На старата поговорка дека една слика вреди илјада зборови, некој ќе приговори оти денеска едно видео содржи и над 60 слики во секоја своја секунда. Но, секој ќе се сложи дека ништо така не може да го врами вистинскиот миг како добар фотограф, на вистинското место, во вистинското време, од вистинскиот агол. Овој миг на спортските терени веќе над 25 години пак и пак се обидува да го фати фотографот/фоторепортерот Роберт Спасовски.

Во историјата на националниот фудбалски тим на Македонија тој е важен лик, како еден од само двајцата македонски фотографи кои со своите објективи посведочиле на првиот официјален натпревар на македонската репрезентација која на 13 октомври 1993 година во Крањ ја победи словенечката со 4 : 1 (ветувајќи многу светли перспективи за македонскиот фудбал, но …).

Разбирливо е што на Спасовски меѓу наградите/признанијата што ги добивал како спортски фотограф, најдрага му е благодарницата од Фудбалската федерација на Македонија, која му е доделена како на учесник во споменатиот историски настан, при одбележувањето на 25-годишнината од истиот.

„Тогаш кога одевме во Крањ не бевме многу свесни дека и ние ја пишуваме историјата. Ѓоко Личевски од „Нова Македонија“ имаше среќа да го фати првиот гол. Јас како фоторепортер на „Скок“ бев од десната, а тој, како што се покажа, од среќната лева страна“, се сеќава Спасовски.

„Кога во 1993 одевме во Крањ не бевме многу свесни дека и ние ја пишуваме историјата“

Фотографската чивија му влегла додека го отслужувал воениот рок, во тогашната ЈНА, како извидувач, кога фотографирал, па развивал црно-бели филмови и во камион …

Откако се вратил од војска, во 1991 година стартувал спортскиот магазин „Скок“ на НИП „Нова Македонија“, каде Спасовски бил фоторепортер од самиот почеток. Низ кариерата поминал и низ медиуми за политика, бизнис и економија, но константата му е спортската фотографија. Денеска е дел од спортскиот портал „Екипа.мк“, кој годинава одбележа 7 години постоење.

„Спортот ми лежи зашто е жива фотографија. Нема „риплеј“. Тоа е тој момент: радост, еуфорија, па и тага … Ги гледаш на теренот играчите, нивните дуели, тие мора да се во фокусот, но зад тебе, кога ќе се свртиш кон публиката, таму е атмосферата – одразот на она што се случува на теренот, и таму е она кое треба да се прикаже со една слика што е илјада зборови. На пример, кога поранешниот капитен на ФК Работнички, Душко Трајчевски, дава гол и ги покажува мускулите – колку е јак. Момент што треба да го имаш. Од вистинска позиција на местото на настанот. Некогаш среќата, а некогаш искуството одлучуваат да бидеш на вистинското место. Треба да ја знаеш и играта, да знаеш што и каде да гледаш – не победува на натпреварот секогаш тој што се очекува“, вели Спасовски.

„Момент што треба да го имаш – поранешниот капитен на ФК Работнички, Душко Трајчевски, дава гол и ги покажува мускулите – колку е јак“

Во жанрот спортска фотографија жали што има сѐ помалку колеги, а причина за тоа е (и) зголемениот обем на работа во текот на викендите, кога е тежиштето на спортските случувања …

„Кај нас нема многу спортски фоторепортери. На прсти се бројат. На терен, на „Градски“, истите луѓе сме. Со нив делиш и добро и лошо, и дожд и снег, и летни горештини – на стадионите кои ни се канцеларија сме одвај двајца-тројца, ретко четворица. Ако сме петмина се радуваме.“

„Кај нас нема многу спортски фоторепортери. На прсти се бројат. На терен, на „Градски“, истите луѓе сме. Со нив делиш и добро и лошо, и дожд и снег, и летни горештини“

Но, она за што навистина жали Спасовски е тоа што на стадионите и во спортските сали во Македонија очајно недостасува публика. На ова се наврати и кога го прашавме колку еден спортски фотограф треба да биде воден и од уметничко чувство, во смисла дали е важно само да го фати акцискиот момент, или „брка“ и некоја уметност?

„Во делот на естетиката, многу подобро изгледаат фотографиите на кои во позадината на акцијата од теренот има публика. Но, сега, последниве години, трибините се празни. Дури има повеќе редари, полиција, од публика. Фудбалско градско дерби, а нема публика! Порано беше многу попосетено. А не е само да го фатиш моментот: се случува дуел, топката ја имаш, и сликај … Иако, и на слика каде се гледа дека нема публика, како фоторепортер го поставуваш, го проблематизираш прашањето зошто нема публика.“

Работнички-Шкендија:„И на слика каде се гледа дека нема публика, како фоторепортер го поставуваш, го проблематизираш прашањето зошто нема публика“

На Спасовски публиката му недостига дури и кога ќе се сети на непријатностите што како спортски фотограф ги имал при „блиските средби“ со неа.

„Победа играше со Силекс во Прилеп, и по една судиска одлука влегоа две илјади луѓе на теренот. Се случи јуриш. Среќа тогаш Јане Николоски, голман, а денеска спортски директор на Победа, ме фати и ме извлече …“

Споменувајќи ја Победа, го прокоментира и поразот на македонскиот фудбал, како чија парадигма го издвои тоа што сега тимот од градот под Марковите кули нема свој стадион.

„Со колегите од „Екипа.мк“ планираме да издадеме една книга, монографија по повод 25-годишнината од репрезентативниот фудбал во самостојна Македонија. Копајќи така низ мојата архива налетав на слика од фудбалски натпревар во Прилеп, на Победа, каде се гледа дека е полно со народ. Денеска во Прилеп нема стадион, а градот беше фудбалски град. Сега прилепска Победа има тим, а нема игралиште, нема домашен терен. Мораат да патуваат и кога играат „дома“ – во Битола, во Струмица, во Штип, во Кичево.“

„Некогаш среќата, а некогаш искуството одлучуваат да бидеш на вистинското место“

На прашањето што е неговиот фотографски сон – чие спортско мајсторство сака да успее да го „замрзне“ во една слика, Спасовски ни одговори дека не му е предизвик да фотографира ѕвезди, туку …

„Сакам да сликам ситуации како дуелот меѓу Иниеста и нашиот Елиф Елмас, кога играа Македонија и Шпанија. Дете од 18 години, игра, се бори, со ѕвезда. Сакам таква инспирација.“

Како не мала сатисфакција, пак, Спасовски го спомена тоа што од мадридски Реал изразиле желба за соработка на фудбалските кампови на „Кралевите“, како оној што се одржа во Скопје за деца од 7 до 17 години, откако во најтрофејниот европски клуб ги пофалиле фотографиите со кои го покрил настанот.

Од кампот на Реал Мадрид во Скопје

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here