Расизмот опстојува во Америка, и тоа не само со несмален интензитет, туку и опасно засилен последниве години, а борбата против него што беше крунисана и со првиот афроамериканец претседател на САД не постигнала многу повеќе од привид за расна еднаквост.

Ова е пораката на извонредниот филм на Spike Lee, „BlacKkKlansman“ (2018), чие режисерско мајсторство е што зграпчувајќи ја темата со сета сериозност што ја бара, притоа погодувајќи во центарот, истовремено направил супер-забавен филм до последната минута (не трае кратко: 2 часа и 15 минути), кој енергично ви го презема вниманието од самиот почеток.

За да покаже дека ништо не е променето, а истовремено да предупреди на опасностите од подемот на расизмот денес, Lee во „BlacKkKlansman“ филмува вистинска приказна од седумдесеттите години, за Ron Stallworth, првиот афроамериканец полицаец во Colorado Springs, кој се инфилтрирал во локалниот огранок на Ku Klux Klan (?!).

Интересно е што Ron, чија прва посериозна полициска задача била да обезбеди „интел“ од собир на афроамериканци каде говорник бил поранешен член на Black Panthers, откако сфатил дека полицискиот радар е насочен само кон опасностите од афроамериканскиот радикализам, случајно, читајќи весник во полициската станица, нашол оглас со телефонски број на Ku Klux Klan во кој се бараат нови членови, и се јавил надевајќи се дека ќе најде причина и „Кланот“ да биде ставен под присмотра. Потегот се покажал успешен – белите супрематисти поверувале дека од другата страна на линијата имаат запален истомисленик, но од јасни причини Ron не можел да се појави на закажаниот состанок со нив, па наместо него влетал неговиот колега Евреин, Flip Zimmerman, глумејќи го „ариевецот“ Ron (?!) …

Spike Lee паметно, во филмот не ја влече водата кон својата афроамериканска кауза, туку паралелно со зовривањето во KKK ја следи и ситуацијата во спротивниот табор, каде, исто така, само искра им фалела на не помалку запалливите пароли.

Паралелите со денешницата асоцирана со американскиот претседател Доналд Трамп се повеќе од очигледни. Во филмот се појавува David Duke, тогашниот (кога се случува дејствието на „BlacKkKlansman“) прв човек (Grand Wizard) на Ku Klux Klan, а денеска голем поддржувач на Трамп.

На крајот, за во случај некој да не сфатил, Spike Lee целосно ја соголува пораката, уфрлајќи документарни сцени што природно се надоврзуваат на случувањата од седумдесеттите, а што ѝ претходеа на ланската трагедија во Charlottesville, Virginia, кога неонацист/бел супрематист влета со кола во мирен протест (во филмот ја има и таа сцена).

Трамп, коментирајќи ја трагедијата, ги запрепасти дури и своите републиканци, кога ги поистовети активистите кои протестираа против расизмот, со неонацистите и сличните.

Од една страна имаше група со многу лоши личности, а од другата страна група што, исто така, беше многу насилна. Не сите од овие луѓе се неонацисти, ниту бели супрематисти, верувајте ми. Таму имаше и многу фини луѓе“, е изјавата на Трамп што Lee ја искористил во „BlacKkKlansman“, по која следи и реакцијата на David Duke во која тој вели дека случувањата во Charlottesville се прв чекор кон реализација на она на што Трамп алудираше во кампањата – прв чекор да си ја повратиме Америка“.

Некогашниот „голем маг“ на Ku Klux Klan со исто воодушевување ја дочека и победата на Доналд Трамп на американските избори во 2016 година, кога „твитна“ дека изборната ноќ му била „една од највозбудливите во животот“, додавајќи оти, „за да нема забуна, нашите луѓе одиграа голема улога во изборот на Трамп за претседател“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here