Колку повеќе од одлуките во важни сфери како здравствената заштита, сообраќајот, безбедноста …, човештвото им ги препушта на компјутерите, толку е поитно да се разбере како машините гледаат на светот, во смисла на пресретнување на опасноста од, на пример, автономно возило чиј „алгоритамски поглед“ не може соодветно да забележи човек на пешачки премин.

Како неретко во историјата, со антиципирање на последиците од општествените промени (кои секако ги подразбира ова препуштање на алгоритамска контрола во сѐ повеќе ситуации кои за луѓето можат да бидат опасни) први во костец се фаќаат уметниците, меѓу кои The Verge го претставува Tom White, чија уметност го отсликува светот, но не како што го гледаат луѓето, туку машините.

White почнал да твори во овој правец во 2017 година, со серијата принтови „The Treachery of ImageNet“, чие име е комбинација од насловот на познатата слика на René Magritte (The Treachery of Images), на кој под насликаното луле стои „Ова не е луле“, и ImageNet, базата на податоци од слики што се користат за подучување и тестирање на алгоритмите за машинска визуелна перцепција. Паралелата е јасна – она што луѓето го препознаваат на сликите на White, најчесто не е тоа, додека алгоритмите знаат што е. Човек во овие слики ретко може да види нешто повеќе од апстракција со дамки и линии (дел од персоналот на The Verge кој добил задача да каже што гледа на сликите, нагаѓа врз база на асоцијации), но, алгоритмите обучени да го гледаат светот за наше добро, без проблем препознаваат ајкула, двоглед, акт …

Уште од шеесеттите години се правеле обиди да се научат компјутерите да гледаат, но последниве години, со развојот на вештачката интелигенција, особено длабинското машинско учење, се појавија софистицирани системи за визуелна перцепција кај машините, кои во контекстот се подобри во одредени работи од луѓето. Алгоритми за визуелна перцепција веќе можат да идентификуваат канцерозни тумори подобро од доктор, или да препознаат разлики меѓу стотици различни раси кучиња за милисекунда.

Работата на Tom White предизвикала немало внимание во заедницата посветена на машинското учење, и тој ќе го има првото големо претставување месецов, како дел од изложбата на дела на вештачка интелигенција во Индија, во галеријата Nature Morte во Њу Делхи. Таму ќе изложи принтови – „мачканици“ боја, дизајнирани да бидат препознаени како „несоодветна содржина“ (inappropriate content) од страна на алгоритмите на Google, истите што се употребуваат за да се филтрира она што го гледаат луѓето низ светот. Уметникот сепак вели дека намерата не му е со својата уметност да предупредува на опасностите од човечкото потпирање на машините кои многу различно го перципираат светот.

За The Verge White изјавил дека своите дела ги дизајнира со цел „да го види светот низ очите на машините“, на кои сака да им даде „глас да се изразат“.

„Гласот“ е всушност серија од алгоритми кои ги земаат податоците на кои се подучувани алгоритмите за машинска визуелна перцепција – се работи за бази на податоци од илјадници слики или објекти – и ги „дестилира“ до апстрактни форми. Потоа овие апстракции се враќаат во истите алгоритми за дa се види дали ќе има препознавање. Ако нема, сликата се модифицира и се враќа назад, одново и одново, додека не се успее. Ова е процес на обиди и грешки што всушност резултира со обратно инженирање на алгоритамското разбирање на светот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here