При неодамнешната посета на Белград, откако го видовме „Чудото на какофонијата“, останавме во чудо следејќи ја препораката на нам многу драга личност, да не го одминеме првиот приватен музеј на уметност во Србија, кој се наоѓа во близина на Српската академија на науките и уметности, каде, пак, бевме да ги видиме делата на „ѕвездите“ на вчера завршеното издание на Октомврискиот салон, Anselm Kiefer, Takashi Murakami, Larry Bell …

Препораката вредеше „за сите пари“ што некогаш се чувале во Првата хрватска штедилница : ) , за чии потреби во дваесеттите години од минатиот век била изградена импресивната зграда, во која од 1 јули 2010 година е сместен Музејот Zepter.

Овој објект од историското јадро на Белград, на познатата Кнез Михаилова улица, проектиран од хрватскиот архитект Дионис Андрија Сунко во стилот сецесија, останал трезор, во кој денеска наместо пари, се чува големо културно богатство.

Основач и сопственик на Музејот Zepter е Мадлена Цептер, а како што може да се прочита на интернет презентацијата на институцијата, нејзина главна дејност е „систематски да собира, штити, чува, проучува и објавува уметнички дела“, „со идеја, на едно место да се најдат делата, односно уметниците кои можат да ја доловат сликата на комплексната ликовна сцена во Србија од втората половина на 20 век и почетокот на новиот милениум“.

Колекцијата на Музејот Zepter, сакајќи да даде што покомплетен увид во творечките индивидуалности кои го одбележале споменатиот период, содржи дела на сликари и вајари кои биле членови на различни колективи (како прочуената Медиала = Дадо Ѓуриќ, Љуба Поповиќ, Владимир Величковиќ …), како и на претставници на најрадикалните ликовни изрази, енформел и други видови апстракција; новата, наративната и поетската фигурација, поп-артот и новата објективност; трансавангардата, фантастиката; скоро сите други правци и појави од крајот на минатиот век, вклучувајќи и одредени примери на концептуализам и постконцептуализам“.

Бројот на застапени уметници во музејот е над 165, а на дела над 400.

Во продолжение, во прилог на нашата топла препорака да го посетите Музејот Zepter, погледнете ја галеријата од она што го фативме со нашиот објектив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here