Движејќи се низ градов во последно време гледав/насетував дека се случува некое заживување на скејт културата во Скопје. А потврда дека е така добив уште на почетокот од разговорот со скејтерите Александар Несторовски-Corn и Алек Апостоловски, кои пред некој ден ги фатив на дело“ на платото пред МОБ (Македонска опера и балет). Веднаш со воодушевување почнаа да зборуваат за она што им се случува во нивниот скејтерски начин на живот – поинаков, како што велат, и не познаваат, а и не сакаат да знаат.

„Ова не е спорт – тоа ми е начин на живот. Мислам на дружбата, на постигнатото во скејтот, и на многу други работи …“, ми одговори Corn повеќе со емотивна реакција отколку со зборови, на прашањето што значи за нив скејтбордингот.

Кога возам се чувствувам убаво … така и се облекувам, таков ми е целокупниот начин на живот, многу работи ми зависат од скејтот“, се надоврза Алек.

Алек. Плато пред МОБ

Веќе извесно време причини за задоволство имаат повеќе, почнувајќи од подобрувањето на основните услови во градот за практикување на оваа стриктно урбана култура.

„Порано немаше скејт инфраструктура, ама сега е сѐ асфалт :  ), што многу ми се допаѓа“, вели Corn.

„Во последно време има и многу добра локална мотивација“, додаде Алек, „зашто има и многу спонзорирања на наши скејтери, од страна на скејт и на урбаните шопови.“

Corn сака да студира режија и неслучајно во Берлин се сликал со небото прославено од Wim Wenders

Двајцата се дел од тимот [0.10]error of harmony, од кој се спонзорирани, добиваат опрема (даски, облека), што е голем чекор спонтаната заедница да прерасне во организирана скејт сцена со сите нејзини (можеби и „про“) перспективи.

„Нашиот тим прави даски, кои се произведуваат во Берлин, со дизајни/графики на основачот на [0.10]error of harmony, Илија Стефановски. Многу сме му благодарни, со тоа што го прави нѐ мотивира, а на тоа се должи и општата мотивација. Новите скејтери имаат мотив да се трудат, да направат нешто, да постигнат, и тие да влезат во тим“, вели Corn.

Тука се и сѐ почестите и поквалитетни скејт настани, како пред десетина дена одржаниот (на 6 и 7 октомври) „One More Try Vol. 2“, каде доаѓаат и странци.

Лани и оваа година се наградуваше по системот Cash for Tricks – странците само така можеш да ги донесеш. Од буџетот на настанот се наградуваат триковите според оценки од организаторот“, објасни Алек.

„Cash for Tricks“. One More Try, Vol. 2, Скопје

„Залутаните се откажуваат после првата повреда“

Неизбежна скејт тема се и повредите. Corn и Алек ги прашавме колку храброста, подготвеноста на ризикот што го подразбира учењето на одреден трик, се одлучувачки за напредок во скејтерските вештини.

„Тоа е таа бариера што треба да се помине. Повеќето што возат мислат на тоа – дали ќе паднат, ќе скршат нешто, што им ги ограничува можностите да го направат трикот. А тој што ја нема страста, по првата посериозна повреда се откажува“, ни одговори Алек.

„Ризикот не може да се оттргне. Дури и ако успееш да не мислиш на него, останува во потсвеста. Треба многу храброст. Особено после повреда, треба време за психички да се собереш. На пример, си паднал, си скршил нога на некој трик, и нормално, после во психа ти влегува тоа: Леле, не го пробувам ова, пак ќе се зафркнам. Во рехабилитацијата помагаат другарите, кои ќе те „напалат“: Ајде, ајде, можеш, можеш, и пак ќе пробаш да го направиш трикот, а стравот ќе ти помине“, вели Corn.

„Ризикот не може да се оттргне“. Corn „соло“

Погоре ја споменавме локалната мотивација, а сега ќе се осврнеме и на светската, со која се враќаат од патувањата на скејт настани во странство, каде во живо виделе многу професионалци.

„Мотивацијата кога ќе видиш некој про скејтер, и не мора да е про ако е добар, е неверојатна. Триковите што си ги видел во живо, што е многу поразлично отколку на видео каде сепак има монтажа; тука пред очи, кога те мава адреналин; тоа не може да не те натера да ги пробуваш кога ќе се вратиш во Скопје“, вели Алек, кој во живо ги гледал „вратоломиите“ на Ryan Decenzo, Sewa Kroetkov, Luan Oliveira (неговиот омилен скејтер), Ishod Wair, Alex Midler, Zion Wright, Jamie Foy, Eric Koston, Sean Malto, Yuto Horigome (сите на Copenhagen Open во Берлин каде бил годинава), Trevor Colden (на Mystic SK8 Cup во Прага).

Алек со омилениот скејтер Luan Oliveira. Copenhagen Open, Берлин, 2018

Омилен скејтер на Corn му е Dylan Rieder, кој почина од леукемија пред две години, а го издвои и Austyn Gillette.

„На патувањата на скејт настани во странство ќе видиш концентрација од трикови со „вау“ ефект. Овде се случува некој да направи од време на време нешто што е „вау“, но тоа „вау“ трае еден период, и после сѐ се враќа на рутина, на повторување. Во живо сум ги видел Trevor McClung, Chris Haslam во Скопје, а во Берлин го видов Wes Kremer“, вели Corn.

На прашањето која музика најдобро „вози“ со скејт, Corn ги наброи The Brian Jonestown Massacre, Lebanon Hanover, She Past Away, David Bowie, …, а интересен одговор даде Алек:

„Кај мене заедно оди кафана и скејт. Играорец сум, моториката оттаму ми се наоѓа – клекнувања, такви „ствари“ … сила во нозе“, рече тој, давајќи своевидна потврда за припадност на тимот, преку личната „грешка во хармонијата“, односно во претставата за тоа што е естетски компатибилно со елементите на скејт културата.

Corn има 18 години и е четврта година во Средното уметничко училиште на одделот за мултимедиски дизајн, а Алек 19, и е студент на прва година на Шумарскиот факултет во Скопје.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here