Неговата кариера е демонстрација на значењето на латинскиот збор што му беше мото – excelsior, што значи секогаш нагоре. Поинаку и не може да се објасни како Stan Lee, кој вчера почина на 95-годишна возраст, самостојно е одговорен за најголемиот дел од супер-херојскиот универзум на Marvel (меѓу стотиците ликови што ги креирал или кокреирал, ќе ги издвоиме Spider-Man, X-Men, Fantastic Four, Hulk, Iron Man, Thor, Daredevil, Black Panther, Doctor Strange), со влијание врз популарната култура споредливо само со она на Walt Disney.

Lee ги измисли несовршенитесупер-јунаци (како што ги нарекуваат – супер-јунаци „со грешка“), како „апгрејд“ на ерата на еднодимензионалните „супермени“ без внатрешен живот, а со приказни што се исцрпуваат во надворешна акција (од која човек брзо се заситува – мојата генерација се сеќава какво откритие ни беше, на пример, Mister No, кој не победува во секоја тепачка и не живее за да ја истера сета светска правда, за разлика од моралните „чистунци“ како Zagor и Blek).

Lee ги измисли јунаците/стрип приказните во кои „тригерот“ е нивниот внатрешен конфликт. Го трасираше патот преку серијалите, до денешните бескрајни и супер-популарни франшизи, зашто уште во шеесеттите почнал да пишува приказни што никогаш не завршуваат – може да имаат привремени краеви, „станици“ на кои ќе се ослободи насобраниот набој од некоја конкретна мисија на супер-јунакот, чии, пак, внатрешни конфликти остануваат.

„Твитот“ со кој DC го испрати Stan Lee

Хероите на Lee се неретко отпадници, жртви на предрасудите на луѓето, заплеткани во морални мрежи како оние на Spider-Man, кој е „гигче“, жртва на „булинг“, а подоцна и супер-моќите не му помагаат на човекот зад маската да стане „поприлагоден“ во општеството, како што бара човечката природа.

Начинот на работа на Stan Lee е брендиран како Марвеловски метод“ – им давал на илустраторите/цртачите краток синопсис, па откако ќе ја постават приказната оставајќи простор за дијалозите, се навраќал пополнувајќи ги „облачињата“. Со овој метод цртачите добивале поголем креативен простор (отколку ако им биде дадено сценарио во кое се „затворени“ сите детали), за придонес во градењето на приказната, но доаѓала до израз и една потемна страна од карактерот на Lee, кој кај дел од соработниците не бил многу омилен – го обвинувале дека неосновано присвојувал преголем дел од кредитите (и од авторските права).

Самиот Lee беше комплексен како неговите креации – карактери (Jack Kirby кој од Marvel заминал во DC поради Lee, својата огорченост од последниот ја истурил креирајќи го негативецот Funky Flashman, што се смета дека е сатирична карикатура на Lee), но очигледно сакал подготвен да замине на „оној свет“, зашто во интервју од минатиот месец за The Daily Beast, на прашањето што останало на неговата листа со желби откако постигнал толку многу, одговори: „Да ги оставам сите среќни кога ќе заминам“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here