За да не остане „чудо невидено“, отпатувавме до Белград да ја видиме меѓународната манифестација од областа на визуелните уметности, Октомвриски салон, чие педесет и седмо издание, под наслов „Чудото на какофонијата“, беше отворено на 15 септември, а ќе трае до 28 октомври, до кога делата на 72 уметници од целиот свет ќе бидат вдомени во пет изложбени простори на српската престолнина.

Името на овогодинешниот Октомвриски салон заслужува објаснување, и такво кустосите дадоа – француско-исландскиот пар Danielle/Gunnar B. Kvaran, кое, пак, не наиде на општо одобрување кај српската јавност која ги следи случувањата во културата.

Ние разложувајќи го насловот „Чудото на какофонијата“, под чудо ја подразбравме можноста и на овие простори да видиме дела на познати светски уметници (некои ги нарекоа класици на современата уметност), и тоа на повеќемина одеднаш, а за какофонијата го прифативме објаснувањето на кустосите, дека „последните 10-15 години нема еден значаен именител во светската современа уметност, и затоа се обединети дела што заедно претставуваат извесна уметничка какофонија“.

„Кога станува збор за ситуацијата во светот, првенствено е видлива голема разноликост, и тоа е можеби најважното што сакаме да го покажеме со оваа изложба, која нема почеток и крај, зашто зборува за фактот дека моментално во светот постои една хоризонтална ситуација, без доминантен центар, како што некогаш биле Њујорк, Париз или Лондон, туку постојат различни центри во Кина, во Индија, во Њујорк, во Јужна Америка, но и во Скандинавија и на Балканот. Сите тие различни географски простори и културни идентитети се подеднакви во глобален контекст. Во таа смисла, нема хиерархија во приказната која ја изнесуваме пред јавноста“, се зборови на Gunnar B. Kvaran. Тој, како некаков кохезивен елемент во „Чудото на какофонијата“, го споменува инсистирањето да бидат застапени „уметници со особени профили, со јасен, оригинален уметнички израз и јазик“, а кои би доаѓале од сите континенти.

Приговорите до кустосите што „држат вода“ ако се заборави дека зборуваме за Србија, односно за Балканот, се оти дисперзивноста и плурализмот на современата уметност не се ништо ново (веќе повеќе децении е така), и во услови кога нема проблемски фокус на изложбата/нема конкретна порака, во смисла – зошто токму овие автори и особено зошто токму овие дела?, несериозно е „какофонијата“ да се претстави како „откритие“, па уште и да се нарече чудо од страна на кустосите. Но, од друга страна, кога зборуваме за Србија, за Балканот, не можеме да не бидеме задоволни од „чудото“ – можноста на едно место да ги видиме Anselm Kiefer, Takashi Murakami, Helen Marten, Cindy Sherman …

Најголема концентрација на дела од уметници „ѕвезди“ во Белград имаше во галеријата на Српската академија на науките и уметностите (САНУ), која првпат е изложбен простор во рамките на Октомврискиот салон (изложеното во САНУ погледнете го во галеријата најдолу). Таму може да се видат дела на 12 уметници со светска репутација, меѓу кои и на еден од најеминентните српски сликари, Владимир Величковиќ, кој, како што самиот вели, „кустосите бараа мои работи да бидат изложени овде“, заедно со делата на Kiefer, Murakami, Helen Marten, која во 2016 година ја доби ценетата Turner Prize (за британски визуелен уметник на годината) …

„Првпат изложував на Октомврискиот салон во 1961 година (манифестацијата е востановена во 1960 година, н.з.), кој имал свои подеми и падови, но овојпат е многу, многу значен, зашто е интернационален на највисоко можно ниво“, изјави Величковиќ.

На „дванаесетмината“ во галеријата на САНУ се осврна и кустосот Gunnar B. Kvaran, кој препорача да се видат делата на Larry Bell, „кој експериментира со материјалите, со светлината и со бојата“; Cindy Sherman, „која прави нови видови дигитални колажи“; „а тука е и Murakami кој комбинира манга и аниме со традиционалниот начин на сликање во Јапонија“ …

Октомврискиот салон е основан како годишна манифестација/изложба на најдобрите дела од југословенската ликовна уметност, за во 2004 година да добие меѓународен карактер, а во 2016 и биенален ритам.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here