Вчера заврши конференцијата што почна на 12 октомври во Сан Франциско, по повод 25-годишнината на влијателниот американски месечник фокусиран на технологијата и на тоа како нејзиниот развој ја менува културата, економијата, политиката, … На настанот именуван A celebration of the ideas, innovations, and icons that made the world Wired(Одблежување на идеите, иновациите и иконите кои го направија светот поврзан), на сцената соодветно се појавија „икони“ од видот на Jony Ive (Apple), Susan Wojcicki (YouTube), Jack Dorsey (Twitter), па и Edward Snowden и Adam Savage (MythBusters Jr.), …, кои, како што ги претстави Wired, го обликувале последниот четврт-век. А впечаток е дека во нивните говори има повеќе дилеми, да не речеме песимизам, отколку јасни визии за иднината на технологијата во служба на човештвото.

Jony Ive, Apple

Jony Ive, шефот за дизајн во Apple, отприлика во истото време кога е основан Wired (1993) се преселил од Британија во Сан Франциско за да развива производи што ќе го трансформираат општеството. Но, како што вели на Wired25 конференцијата, промените се ретко предвидливи и ретко недвосмислено добри.

Според моето искуство, имаше изненадувачки последици – некои прекрасни, а некои не баш“, вели Ive, интервјуиран од Anna Wintour, најпозната како долгогодишна уредничка на Vogue, која го прашуваше и за општествената одговорност на технолошките гиганти, кои денес поседуваат не само моќ на контрола врз медиумскиот крајолик, туку и силен фат кога е во прашање вниманието на милијарди луѓе. На прашањето на Wintour, дали светот е преповрзан и како Ive се чувствува знаејќи дека дел од феноменологијата на iPhone-от е и зависноста, главниот дизајнер на Apple одговори оти е добро да сме поврзани, но, „вистинското прашање е што правиме ние со таа конекција?“.

Она за што јас сум загрижен е зачувувањето на бенефитите од меѓучовечката, личност-со-личност интеракција. Колку повеќе ги отстранувате луѓето, толку повеќе технологијата може да стане трансакциска“, вели Ivy, додавајќи дека Apple работи во делот на емотиконите и апликациите за праќање пораки со цел да „врати нешто од хуманоста во начинот на кој се поврзуваме“ (?!).

На прашањето на Wintour за американските состојби, односно за тоа што од нив го остава без сон, Ivy вели дека „во моментов се работи за долга листа“, но она што најмногу го загрижува е поделеноста. Во прилог на заклучокот дека технологијата одиграла значајна улога во контекстот, Wired потсетува дека деновиве New York Times извести оти војската на Мјанмар го користела Facebook за ширење дезинформации што довеле до геноцид.

Susan Wojcicki, YouTube

Кога веќе се направи алузија на „ефектот Трамп“, ќе споменеме дека Susan Wojcicki, CEO-то на YouTube, на конференцијата Wired25 рече дека овој, еден од најголемите приходувачи на Alphabet – како една од најпопуларните платформи/сервиси со мисија „емитувај се себеси“ (broadcast yourself) зададена од лансирањето во 2005 година, последниве години и особено од американските избори во 2016 година не престанува да се полни со тролови и лоши информации.

Ако гледаме на отвореноста и на сите предности што ги дава, добиваме нешто навистина вредно, но тоа треба да го „венчаме“ со одговорноста“, вели Wojcicki. За да помогнат да се отстранат видеата што ги нарушуваат правилата на YouTube, вработени се дури околу 10.000 модератори на содржини. Настрана од сервисот со над милијарда активни корисници на месечно ниво кои испумпуваат стотици часови содржина секоја минута, Wojcicki е посветена и на зголемувањето на диверзитетот во Силиконската долина. Интернетот рапидно го менува светот, а широка категорија луѓе не се инволвирани во овие промени, што може да има сериозни последици.

Моќта е нешто што се предава понатаму. Мислам дека е важно за луѓето кои се во позиција на моќ да го сфатат ова и да мислат како ќе ја предадат на следната генерација – да мислат и да охрабрат поразновидни групи луѓе во технологијата.“

Jack Dorsey, Twitter

CEO-то, пак, на Twitter, Jack Dorsey, рече дека најголемата критика за социјалната мрежа што ја води е оти ги поттикнува корисниците во погрешни насоки.

Што поттикнува сервисот во моментов? Имаме големо „Like“ со срце на него, и ги поттикнуваме луѓето да сакаат да „растат“ и да добијат повеќе следачи (followers). Дали е тоа правилно? Наспроти помагањето/придонесувањето на јавната комуникација или на здравата комуникација? Како ние ја поттикнуваме здравата комуникација?“, праша Dorsey на Wired25. 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here