Годинава што привршува не е токсична само во Скопје, туку и во светот, и на својот традиционален избор, Оксфордскиот речник (Oxford Dictionary) за Збор на годината (Word of the Year) ја прогласи придавката „токсично“ (toxic).

Оксфордовиот Збор на годината се избира како најсоодветен за да го изрази духот, расположението или она со што светот бил преокупиран во годината на заминување.

Годинава, повеќе од кога и да е, луѓето го користеле зборот „токсичен“, за да опишат најразлични нешта, ситуации, причини за загриженост, настани.

Во 2018, „токсично“ додаде многу жици (тетиви) на својот отровен лак, станувајќи отровен индикатор за темите за кои најмногу се зборуваше“, стои во објаснувањето на Oxford Dictionary, чии податоци покажале раст од 45% на бројот на пребарувања на зборот „toxic“ во 2018.

Контекстите во кои бил пребаруван зборот на годината се движат од интерес за токсични хемикалии (toxic chemical; поврзано со труењето со нервен гас на Скрипал и неговата ќерка, и со соодветната загриженост за тоа кој сѐ има пристап до залихи од отровни хемикалии); за токсичен отпад, кој кога во одредени индустрии се гори ослободува токсични гасови, што се идентификувани како една од повеќето причини за токсичноста на воздухот.

„Загадувањето на воздухот стана примарна причина за загриженост кога е во прашање јавното здравје“, стои во текстот на Oxford Dictionary, “и глобалното внимание го достигна врвот во октомври, кога Светската здравствена организација објави извештај за квалитетот на воздухот што го дишат децата низ светот, а извештајот ја опишува оваа загаденост како отровен воздух, што јасно и моќно ја демонстрира својата отровна природа.“

Терминот токсична средина годинава често бил употребуван не само во однос на физичкото загадување, туку и како метафора за штетните работни опкружувања чија цена ја плаќа менталното здравје на вработените. Тука спаѓаат штетите од преоптоварувањето на работниците, до сексуалното вознемирување, поради што многу компании се обвинети за токсична култура, при што се наведуваат и неодамнешните протести на вработените во Google.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here