Незаобиколен деликатес за поклониците на Aphex Twin! Бристолскиот независен месечник за музика и култура, Crack Magazine, во својот декемвриски број го има магот на насловната страница (која, ако го купите онлајн изданието, „оживува“ во збогатена реалност/augmented reality, преку новата апликација на магазинот), а за односното интервју со право насловено „Aphex Twin’s mask collapses“ („Уривање на маската на …“), именуваниот вели дека е последно што ќе го даде за долго време. Веднаш ќе го споделиме и воодушевувањето од совршената графичка опрема на текстот, со илустрации на Weirdcore (дизајнерот кој од 2009 година работи со Aphex).

Музичарот чија музика кога би ја снемало би се отворила голема црна дупка во креативниот универзум што би повлекла многу од творештвото на неговите колеги на кои им ги отвора хоризонтите последниве скоро три децении, во интервјуто вели дека ако некој би му рекол оти може да има што и да посака во Универзумот, првиот избор би му бил да си ги слуша своите траки.

„Ако некој би ми рекол дека можам да имам што и да посакам во Универзумот – телепортација, да бидам невидлив, да патувам низ времето, што и да е – мојата прва желба би била да ги слушам моите траки. Без разлика дали оние заборавените, или загубените, или оние од иднината што уште не сум ги направил. Да ги откријам тие касети беше подобро од телепортација за мене“, вели Aphex, споделувајќи го воодушевувањето што нашол касети со своја заборавена музика од пред деведесеттите.

Својата колекционерска страст за плочи на кои троши „неразумни“ суми пари, ја објаснува раскажувајќи случка од детството:

Имав околу 16 години кога мојот најдобар пријател ја купи плочата на Mike Dunn, Tracks That Move Ya“, со осум есид траки. Живеевме во Корнвол, а тој отиде во Лондон и ја купи. Немаше начин да ја добијам оваа плоча бидејќи не одев во Лондон, а тогаш немаше интернет, па тој ми рече дека ќе ми ја продаде за 30 фунти, кои тогаш беа како 100 за мене. Се сеќавам дека кога му платив, а тој ми ја даде плочата, ме погледна со поглед кој велеше – „ти си идиот“ што плаќаш толку многу. А јас си помислив, „да, но јас ја добив оваа неверојатна плоча, а ти само парчиња хартија во раката.“

Насловната страница на декемврискиот Crack Magazine, која, ако го купите онлајн изданието, „оживува“ во збогатена реалност/augmented reality, преку новата апликација на магазинот

На констатацијата, пак, на новинарот на Crack Magazine дека е прв и можеби единствен етаблиран музичар од пред-интернет ерата што целосно ја прифатил слободата на онлајн дистрибуцијата, Aphex одговора потенцирајќи ги парадоксите на денешницата:

Аплоудуваш трака, онлајн е само минута, и веќе илјадници ја слушнале! Траката е долга пет минути, а веќе после една минута луѓе ја коментираат. Добиваш фидбек дури уште пред да ја слушнат песната. Ова е брилијантно на одреден начин, но исто така прилично застрашувачко.“

Особено интересен е делот од интервјуто каде Aphex отворено зборува за својата потреба од социјална изолација …

Знаете, јас ги сакам луѓето, навистина, но многу ми е напорно да разговарам лице-в-лице. Добивам премногу информации … а не го сакам тоа. Во ред е ако човекот добро го познавам, но ако не, тоа ми е претерано … Ако имам настап, не сакам да видам никого шест месеци после тоа, освен блиските пријатели и семејството …

Кога зборуваш, кога си во интеракција со луѓе, ограничен си од јазикот, од твојот речник. Мислиш на својот јазик, па твојот јазик и ти диктира како ќе мислиш. Но, кога правиш музика не. Затоа толку го сакам правењето музика. Не си ограничен од речникот и од зборовите. Да, ќе западнеш во обрасци и трендови, но можеш да стигнеш кај сакаш. Тоа не можеш да го направиш со јазикот. Да, можеш да бараш и најдеш повеќе зборови, но ова е бесконечно само во уметноста, во музиката.“.

Целото интервју можете да го прочитате овде.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here