел од вредни приватни и јавни колекции (на пример, Џорџ Лукас ја има насловната на „Star Warsстрип, илустрација на Кордеј), а негови дела се изложени во една од најголемите светски библиотеки, Конгресната во Вашингтон. Стрип великанот пред неколку години се врати да живее и работи во родниот Загреб.

Од „Maršal Bass“, 2017

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here