Поради лоши сценаристи втора сезона не добиваат и телевизиски серии со добра идеја и амбиција да траат. Оттука, во наездата од серии, добрите сценаристи, од кои на продукциските компании им требаат тимови, се барана „роба“ и чинат скапо, а холивудските „шкртици“ бараат начини да гo скратат овој трошок, гледајќи надеж во развојот на технологијата.

Од овој аспект, новиот краток филм „Progress Bar, чиј коавтор е вештачка интелигенција (AI), сигурно ќе им се допадне (на продуцентите, секако).

Имено, ако пред две години на сценаристите им падна камен од срцето кога видоа дека вештачката интелигенција е сѐ уште далеку од револуција што може да ги остави без работа (со првиот филм напишан од AI, „Sunspring“, исто така краток), денеска би требало да се позагрижени, зашто во „Progress Bar„смисленото“ од страна на компјутер речиси да не може да се разликува од креација на човек професионалец.

„Sunspring“ во 2016 година покажа слабо артикулирна приказна, во целост напишана од компјутер, чие филмување доби пофалби поради мистериозната атмосфера, но за популарноста на овој краток филм главно придонесе појавувањето во главната улога на Thomas Middleditch, ѕвездата на „Silicon Valley“. За потребите на „Sunspring“ била создадена машината Jetson, па наполнета со стотици научно-фантастични сценарија на филмови и серии, а филмаџијата Oscar Sharp за 48 часа морал да го сними напишаното од компјутерот, какво и да е тоа, зашто учествувал на „48hr Challenge“ на филмскиот фестивал Sci-Fi-London.

Во новиот, пак, филм, „Progress Bar“, режиран од Peter McCoubrey, вештачката интелигенција го напишала само дијалогот за LEXI, AI ликот во филмот, за кој може да се каже дека одлично кореспондира со напишаното од луѓе.

Пакетот алатки со вештачка интелигенција за пишување приказни/сценарија, искористен во Progress Bar“, се вика RivetAI, а можностите си ги надградува со длабинско машинско учење (deep learning). Филмската индустрија веќе користи AI алатки и во други области, како, на пример, онаа која за компанијата Legendary Entertainment (The Dark Knight, Inception, BlacKkKlansman …) ги избира сликите и видеата за промотивните материјали, пресметувајќи што најмногу ќе ѝ се допадне на публиката.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here