„Најстарата и најсилна човечка емоција е стравот, а најстар и најсилен вид страв е оној од непознатото“, е цитат од H. P. Lovecraft (кому треба да се верува кога стравот е во прашање), со кој почнува нискобуџетниот научно-фантастичен филм „The Endless“ (2017).

Режисерите Justin Benson и Aaron Moorhead, од кои првиот е и сценарист, а двајцата се и во главните улоги, на оваа мисла на американскиот мајстор на хоророт го градат филмот кој е метафора за стравот од непознатото, под кое Lovecraft дефинитивно го подразбира натприродното, што не може да се објасни „материјалистички“, а претпоставува постоење на паралелна, духовна стварност.

Benson и Moorhead не се занимаваат со луѓето кои когнитивна дисонанца што им настанува по средба со непознатото/натприродното се обидуваат да ја разрешат со потиснување, со логика која ја нема, но, „мора да постои (логично објаснување)“.

Во „The Endless“, двата главни лика, откако непознатото-натприродното „широко ќе им ги отвори очите“, одбиваат да го игнорираат постоењето на другата“ стварност, во која можеби е и решението за најголемиот проблем на човекот (кај одредени луѓе на свесно ниво, а кај други потиснат), проблемот на смртта.

 

Имено, Aaron и Justin се браќа (во филмот ги користат своите вистински имиња) кои пред десетина години се извлекле од „самоубиствен НЛО култ“, но откако добиваат видео-касета од член на култот, одлучуваат макар на еден ден да се вратат, главно на инсистирање на помладиот брат (Aaron), чии сеќавања од Кампот Аркадија се идилични (инаку, во митологијата Аркадија е синоним за идила) – на дружење покрај логорски оган, вкусна, природна храна; што е во остар контраст со нивниот живот во „вистинскиот“ свет, каде одвај преживуваат чистејќи по куќи.

Без спојлери, ќе кажеме само дека браќата во Аркадија добиваат причини подолго да се задржат …

The Endless“ е извесно продолжение на филмот на Benson/Moorhead од 2012 година, „ Resolution“, каде, исто така, се појавија и како актери во мали улоги на членови на НЛО култот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here